1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Панајотис Сотирис предава социологија, социјална и политичка филозофија на Отсекот за социологија на Егејскиот Универзитетот во Митилена на грчкиот остров Лезбос. Член е на кооринативниот одбор Антарсија, фронтот на грчката антикапиталистичка левица. Неодамна, во организација на Центарот за работнички студии во Загреб се одржа предавање на тема „Грција: општествените конфликти, кризата и предизвиците за левичарската стратегија“. Разговаравме за некои аспекти од неговото излагање кои се однесуваат на моменталната ситуација во грчката левица, како и за перспективите на борбата.
Меѓу најинтересните делови од вашето предавање во Загреб беше вашиот решителен став дека излегувањето од Европската унија е еден од начините за решавање на кризата, не само во Грција туку и генерално. Евроентузијастите велат дека секој таков обид скапо би го чинел секого кој би се обидел да го направи тоа. Значи, дали воопшто е можен позитивен исход на една таква акција?
Мислам дека во последните пет години откако поминуваме низ економската криза, јасно се покажа дека нема никакво место за ентузијазам во поглед на Европската унија. Токму спротивното, сите досега веќе моравме да сфатиме дека евроинтегративниот процес е агресивен и авторитарен проект. Освен тоа, стана повеќе од јасно дека еврото како валута и целокупната финансиска и монетарна архитектура на еврозоната, наместо да ни донесат просперитет, само нè доведоа до рецесија, до зголемување на невработеноста, до ерозија на производствената база во земјите од периферијата и до социјални нееднаквости. Во исто време, како одговор на сите тие негативни тенденции, од делот на водечките земји во ЕУ, особено од Германија, не стигна солидарност со земјите кои се во криза, туку дополнителна економска агресија. Исто така, Грција беше ставена под своевидна дисциплинирачка економска супервизија, за со текот на времето да стане земја за тестирање на неолибералната шок терапија. Во светло на кажаното, излегувањето од еврозоната, а подоцна потенцијално и од Европската унија е тежок, но неопходен чекор. Тоа треба да се направи, без разлика колку големи ќе бидат барањата. Знаеме дека во почетокот ќе биде тешко, но тоа е вредно на сиот наш труд, особено ако земеме предвид дека со мерките за штедењето ќе бидеме соочени барем до 2024 година, а економската супервизија над Грција би требало да трае до 2030 година, што, всушност значи перманентно. Излегувањето од еврозоната и раскинот со Европската унија не би бил акт на економски шовинизам. Тоа е единствениот начин да ја ставиме економијата под демократски надзор и да преземеме одлучни мерки против невработеноста, се разбира, сè со цел за јакнење на позицијата на работната сила, генерално.
„Специјални економски зони“
За Грција зборувавте како за „специјална економска зона“ (special economic zone) во ЕУ. Што би значело тоа?
Гигантското неолиберално реструктуирање, кое е во тек токму во Грција, ја турна земјата во она што вообичаено се нарекува создавање на „поволна инвестициска клима“. Тоа е дел од таканаречената стратегија за интерна девалвација. Тоа значи дека платите мораат да бидат намалени, работното законодавство и заштитата на работниците генерално мораат да се стават вон сила, додека барањата на експертите, пред сè оние поврзани со екологијата и археологијата, мораат да бидат занемарени, а сè со цел инвеститорот да биде задоволен. Значи, тоа е логиката на постоењето на „специјалните економски зони“ во рамките на ЕУ. Со други зборови, водечките економии од Европската унија сакаат да го претворат европскиот југ во некаков вид „специјална економска зона“ со евтина работна сила и без поголеми административни пречки за „инвеститорите“. Најпосле, тоа води кон она што се нарекува „трка кон дното“, односно намалување на приходите на работниците и намалување на нивото на социјалната заштита, како и општо влошување на животните услови за поголемиот дел од популацијата.
Кои беа последиците, односно социјалните ефекти од Олимписките игри во Атина? И тоа го споменавте кратко во своето излагање. Дали Игрите донесоа промени само во урбаната структура на Атина или најавуваа и нови односи во целокупното грчко општество кои ќе кулминираат неколку години подоцна, а кои ќе ги карактеризираат процесите за приватизација на комуналните служби, намалувањето на цените на трудот, деградацијата на заедничките простори, стихиите наместо планирањата итн.?
Во тоа време сите зборуваа за Олимписките игри како за можност за раст и развој. Во реалноста, огромните и прескапи градежни и секакви други работи поврзани со Игрите им донесоа голем профит само на некои градежни компании. Со тоа, токму тогаш почна да се согледува и проблемот со долгот. Само да напоменам, некои од големите градежни компании имаат, како што имаа и тогаш, пресудно влијание на главните медиуми во Грција, пред сè на телевизиите, што генерално гледано, секако може да се вброи во лошиот резултат на грчките медиуми, а што на крајот резултираше и со крах на централната телевизија. Беше како што беше, дел од должничката криза е трасиран токму во претерано високата цена на чинење на Олимписките игри. Целиот период пред Олимписките игри беше период на општ напад на работниците. Сето тоа заедно беше легитимирано со таканаречените високи цели и ургентната потреба работите да се завршат во предвидениот рок. Во исто време, промените кои се имплементирани во градските планови и кои се гледаат преку примената на новите регулаторни зони во градот, само го помогнаа понатамошниот раст на крупниот бизнис.
Каква е позицијата на Антарсија во рамките на широката лева сцена во Грција?
