Дракули од соседството

26.11.2009 11:18
vampire-eyes-sm.jpg

Кога овие неколку месеци во кино-салите се појави филмот „Млада месечина“, новата филмска екранизација на романот на вампирскиот тин-серијал на Стефани Мејер, кино-прикажувачите задоволно почнаа да ги тријат рацете.

Вториот филм за средношколката Бела Сван и нејзиното момче кое е бесмртен вампир, судејќи според реакциите на публиката, сигурно ќе биде младешки општествен настан на есента. Родителите и педагозите тврдат дека Стефани Мејер, по Џ. К: Роулинг, ја продолжи навалицата за читање за уште една генерација.

Девојките воздивнуваат по бледиот, аристократски Едвард (Роберт Патинс), а вампирите дефинитивно се – во мода.

Верувањата на различните култури

Но, дека декадентните крвопијци се нешто како културен тренд може да се заклучи и да не постоеја купот тинејџерски романи на мормонската писателка од Аризона. Само во изминативе две години во светот се појавија два успешни филма и една ТВ серија кои на нетипичен начин ја експлоатираат темата на вампирите.

Минатата година во шведските, а потоа и во светските кина се појави интригантниот филм „Нека влезе оној вистинскиот“ на Томас Алфредсон за односот меѓу едно момче и бесполов(а) вампир(ка) Ели во една стокхолмска населба. Во САД, HBO минатата година на својата кабелска ТВ ја прикажуваше серијата „True Blood“, која се одвива во светот во кој вампирите „излегле од шумите“ и легално се хранат со синтетичка крв. Пролетва во Кан критиката еуфорично го поздрави новиот филм на „корејскиот садист“ Парк Чан-Вук во чиј филм „Жед“ еден католички свештеник, кој работи како мисионер во Африка, се заразува преку инфузија и станува вампир. По враќањето дома, тој живее така што во болницата краде кеси со крв за трансфузија, за потоа да се заплетка во брачна крими незгода.

Во Британија истовремено се прикажува серијата на Би Би Си „Being Human“, за вампир кој живее во современ Лондон. Но тоа не е сè: во подготовка се дури два филма за Дракула, Тим Бартон подготвува адаптација на една стара американска ТВ серија „Dark Shadows“ со Џони Деп во главната улога, а се шпекулира и за серијал според популарните вампирски романи на Ен Рајс. Значи, очниците и восочниот тен се во мода.

Се разбира, вампирите се во филмовите откако филмот постои. Не треба да се чудиме што вампирството како литерарно општо место на својот врв било токму во времето кога за првпат завревиле проекторите на браќата Лумие. Ако и’ веруваме на сезнајната Википедија, вампирите и верувањето во суштетсва кои цицаат крв се својствени за речиси сите култури од Европа, Азија и Африка.

Вампирите во книжевноста

Самиот израз „вампир“ има словенско потекло, а се раширил низ Европа откако делови од Србија паднале под автроунгарска управа која таму открила необичен сплет на празноверие, и затекнала обреди како што е пробивањето трупови со колец.

За време на 18 век Прусија, Шлезија и Англија бележат масовни хистерии поради наводниот вампиризам, а австроунгарската кралица Марија Тереза дури испратила еден холандски лекар во Србија и Босна за научно да истражи дали има нешто во приказните за вампири.

Во западната книжевност, вампирите влегуваат во 1819 г. со расказот „Вампир“ на просечниот романтичарски писател и личен лекар на Бајрон, Џон Полидори, но дефинитивната популарност фантазијата за балканските крвопијци ќе ја достигне со двете класични дела на англосаксонскиот pulp, „Кармила“ (1872) на Шеридан Ле Фану и „Дракула“ (1897) на Брем Стокер. „Дракула“, која Орвел иронично ја нарекол „една голема лоша книга“, ги претвори вампирите во општо попкултурно место, и поврза две мрачни западни фасцинации: Балканот и женската сексуалност.

Викторијанската перспектива

Филмските археолози првиот вампирски филм го лоцираат во 1909 г., кога настанува немиот американски филм „Вампир од брегот“. Вампиризмот – ни малку не чуди – е омилена тема на немиот екпресионизам, па така рани класици снимаат Фридрих Мурнау (Носферату, 1922) и Карл Теодор Дрејер (Вампир, 1932), а вампирски филмови снимале и Рожер Вадим, Вернер Херцог, Полански, Копола, Абел Ферара, Кроненберг, Стивен Кинг и Џон Карпентер. Такви филмови се снимале во Мексико, Хонг Конг и Турција, а во поранешна Југославија снимен е некогаш култниот вампирски хорор „Leptirica“ (1973) на Ѓорѓе Кадијевиќ.

Културните теоретичари, психоаналитичарите и марксистите ја обожавале филмската вампиристика. Како што забележуваат повеќето балканолози, филмовите (посебно оние за Дракула) го прикажувале западњачкиот страв од источна Европа и Балканот како простор на незауздани страсти, мрачни нагони и ирационалност. За викторијанскиот свет, заплетите за вампирите биле начин да се тематизира стравот од сексуалноста (посебно од женската), но и антиаристократските чувства кон правливите остатоци од старите времиња - благородништвото.

Како што стравот од опсценото и еротското му го отстапувал местото на полибералниот однос кон уживањето, така и вампирите во филмот и книжевноста се менувале: наместо одвратните закани станувале отелотворение на секое малцинство, или пак, романтични декаденти, аристократски спротивставени на припростото мнозинство. Токму такви се и во книгите на можеби најпопуларната авторка на вампирска проза, Ен Рајс, која од 1976 до 2003 напиша дванаесет романи за вампирите, од кои првиот („Интервју со вампирот“) беше екранизиран.

