За велосипедските работи

23.11.2013 11:25
За велосипедските работи

Како што сите имаме проблеми во последно време со сообраќајов во Скопје, времето си тече, а проблемите се комплицираат. Ова пред сѐ се должи на фактот што сообраќајната инфраструктура во градов ни е таква каква што е, нечепната од таму некаде после земјотресот 1963, а и она што се обновува и прави е строго кампањски и очигледно без никакви студии и долгорочни анализи. Од друга страна, сообраќајната култура и свеста на учесниците во сообраќајот е на многу ниско ниво, и сето ова создава главоболки за сите инволвирани страни. И така сме сведоци на сериозни последици и жртви за кои што секојдневно сме известувани преку средствата за јавно информирање.

Односот на релевантните институции е крајно несериозен и импровизаторски, и во време кога во сите културни земји се обрнува внимание на алтернативните средства за превоз, тука кај нас нема абер од тоа. Па така, ни се случуваат реновирани нови улици и булевари во изминативе неколку години кои се без велосипедски патеки, а на некои места дури и патеките за пешаци се претесни. Дури и на оние улици и булевари каде што има обележани патеки за велосипеди, истиве најчесто се узурпирани од најразноразни попречувачи на движење, како на пример столбови за улично осветлување, носачи за билборди, паркирани возила, контејнери и ред други работи. Дури и оние учесници во сообраќајот што размислуваат за алтернативен превоз, се одвратени од оваа идеја од проста причина што истиов е многу комплициран, посебно за почетници. Од друга страна пак и оние што веќе практикуваат алтернативен превоз, не изразуваат доволно почитување кон поставената сообраќајна сигнализација и сообраќајните правила и на тој начин придонесуваат за зголемување на општата конфузија и сообраќајниот хаос во градов. За жал, читаме за овие работи и во секциите за црна хроника во дневниот печат.

За да се среди оваа ситуација ќе мора да се преземаат подолгорочни мерки и подолгорочна анализа и планирање од сите релевантни институции, но исто така и мерки за подигнување на свеста на сите учесници во сообраќајот во градов. Со досегашниот пристап кон овие проблеми работите од година во година само стануваат покомплицирани и наместо да се движиме напред кон поорганизирана иднина, ние стагнираме. Како пример приложувам и неколку фотографии направени деновиве кои можеби ќе помогнат и ќе нѐ натераат малку да размислиме за овие проблеми.

Слики 1-3 : Велосипеди оставени на пристап за лица со посебни потреби пред МКЦ (една од малкуте јавни институции во Скопје што имаат места за паркирање на голем број велосипеди) од учесници на настанот Критична Маса. На некои дури и им беше укажано дека станува збор за пристап за лица со посебни потреби, но тие со негодување ги преместуваа велосипедите, а како што може да се забележи од фотографиите, други воопшто и не се потрудија. По ова можеби лицата со посебни потреби ќе треба да организираат нивен протест за да си ги бараат своите права од велосипедистите.

1.

2.

3.

Слики 4-6 : Возило на пајак службата паркирано на место за пешаци и велосипеди на многу фреквентна раскрсница. Лично бев сведок како на една постара госпоѓа на велосипед ѝ беше загрозена безбедноста поради тоа што мораше да помине околу возилото по лентите за моторни возила.

4.

5.

6.

Слика 7: Такси возила паркирани на обележана патека за велосипеди. Ова се случува констатно на истава локација.

7.

Со надеж дека еден ден работите ќе почнат да се подобруваат…

Извор: scientific.blog.mk