Гаврило Принцип е последната жртва на својата револуција

25.11.2013 18:56
Гаврило Принцип е последната жртва на својата револуција

Новиот текст на наградуваната драмска авторка Билјана Србљановиќ, чии драми веќе со години се изведуваат во театрите во регионот и светот, се занимава со Гаврило Принцип, го нарача виенскиот театар Schauspielhaus, а го постави режисерот Михал Задара. Премиерата на претставата „Принцип - мал ми е овој гроб“ е одржана на 16 октомври, а послужи како повод за разговор со личноста која е многу активна и во политичкиот и јавниот живот.

Какви беа реакциите на виенската публика и медиумите на претставата? Како реагираа на вашиот став дека е во ред што Принцип никогаш не се покајал?

Ми се чинеше, за време на последните проби, дека делото ќе помине катастрофално. Режисерот Задара инсистираше на обвинувачкиот контекст на драмата, бидејќи јас не го оправдувам убиството, ниту мачењето до смрт кое Принцип го доживеал. Во еден миг, пред крајот на претставата, духот на едниот од заговорниците се врти кон публиката и директно, нималку суптилно, а можеби дури и театарски пренагласено, ги говори оригиналните стихови: И гробовите наши со Виена ќе се борат/По дворовите ќе шетаат и ќе ги плашат господата/А гробовите наши на Европа ќе ѝ велат/Југословенот мора да добие слобода! Се сеќавам дека ја погледнав таа сцена на генералната проба и помислив дека треба да се подготвам за повици на неодобрување и свиркања. Сепак, премиерата помина фантастично, а и јас посебно добро поминав - ретко се случува четири пати да ме повикаат да се поклонам. Критиките сепак не се толку унисони: иако речиси сите го фалат најголемиот дел од делото и претставата, крајот за австриските медиуми е непотребен и препатетичен. Тоа, несомнено, е прашање на политичко согледување, бидејќи за нив историскиот наратив за смртта на еден заговорник, колку и да е мачна, не е вреден за трагички тонови како распадот на целото нивно царство кое уследило по него. Сепак, мислам дека тоа е и прашање на стил: мене тој патетичен тон ми е необично важен, јас сум жена од југот која сака повишени тонови и патос, која наоѓа уживање во трогнатоста над самата себе, а тоа е она што е непростлива стилска грешка во германското говорно подрачје.

Противсрпски нереди во Загреб

На исклучително важната изложба „Крв и мед“ на светски познатиот кустос Харалд Земан, која ги претстави најважните современи уметници од Балканот, прв предмет беше количката која го носела телото на мртвиот Франц Фердинанд. Дали ние Балканците за Австријците и денес сме она другото, она крвожедно и поинакво? Имате ли чувство дека Европа има колонијален поглед кон Балканот, каков што имала и во времето на Принцип? Да не ги потпишевте изворите на изјавите од медиумите кои се споменуваат во вашата драма, би можеле да се читаат како да се напишани денес: што тоа зборува за Србија, а што за Европа?

Не верувам во таа национална теорија на заговор дека „светот“ нѐ гледа како негативци. Ако таа слика се перпетуира, таа никогаш не е без некоја конкретна причина. Не знам точно што тој „свет“ значи - дали се мисли на политичките елити на Европа и англосаксонскиот свет, на граѓаните на тие држави, на што точно? Со години се движам по разни краишта на Европа, десет години живеам со маж кој е Французин, нурната во француското политичко секојдневие и никогаш не сум го почувствувала тој обвинувачки тон во средините во кои работам, туку многу повеќе една студена незаинтересираност. Виена сепак е друга приказна, тие се потполно нурнати во балканските наративи, бидејќи со таа количина поранешни југословенски емигранти дојде до промена на крвотекот на општеството. Се сеќавам на една разгледница која можевте бесплатно да ја земете на влезовите во тоалетите во Виена, на која пишуваше „JugoslaWIEN“ и двата збора пресечени со ножици. Ја земате таа карикатура со јасна политичка порака, а потоа вадите шилинг или евро да ја честите Мадам Пипи, по правило од југословенско потекло, која седи пред клозетот и ги чисти виенските гомна за нив. За мене тоа е некаква метафора на нашиот балкански однос со Австроунгарија низ историјата, сѐ до денешно време.

Односот помеѓу Србите и Хрватите во Загреб по убиството на Франц Фердинанд го прикажавте како многу лош. Дали Принцип е невралгична точка во српско-хрватските односи?

Не е невралгична точка, како што не е ни причина за Големата војна, но е згоден катализатор кој ја забрзува ерупцијата на тој вулкан од омраза. Србите први настрадале за време на одмаздата за убиството на Франц Фердинанд, а на таа омраза и одмазда се приклучувале и оние кои од атентатот всушност имале само корист, за кои била можна независната иднина. Кога ги читате записите на Иван Рибар за франковачките противсрпски нереди во Загреб веднаш по атентатот, работите се сликовити и јасни: „Гледав во Загреб на плоштадот на Јелачиќ, на денот на објавувањето на војната, како франковачките банди го палат мебелот од српските дуќани, откако претходно ја ограбиле целата стока. Околу големиот оган стојат франковците, пеејќи ја царската химна и врескајќи Смрт за Србите“. Принцип за тоа секогаш бил згоден изговор.

Владеење од тајност

Зоран Ѓинѓиќ е убиен, како и Иван Стамболиќ, Славко Ќурувија и многу други. Налогодавците не се знаат. Управува ли Апис и понатаму со Србија? Едно време со него го споредувавте Воислав Коштуница?

Цврсто верувам дека со Србија, од мајскиот преврат, управува една параполициска и параполитичка организација, која има свои мрачни цели и која не се плаши од ништо. Тоа е единствената традиција која овде се пренесува од колено на колено, сите други се тука само за кратко, за веќе следната генерација да ги понижи и разурне. Драгутин Димитриевиќ Апис ја водеше Србија и го тресеше регионот од сенка, беше прв шеф на тајната полиција и го воспостави начелото да не одговара пред никого. Кога е погубен на солунскиот процес, кој несомнено е наместен, не значи дека умира невин. Тој е јасен виновник и знаел зошто умира, иако формално и правно ништо не е како што треба. Го рехабилитира токму Титовиот Апис, првиот комунистички шеф на тајната полиција, Александар Ранковиќ, значи ниту историчарите, ниту интелектуалците, ниту книжевниците. Таа потреба за владеење од тајност, за убиство како вообичаено средство за политичка борба, се пренесува од колено на колено и јас сум цврсто убедена дена „Црната рака“ постои и понатаму. Тој пламен го одржуваат и поединци од кабинетот на Коштуница - убиството на Ѓинѓиќ го изведе Црна рака и сите овие нови убиства до денес, кои ниедна власт не може да ги контролира. Црната рака и нејзините деривати ќе му се удрат од глава на ова општество, ако општеството конечно не успее да излезе на крај со неа. („Црна рука“ е парадржавна терористичка организација од почетокот на 20 век, раководена од полковникот Апис - заб. на прев.)

Како делуваа на вас писмата, записите, песните на Млада Босна? Го пронаоѓате ли во нив сензибилитетот кој ви е близок?

Се препознавам, пред сѐ, во политичките идеи и потребата за активизам, се препознавам во наивноста и во тој благороден младешки дух. Не затоа што самата сум млада, туку зашто се чувствувам недорасната. И понатаму верувам дека тајниот тамбурашки оркестар и скриените училишни здруженија можат да го променат светот, тоа е она што ме спојува со тие наивни младичи и девојки.

Сепак, мислите ли дека идејата за југословенството е засекогаш мртва? Дали таа умре преку повторното убиство на веќе мртвиот Гаврило Принцип, кое се случи во деведесеттите години?