За време на 90-те и почетокот на оваа деценија, вампирите во филмот се појавуваа најчесто во грубите, манихејски акциони филмови во кои задачата на главниот лик е да ги истреби. По филмските серијали кои не се разликуваат многу од компјутерските игри со убивање вампири, новите вампирски филмови носат сосем поинаков пристап кон ноќните крвопијци.

Мормонска фикција

Како прво, местото на случувањата е лишено од секаква егзотика: „Нека влезе оној вистинскиот“ се одвива во баналниот кварт со новоградби, а простори на дејствието се зимскиот двор, училишните ходници, базенот. „True Blood“ се одвива во пивница, а „Жед“ во банален малограѓански стан со грозни тапети.

Во шведскиот филм вампирите не се закана, туку водичи кои треба да им го осветлат патот на младите луѓе во криза. Јунакот на шведскиот филм е жртва на училишно злоставување и осаменик: андрогинот вампир го избавува и го носи во нешто подобро, а притоа е забележлив очигледниот расен контраст: детето Оскар е совршено русокос Нордиец, а неговата спасителка има медитерански темен тен и акцент.

Романите на Стефани Мејер често се коментираат како мормонска фикција, фантазија која го слави воздржувањето од сексот. Филмот на Catherine Hardwicke „Млада месечина“ (кој, инаку, е многу подобар отколку што се очекува од еден тинејџерски хит) ги прикажува вампирите како мелем за тинејџерските неволји. Бела Сван е дете од разведен брак, мајка и’ патува со љубовникот – безбол спортист, таа доаѓа од сончевата Аризона во северно село со одбивна, дождовна клима, и таму наоѓа стабилност во крепосното семејство на бесмртните Калин.

Накратко, Бела е жртва на либерална Америка во која родителите мислат на својата слобода и го кршат брачниот завет: засолниште од тоа младата адолесцентка наоѓа во куќата на Едвард.

Корејскиот филм „Жед“, пак, на вампирскиот мотив му дава неочекувана морална заплетканост. Јунакот на филмот е карамазовски свет човек, свештеник мисионер. Вирусот добиен преку инфузија во него го активира „ѕверот“, и тој на почетокот ја контролира својата жед, за на крајот да го прекрши не само воздржувањето од крвопијство, туку и својот целибат.

Накратко, на викторијанската еротска фантазија новите филмови и книги и’ придадоа нови и интересни конотации.

Најнова вампирска продукција (серии и серијали):

Blade (1998, 2002, 2004)

Најуспешниот од современите вампирски серијали беше прекинат по третиот филм, откако Весли Снајпс заврши во затвор поради затајување данок. Снајпс во филмовите глуми полувампир кој им се одмаздува на „своите“ зашто му ја убиле мајката.

Underworld (2003, 2006, 2009)

Акциски хорор серијал во кој вампиризмот е предизвикан од редок вирус. Главниот јунак е Селена (Кејт Бекинсејл), а заплетот е заснован на древниот судир меѓу Вампирите и Ликаните.

Ноќна стража (2004, 2006)

Руски високобуџетен серијал кој ги растури постсоветските филмски пазари. Режисерот Бекамбетов според романите на Сергеј Ликјаненко сними филмови чие дејствие се одвива во современа Москва, во која преовладуваат, во рамнотежата на стравот, Дневната и Ноќната стража.

True Blood (2008, Alan Ball)

Серијата на авторот Ален Бал се одвива во иднината, кога е измислена синтетичката крв, а вампирите, како хомосексуалците, и’ се откриваат на јавноста. Ана Пакин е кафеанџика во јужњачки град, а на новиот „плурализам“ попреку гледаат христијаните и десничарите.

Самрак (2008, 2009)

Серијал според бестселерите на Стефани Мејер, кој стигна до вториот од четирите предвидени филма. Во серијалот, бесмртните вампири, семејството Калин, ги отелотворуваат цврстината и семејното заедништво наспроти растргнатото семејство на осамената Бела Сван.

(филмови):

Cronos (1993, GuIllermo Del Toro)

Мексикански хорор на славниот Дел Торо во кој вампиризмот го пренесуваат – инсектите. Филмот често се толкува како „марксистички хорор“, бидејќи во него еден богат Американец сака да си ја поврати младоста одземајќи им го еликсирот на Мексиканците.

Addiction (1995, Abel Ferrara)

„Католички хорор“ на Ферара и на неговиот сценарист Николас Сент Џон кој го користи вампиризмот како алегорија на наркоманијата. Филмот во својот поголем дел се состои од филозофски дијалози за слободната волја, изборот и вината.

Ultraviolet (2006, Kurt Wimmer)

Мешавина од дистопија и вампирски жанр. „Ultraviolet“ се одвива во годината 2078. Вампирите се производ на мутација и жртви на угнетување од страна на луѓето, а Мила Јовович го глуми главниот лик кој се бори против тиранијата.

Нека влезе оној вистинскиот (2008, Thomas Alfredson)

Шведскиот хит настана по романот на Џон Линдквист и го прикажува односот на угнетуваното момче и андрогината вампирка која го спасува од насилниците.

Жед (2009, Park Chan-wook)

Park Chan-wook во „Жед“ раскажува за католички свештеник кој како мисионер во Африка се заразува преку крвта и станува вампир. Ликот се бори со својата нова зависност и истовремено се вплеткува во љубовен триаголник.

Извор: jutarnjilist.hr

True Blood

True Blood е убедливо најдобрата вамприска серија (оваа есен во Америка почна да се емитува и Вампирски Дневници исто адаптација на книги со слична тематика ко Самрак, ама Вистинска Крв е дефинитивно најдобар филм/серија. КОј не ја гледал, нека ја гледа.

Слични содржини

Култура / Филм
Јавни Простори / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото