Страв од побуна

22.11.2013 11:49
Страв од побуна

Глобалната елита стравува од пораст на социјалните тензии. Исклучително високата структурна невработеност во многу економии, сиромаштијата и продлабочувањето на економската нееднаквост во голем број региони, за глобалните носители на одлуки претставуваат најголеми предизвици во претстојниот период.

Тоа е резултатот од анкетата на Светскиот економски форум спроведена меѓу 1.500 носители на одлуки. Светскиот економски форум е познат по организирањето состанокот во швајцарскиот Давос, на кој еднаш годишно се собираат менаџери, политичари и интелектуалци.

Елитите ја сметаат распространетата структурна невработеност за најголем политички проблем на нашето време. Повеќето испитаници од Европа, Северна Америка, Африка и од Блискиот Исток веруваат дека борбата против невработеноста е најакутен проблем на секоја влада. Само во Азија и Средна Америка носителите на одлуките имаат поинакво мислење.

Најголема загриженост социјалните немири предизвикуваат во Европа. Секој петти испитаник смета дека големата невработеност во Европа ќе биде клучен предизвик следната година. Исто така, многумина стравуваат дека европската економија ќе се мачи и во 2014, што дополнително ќе ја заостри социјалната напнатост. Во многу европски економии невработеноста минатите години е во постојан пораст. Најтешко се погодени младите. Невработеноста на младите помеѓу 15 и 24 години изнесува 24% во ерозоната, а во Грција, Шпанија и Хрватска повеќе од 50%.

„Генерацијата која ја започнува својата кариера во крајна безнадежност, е повеќе склона да ја подари својата доверба на популистите и веројатно целиот професионален живот ќе биде ускратена за основните квалификации кои се развиваат во раната фаза на вработувањето“, сметаат испитаниците. „Луѓето“, а посебно младите, мораат да се вработат продуктивно; во спротивно ќе доживееме крах на општествената кохезија.

Во текот на минатите месеци дојде до демонстрации и нереди токму во земјите во кои невработеноста е изразито висока. Во Италија и Португалија кон крајот на октомври протестираа десетина илјади луѓе против политиката на штедење. Во Грција од избивањето на кризата штрајковите и протестите станаа дел од секојдневието. Во почетокот на ноември уште еден генерален штрајк ја парализираше Грција.

И во Франција, втората најголема економија во еврозоната, по насилните протести на бретонските фармери расте стравот од социјални немири. Десничарскиот фронт е најпопуларна политичка сила во земјата, според сите истражувања на јавното мислење.

Причина за загриженост е и порастот на економската нееднаквост, која испитаниците од Северна и Јужна Америка и од Азија ја гледаат како најголем предизвик во нивните региони. „Порастот на имотната нееднаквост ја загрозува стабилноста на општеството на национално ниво и претставува сериозна закана за меѓународната безбедност“, пишуваат авторите на извештајот на Светскиот економски форум.

„Темата не е нова и има сѐ позначајна улога“, објаснува водачот на истражувањето Мартин Гмир, „анкетираните стручњаци го делат мислењето дека ја запоставивме оваа тема и дека не ѝ пристапивме сериозно“.

Едно од најважните прашања е и порастот на социјалните тензии во земјите на арапската пролет. Испитаниците сметат дека најголем светски предизвик во следните неколку месеци ќе биде политичката и економската стабилност на овој регион.

Светскиот економски форум ексклузивно за Die Welt ги вреднуваше одговорите на германските испитаници. Тука се гледаат значајни отстапувања од светскиот просек. Од аголот на германските носители на одлуки, најголема закана претставува структурната невработеност и кибер-нападите. За нив безбедноста на интернетот е најголем предизвик следната година.

Оваа тема е веќе на дневен ред во германската политика. CDU/CSU и SPD за време на коалиционите преговори постигнаа договор дека мораат да пријават доколку компаниите од посебно чувствителните области, како енергетиката и банкарството, станат жртва на кибер-напад.

Подеднакво важни за германските носители на одлуки се структурната невработеност и падот на довербата во економската политика. Меѓутоа, ова не е резервирано само за Германија. Анкетираните носители на одлуки забележуваат распространет светски феномен дека населението ја губи довербата во политиката и другите институции како банките. Десет проценти од анкетираните го сметаа ова за најголем предизвик во идната година.

Извор: Die Welt