Антарсија е фронт на грчката антикапиталистичка левица. Имаме повеќе од три илјади членови и многу сме активни во студентското движење, во синдикатите, во локалните движења и во антифашистичката борба. Мислиме дека единственото решение за грчката криза е она радикалното, кое вклучува моментално излегување од еврозоната, прекин на односите со Европската унија, стопирање на понатамошната исплата на долгот и национализацијата на банките и стратешките индустрии. Во таа смисла, се разликуваме од Сириза која инсистира на можноста да се ослободиме од мерките за штедење, но притоа да останеме во еврозоната. Мислиме дека не е време за „реализам“ и „прагматизам“, односно сметаме дека радикализмот е нашиот единствен денешен реализам. Исто така, мислиме дека мораме да имаме доверба во силата и колективната способност на луѓето за борба. Затоа мислиме дека, зборувајќи генерално, левицата од една страна мора да се бори за да го зајакне движењето и да се организира дополнително, а од друга страна во таа и во сите следни борби мора да може да се потпира на силите одоздола.
Ја споменавте Комунистичката партија на Грција (KKE) во негативен контекст. Каков е нивниот проблем?
И покрај својот долг историјат на хероизам и борба, и своите историски важни односи со народните маси, ККЕ за време на кризата во последните неколку години се определува за потполно катастрофална тактика. Најпрвин, инсистира дека денес не е можна никаква битна промена и упорно одбива секаква соработка во заедничката борба со другите партии од левицата. Навистина, Комунистичката партија, зборува за „силата на народот“ и „социјализмот“, но во исто време ја позиционира својата тактика токму спротивно од она што го зборува. Тоа оди дотаму што ја потценуваат силата на движењето и го негираат потенцијалот за радикална промена и тоа во земја каква што е Грција, во која кризата е толку длабока политички што јасно се гледа дека долгата серија борби денес добила практичен востанички карактер.
За новиот тип политика
Кога сме веќе кај историските грчки сили, секоја од нив на некој начин има своја традиција и во раните борби, како онаа од четириесеттите. На која традиција се повикува новата левица (Антарсија, Сириза)? На Народноослободителната војска на Грција, ЕЛАС (Ellinikos Laikos Apeleftherotikos Stratos)?
За секого од грчката левица е неизмерно важно наследството на народниот отпор од времето на окупацијата. Во тоа време Комунистичката партија ја држела вистинската линија, комбинирајќи ја народноослободителната борба со борбата за социјална еманципација. Воедно, тоа била и главната и масовно прифатена линија во сите делови на Грција. Само таквиот пристап можел да изгради толку масовно движење, без слични примери во националната историја. Исто така, битно е да се истакне дека Народноослободителниот фронт можел да биде изграден на тие темели и затоа што се создал како опозиција во однос на секакво секташтво. За жал, серијата сериозни стратешки грешки на Партијата, здружена со насилната интервенција на британските и американските империјалисти, најпосле го доведе до пораз движењето на крајот од граѓанската војна. Генерално, ние денес и понатаму размислуваме во рамките на широките социјални и политички фронтови, со радикалната програма која претпоставува борба против политиката на Тројката – ММФ, Европската комисија и Европската централна банка – како и против грчките капиталисти. Фронтот секогаш мора да има предвид дека радикалната опција за Грција е токму нејзината единствена можност, опција која веќе нема да го земе предвид еврото како валута, неолиберализмот како доминирачка политика во ЕУ, политиката на штедење како единствена можна политика за внатрешна употреба. Значи, потребна е радикална алтернатива која мора да биде отворена кон социјалистичката перспектива.
На крајот останува прашањето, што да се прави? Изгледа дека останува само борбата со неизвесен исход, особено откако зајакна десницата преку Златна зора?
Мораме да продолжиме да се бориме. Ни требаат уште штрајкови, уште помасовни демонстрации, уште окупации. Треба да изградиме мрежа на солидарност и облици за народна демократија и притоа да се потпреме на силите одоздола. Треба да осмислиме форми на дејствување кои ќе ги обединат луѓето, кои ќе ја зголемат довербата на луѓето во нивните сопствени сили и ќе овозможат постојано осуетување на плановите на Тројката и владите. Со тоа, не смееме да изгубиме од вид дека порастот на Златна зора е резултат токму на неспособноста на левицата да ги инспирира најважните сегменти кај народот кон борбата. Исто така, фактот дека лидерот на Златна зора е зад решетки ни приближно не значи дека сме завршиле со нив. Мораме да продолжиме да се бориме против фашизмот и мора да се создадат такви услови работниците, и пред сè, младите луѓе во иднина да не бидат привлекувани од реакционерниот и расистичкиот дискурс на оваа партија, особено затоа што таа отворено се залага за пробизнис политиката. Мислам дека само на тој начин најдобро ќе се сеќаваме на Павлос Фисас и сите останати жртви на неонацистичкото насилство. Најпосле, мораме да градиме левица која ќе биде способна да дава адекватни одговори на предизвиците со кои сме соочени. Потребна ни е елаборација на радикалната алтернатива. Не ни треба ниту празниот антикапиталистички вербализам ниту левиот прагматизам, туку конкретна програма која, како што веќе нагласив, мора да опфаќа моментално излегување од еврозоната, национализација и прекин на отплатата на долгот. Исто така, мораме да осмислиме нов облик на влада и нов тип политика кои би воделе кон радикални трансформации во општеството и во движењето, а не да се губиме во термините на поблагата верзија од мерките за штедење или произведувањето на таканаречената прогресивна политика. Мораме да отвориме дебата за тоа што би значел социјализмот за 21-от век. Мислам дека ние во Антарсија придонесовме за таква дебата така што практично ја отворивме и помогнавме левицата да стане преовладувачка политичка сила, значи онаа која може да биде главен фактор на социјалната и политичката динамика која на крајот, сосема сигурно, сите нас ќе нè доведе до победата против мерките на штедењето, Тројката и неолибералниот капитализам.
Извор: http://www.novossti.com