Уништена меката на њујоршката улична уметност

25.11.2013 08:27
Уништена меката на њујоршката улична уметност

Њујоршкото складиште познато по импресивните примери на улична уметност, како што се графитите, е варосано поради подготовки за уривање, што ја разбесна локалната заедница.

Сопствениците на зградата во Квинс под името „5 Pointz“ среде ноќ ги пребоија сите графити, од кои некои стојат овде повеќе од една деценија. Уметниците го опишаа овој чин како вандалски, по неуспешната борба зградата да се прогласи за место кое има културна вредност. Планирано е на тоа место да се изградат луксузни апартмани.

Повеќе од 1.500 уметници го користеа складот „5Pointz“ како своја уметничка платформа, претворајќи ја претходно девастираната зграда од цигли во туристичка атракција. Дури и славниот британски уметник Банкси, кој моментално живее во Њујорк, повика зградата да се зачува.

Уривањето на зградата е планирано до крајот на годината во склоп на проектот вреден 400 милиони долари за изградба на повеќе од 1.000 луксузни апартмани, известува The New York Times.

Уметниците и локалното население се жалеа против планот и се обидоа да го прогласат складот за место од посебно културно значење, врз основа на Законот за права на визуелните уметници. Меѓутоа, федералниот суд официјално ги отфрли тие заложби минатата недела, со што е отворен патот за уривање на ова култно место.

Љубителите на „5Pointz“ на интернет ја изразуваа својата шокираност гледајќи ја белата фасада на зградата која е пребоена во ноќта.

„Тоа е сурово. Не знам како некој може да избрише 12 години фантастична уметност“, вели локалниот туристички водич Ханс Фон Ритерн за Њујорк Тајмс.

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото