Падот на детето

25.11.2013 11:08
Падот на детето

Врне, не, не, не врне, врне не, не врне. Врне, не, не, не врне, врне, не, не врне-си пееше детето, додека паѓаше како метеор осветлувајќи ја атмосферата. Многу луѓе го видоа и си замислија желби, но детето никако не можеше да им ги исполни, беше многу мало, а преживуваше голем пад. -Врне, не, не, не врне, врне, не, не врне - колку брзо летам! Види ги овие сини модрици на земјата што личат на око, зелени коцки, црвени триаголници, четири бели магли на аглите од кругот и сива голема во средината! -Од кај најде агли во кругот? - Па нема ни сини модрици што личат на око, ни зелени триаголници или коцки, глупости; јас така си вообразувам, колку да не мислам што ќе биде кога ќе бапнам на земјата. Можеби ќе ги поместам континентите, можеби ќе направам поплава што ќе потопи седумдесет проценти од копното, можеби ќе кренам прашина што ќе го замрачи сонцето, можеби ќе паднам без никој да забележи. Не, некој мора да ме види, па види колку светам, не можам да гледам во мене, ќе ослепам! А и морам силно да ги притискам очите, ветрот ми удира во лицето толку силно што цело лице ми се изобличи! А и воздухот ме задушува! Овде е многу жешко, би сакал да паднам во вода вака усвитено, колку би било убаво! Кој ќе плива после до копното? А со овој залет ќе потонам најмалку сто метри! Како ќе испливам после? Воздух да задржам повеќе од една минута не можам, а да испливам ќе ми требаат шест саати, не баш шест, можеби шест-седум, а можеби и помалку. Можеби некој делфин ќе дојде да ме спаси? Можеби некој човек ќе ме извлече? Делфин да, човек не верувам. А што ако паднам во некоја длабока шума, можеби Амазон, каде што има крокодили, пирани, разни видови птици, карпи, водопади, мутанти, парализирани орангутани што се борат за опстанок, забегани мисионери што ги учат домородците дека Исус е најдобар? А што ако домородците ме скршат од ќотек што сум им ги искршил дрвјата? А бе, ќе ме скршат, како да не. Кога ќе видат како сум паднал, ќе ме земат, ќе ми прават ритуална магија, ќе ме излепат со трева да зараснам побрзо и ќе измислат митови и легенди за мене. А што ако паднам на асфалт? Ќе се сплескам. Поинтересно е во Амазон, некој крокодил да чека да ме лапне и јас одозгора трас! Ќе го направам парче, забите ќе му ги скршам, после ќе си го земам како трофеј. Што ќе ми е крокодил без заби, а и кој ќе го носи до дома. Ама добро ќе биде, ѕидот ќе ми биде страшен, со алигатор на него. -Нели крокодил? - Добро де, сеедно. Мора да ги отворам очите, да ѕирнам до каде сум. А и не е интересно да паѓам со затворени очи - си помисли детето. Ѕирна и пак ги затвори. Нема да паднам ниту во вода, ниту во Амазон, нема ни на земја да паднам, нема ни во воздух да останам вечно, нема ниту огнот да ме стопи. Елементите се дел од мене и ќе се претворам во што сакам. Ако сакам ќе паднам како оган од небото и ќе ја запалам земјата, ако сакам ќе се претворам во дожд и ќе паднам во Сахара каде што сум најпотребно. Почувствува како пердуви го плескаат по лицето и ги отвори очите.

- Каде бе?-му рече Орелот.
- Еве, надолу! - рече детето и тажно воздивна.
- Зошто ти течат солзи? - праша Орелот.
- Па, не знам - од ветрот се обиде да направи рамнодушно лице и го тргна погледот на страна.
- Од каде паѓаш вака? - праша Орелот обидувајќи се да го раззбори детето.
- Па, од ѕвездите - одговори детето.
- Еее, и јас кога бев мало орле паѓав од карпите, но мајка ми ме наоѓаше и ме враќаше во гнездото, ме научи да ги препознавам доброто и лошото и сфатив дека нив ги нема. Можеби јадам помали птици и сум крал на облаците, но знам кој ме сака, а кој се дружи со мене од стравопочит. Знам дека ти ме сакаш, нели?
- Да. - одговори детето. Од каде знаеш?
- Па имам добар вид - одговори Орелот.
- Можеби и ти си паѓало како мало орле, ги знаеш доброто и злото и знаеш кој те сака, ама за крал на облаците ќе се прашаме!
- Добро де, јас сум орел, а не човек, за поделба на територии и за власт не сум многу алчен. Јас само владеам таму каде што сум најјак.
- И јас сум дете, а не човек, па не се расправам. Ние ќе се сакаме и ќе си делиме сѐ. Ќе ме научиш ли да летам?
- Ќе те научам сѐ што знам и ќе бидам вечно твој, ако го преживееш падот.
- Ќе го преживеам! А ти како ќе ме најдеш, немаш мој телефон, ни адреса - рече детето.
-Не ми треба, ние орлите не користиме такви работи. Јас ќе бидам со тебе секогаш, јас ќе бидам во тебе секогаш - го уверуваше орелот. Кога ќе паднеш, јас ќе те научам да леташ без никогаш да паднеш.

Ме теши - си помисли детето. Кога-тогаш пак ќе паднам.

- Ај, не мрчи бубрези - му рече орелот и си замина. Погледнувајќи се обиде да одмери уште колку има до земјата-четерсто, тристапедесет, триста, двестапедесет, двесте, стопедесет, сто, педесет-БАП!

И се крена прашина, го снема сонцето, континентите се поместија, водата покри седумдесет проценти од копното, еволуцијата се врати милијарда години назад. Човештвото го снема. Така му е кога дозволува дете да падне.

Слики: Корин Рајд

ОкоБоли главаВицФото