Како нацистите го лажирале животот во еврејските гета

21.11.2013 13:24
Како нацистите го лажирале животот во еврејските гета

За време на Втората светска војна, нацистичките власти три пати снимиле пропагандни филмови, кои би требало да го претстават гетото во Терезин како културно живо место. Во нивните филмови Евреите седат во кафулиња, играат и свират свинг, децата си играат на игралишта... а сето тоа трае само додека камерите не се исклучат.

Содржината на овие филмови ја реконструираше филмскиот архив на Чешка во соработка со Еврејскиот музеј во Прага. Вистинскиот живот во Терезин не смеел да биде прикажан пред камерите. Евреите морале да бидат добри глумци, инаку ги чекала речиси сигурна смрт во логор.

Оние Евреи кои одбивале да учествуваат во ова лажирање на вистинскиот живот во гетото, или кои не ги играле своите улоги доволно уверливо, ги чекала депортација во концентрационен логор.

Ако биле недоволно весели и ако тоа се забележувало на филмот, „глумците“ завршувале во логор. Единствено во германскиот филм снимен во Терезин, еврејските деца можеле весело да си играат и да се лулаат на коњчиња-лулашки. Германците го нарекувале Терезин Propagandlager (логор за пропаганда).

Малите деца можеби во тие моменти не ја фингирале својата среќа при детската игра, но можеле да си играат само пред камера.

„Нацистите успеале да режираат многу работи, но стравот во очите на затворениците не можеле да го променат“, вели историчарката Ева Струскова.

Терезин и пропагандата

Градот Терезин се наоѓа на шеесетина километри северозападно од Прага. Местото било претворено во логор за Евреи. Германците тврделе дека треба да ги одвојат Евреите од останатите луѓе за да се избегнат етничките судири.

Нацистите ја залажувале јавноста прикажувајќи го Терезин како бањско гратче во кое Евреите одат на лечење. Секако, не зборувале јавно дека планираат да ги истребат сите до еден.

Во екот на Втората светска војна нацистите ги повикале претставниците на Црвениот крст да го посетат Терезин за да се уверат со свои очи што се случува таму. Меѓународната делегација дошла во Терезин 1944 и пролетта 1945. Нацистите дале сѐ од себе за да го разубават градот.

Од зградите биле извадени сите броеви кои означувале делови од логорите и на нивно место поставувале имиња на улици кои звучеле симпатично и привлечно. Една од зградите била уредена да изгледа како банка. За илузијата да биде целосна, отвориле и детска градинка, неколку продавници, па дури и кафуле во центарот на градот. Биле обновени фасадите на куќите, било засадено зеленило во градскиот парк и изграден павилјон во кој оркестар свирел музика.

Благодарение на совршено режираната измама, делегатите во своите извештаи го опишале Терезин како обичен еврејски град и навеле дека неговите жители живеат добро.

Откако делегацијата на Црвениот крст го напуштила Терезин, Евреите и понатаму биле изложени на страдања, глад и смрт. Само малкумина го доживеале крајот на војната.

Извор: 6yka.com

ОкоБоли главаВицФото