Идејата за југословенството е некако банализирана и со тоа прокажана, а во својата суштина беше револуционерна и многу напредна. Југословените беа измислена нација, вештачки конструирана, пред сѐ врз културните и политичките потреби на различни народи. Јас сум изразито и длабоко анационална, не ја разбирам самата суштина на предетерминацијата, да се раѓате со некој идентитет кој го наследувате по таткова линија, а никој за тоа никогаш да не ве прашал ништо. Во самата суштина на националното е сето она против кое се борам во мојот живот: и патријархалниот модел на општество и предетерминираноста, речиси изедначени во првобитниот грев - некој друг одлучува за вас, за самата суштина на вашето битие. И она за кое Маркс говори во „18 бример на Луј Бонапарта“, вели дека човекот создава своја историја, но не онака како што самиот сака, туку во условите и околностите директно наследени од минатото. Маркс говори за класата, но тоа важи и за националниот идентитет: „Традицијата на сите мртви генерации ги оптоварува како кошмар мозоците на живите“. Идејата за југословенство веројатно во практична смисла е мртва, но таа и понатаму за мене е благороден обид за надминување на она што нѐ разделува, и во тоа и понатаму цврсто верувам.

За мене насилството не е одговор

Зошто идејата на Млада Босна толку се експлоатираше, зошто беше предмет на толку злоупотреби? Српските националисти ја истакнуваа нејзината српска страна, а муслиманските и хрватските ги поддржуваа таквите тези за да ја дискредитираат. Дали дојдовте до одговор зошто на Сараево и Загреб им пречел Принцип?

Принцип самиот бил експлоатиран, тој не е ни терорист ни херој, тој е всушност последната жртва на својата револуција. Во таа смисла и самата револуционерна идеја, како разорна и опасна за политичките естаблишменти, мораше да биде трансформирана, за да може да биде задушена. Со почетокот на војните во деведесеттите, наеднаш се сетивме на националното потекло на родителите на Принцип, во предвечерјето на кланицата се инсистираше на самиот чин на убиство, а не на идејата за револуција, на која убиството, за голема жал и на самиот Принцип, ѝ било средство. Српските и хрватските националисти и клерофашисти секогаш се разбирале подобро од кој било друг на овие простори. Кога едните го киднапирале Принцип, другите тоа го дочекале со акламација, задавајќи ѝ го последниот смртен удар на југословенската идеја.

Принцип е повторно актуелизиран. Писателката Милена Марковиќ исто така напиша драма за Принцип: случајна или намерна коинциденција?

Принцип е тема на Балканот во годината кога се зборува за почетокот на Големата војна. Ми беше жал што театарот кој го сметав за свој намерно прави конкуренција помеѓу две свои авторки, на еден необичен начин. Но сега сум концентрирана на понатамошната судбина на делото и многу се веселам на идната режија на Дино Мустафиќ со сараевската и белградската поделба.

Јасно е дека не ја одвојувате етиката од уметноста, но дали би можеле да кажете дека во исклучителни ситуации целта го оправдува средството, па било тоа и атентат?

Не го оправдува. То ест, јас не го оправдувам. Некаква упорна грешка на балканските културни простори е дека ја согледуваме историјата синхрониски, иако таа е дијахрониски модел par exellence. Не може да се зборува за атентатот како за прифатливо средство во борбата за која било идеја во денешно време, ниту да се толкува тираноубиството, сосема вообичаено во целиот свет пред еден век, низ призма на сегашните општествени, па ако сакате и етички норми. За мене насилството никогаш не е одговор. Можам да го разберам историскиот контекст, но никогаш не можам да го оправдам во сегашноста.

*

Не можам да ги споредувам Срѓа Поповиќ и Александар Тијаниќ

Неодамна починаа адвокатот Срѓа Поповиќ и директорот на РТС Александар Тијаниќ: како нивното заминување се одразува на јавниот живот во Србија?

Тие два смртни случаи и два погреба, од социолошка гледна точка, беа попис на населението во мало. Срѓа Поповиќ последниве години беше мој близок пријател и за мене многу значаен човек, можеби мојот единствен авторитет. Ме погодува и навредува да ги споредувам тие двајца луѓе, кои немаат ништо заедничко. Сепак, помпата, општествената акламација, десетте камери и видео-бим преносот на опелото, илјадниците државни функционери на погребот на едниот, а едвај двестемината од нас во тишина, сите собрани во една капела, на погребот на другиот, многу зборуваат за самото општество: кои сме, каде сме и колку нѐ има.

Извор: www.novossti.com

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја
Балкан / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото