Кон книгата „Русија на Путин“ од Борис Камчев

26.11.2013 08:16
Кон книгата „Русија на Путин“ од Борис Камчев

Пред некој ден ја завршив книгата на Борис Камчев „Русија на Путин“ (Темплум, 2013). Не беше тешка за читање, сѐ е изложено во еден јасен „новинарски“ стил, и на крајот има еден куп референци кои можат да се проверат. Многу ми се допадна тоа што Борис решил да остави некои зборови на руски, наместо да пробува да ги преведе. За тие што имаат живеено тука, и кои се сретнувале со тие зборови во секојдневниот говор, тој потег го доловува чувството „како дома“ при читањето. При преведувањето, мислам дека многу од значењето на тие зборови или изрази би се изгубило.

Бидејќи живеам во Русија седум години, некои од работите ми беа веќе јасни, но многу од работите што ги прочитав ми помогнаа да поврзам некои делчиња од сложувалката, која што за жал е сѐ уште нецелосна.

Ако правилно разбрав, нецелосноста на сложувалката за Русија, и големата сложеност на процесот таа да се состави е една од поентите на книгата.

Јас сум роден пред распадот на Југославија, и моето детство го имам поминато во она што возрасните го нарекуваа „транзициски период“, во едно пост-социјалистичко и пост-комунистичко општество. Поради сите специфики на македонското општество и историја, јас немав можност да се сретнам со тоа за што зборуваа моите родители и баби и дедовци. Целата претстава за тоа како било порано беше преку носталгични раскази за редовни плати, за големи пензии, за шетање низ цела Европа.

Кога првпат дојдов во Русија, во 2008 година, јас навистина не знаев што ме очекува. Да бидам искрен, за Русија знаев многу малку и површно - само дека порано постоел големиот СССР, дека ги истепале Германците, дека имало период на студена војна со Американците и дека сето тоа некако завршило. Да, имав слушнато за Достоевски, за Чехов, за тоа како нивните збирки по математика биле најдобри на цел свет, за вотката, за ушанките, за АК-47, за бомбата „Цар“... Но, тоа навистина ништо не ми значеше. Јас имав некои свои очекувања за тоа што ќе ме чека овде. Кои, секако, воопшто не соодветствуваа на реалноста. И најтешко од сѐ ми беше прво тоа да го разберам, за себе, и после да го пренесам на луѓето дома. Бидејќи е навистина сложено и тешко. Русија е земја на противоречија. И затоа кога ќе ме прашаше некој од другарите на улица, како е во Русија, јас обично велев „ладно е...“.

Да раскажувам сѐ што имам доживеано овде нема смисла, но некои моменти сепак можат да се набројат.

Никој не зборува добро англиски, и на никој не му е гајле, што ти не зборуваш руски. На Академическаја има интернат за странски студенти. Секоја година тука доаѓаат стотици странци, речиси од цел свет, и некои од нив остануваат по десетина години на истото место. Но, кога првпат пробав да се разберам со продавачката од локалниот супермаркет на англиски, таа ме гледаше како да сум паднал од Марс.

Моите први цимери беа од Кабардино-Балкарија, од Узбекистан и од Азербејџан. Очигледно сиромашни деца, кои што живееја во интернатот, заедно јадеа, се дружеа, но ниеден од нив не се трудеше да учи или да се бори за повеќе. Јас живеев една година со нив, јадевме заедно, чистевме заедно, гледавме филмови и проспивавме лекции. На првата Нова Година која ја дочекав во Русија, Казим го истепаа два пати на улица. Тогаш не разбирав зошто тоа се случува. Но, подоцна сфатив дека тие деца живееа во едно своевидно гето, во интернатот, и дека тие кои што живеат надвор од интернатот се уште посилно гетоизирани. И дека тие со Русите, и Русите со нив, си имаат огромни проблеми.

Студентите во Русија имаат неверојатно многу поволности. Поевтини билети за јавен превоз, бесплатни влезници во прекрасните руски музеи, евтини билети за во театар и кино, бесплатно високо образование (државна квота), бесплатни библиотеки, бесплатни учебници. Универзитети со стотина години историја. Професори со светско реноме. Научни институти за секоја можна наука. Сепак, на асистентска плата ни за леб не стигнуваат пари, а професорската плата е пониска од таа на продавач во Мекдоналдс. Институтите седат со замрзнати проекти и застарени машини, а младите бегаат вртоглаво накај Запад, и никој со здрав разум не останува да се занимава со предавање и со наука. Од друга страна, тие науки кои што лесно се претвораат во капитал, се во невиден расцут.

Да појаснам, натпреварите, часовите по информатика, по програмирање и по кибернетика на секој факултет, кафедра, или школа се на некој начин, финансиски или организационо поддржани од огромните компании - Мајкрософт, Интел, Моторола, Циско, ЕМЦ, ХП, Сименс, Гугл, Јандекс, Вконтакте, Фејсбук и многу други. Многу е едноставно, тие пари и време кои што овие компании ги вложуваат во студентите, кои потоа ги вработуваат, им се враќаат десеткратно. Студентите добиваат добри шанси за стабилна работа, искуство, и достојна плата. Истото, на многу повисоко ниво се случува во маркетингот, финансиските и правните науки. Тие млади луѓе, кои што имаат капацитет, и кои што имаат желба да се занимаваат со овие дејности, имаат огромни шанси за успех. Сѐ останато е тешко за учење или неисплатливо. Еден од моите другари од групата, многу паметно момче, на третата година престана да оди на факултет, бидејќи чувствуваше дека повеќе може да постигне сам, без да губи време на лекции. После некое време доби прва награда од Вконтакте - 2,5 милиони рубли, за мобилната апликација која што тој ја разработи за таа мрежа. Неодамна доби уште една награда од сличен размер од истата компанија, за друга мобилна апликација - за препишување со пораки преку еден нов протокол. Многу од младите имаат слични успешни приказни. На чело на сите тие мора да се спомне Павел Дуров, основачот на Вконтакте.

Сето ова е важно, за да се истакне уште еден контраст на ситуацијата во Русија. Да се успее на чесен начин, и да се живее удобен живот е најверојатно привилегија само на ограничен број на млади, кои што живеат во Питер, Москва, и можеби некои поблиски западни големи градови. Во целата останата огромна територија, условите за живот и можностите, како што велат често Русите оставляют желать лучшего (оставаат да се посакува нешто подобро). Нешто, сѐ уште не ми е јасно што, не дозволува огромен дел од Русија да се ослободи од некоја вкочанетост, да се исправи на нозе и да создаде услови за нормален живот и развој, во секој поглед.

Што се однесува до културата, колку повеќе ги запознавав џиновите на руската литература, музика, кинематографија, поезија и философија, сѐ помалку го разбирав јазот помеѓу нив, и помеѓу огромното количество на млади луѓе, кои што некако се умудруваат да го „заборават“ своето домашно богатство, и да го „впијат“ самиот гнасен шлајм, самата гнасна „канализациска вода“ на западната култура, и да го исполнат секое катче на своето секојдневие со тоа, секој разговор, секој клуб, секој бутик и профил Вконтакте...

Последниве неколку години, се случија неколку настани, кои што силно ја потресоа Русија. Уникатната историја на оваа „империја“ во склоп со тие настани, направи животот денес да се живее во некаква суперпозиција на ватники и либерасты (погрден збор за либерали, добиен од либералы + педерасти), быдло и небыдло и тие кои мислат дека не се ни едното ни другото, нацисты и толерасты, милитантни атеисти и ПГМ-щники (Православие Головного Мозга), ЗОЖ-ники (Здоровый образ жизни) и анимешники, русские и россияне и "тожеруские"... 


Русија е многу голема. Мислам ГОЛЕМА-голема. Не само географски, туку и историски, политички, културолошки, етнолошки, религиски и духовно. И под голема, не мислам само во позитивна, туку и во негативна страна. Русија е исто така силно централизирана. Овие две работи создаваат многу интересен феномен - слично како на тело кое што се движи кон црна дупка, тој дел што е поблиску до црната дупка се растегнува сѐ повеќе и повеќе и почнува да се движи многу многу побрзо кон неа отколку останатиот дел од телото. Тоа прави разликата помеѓу брзината на двата дела да станува експоненцијално голема како што се движиме од едниот кон другиот крај. Овој феномен, на набљудувачот од страна му дава прекрасна можност - да го набљудува детално процесот на движење од “еден универзум“ во “друг“. Но, исто така претставува и опасност за самото тело - поради огромната разлика во брзините, тоа може многу лесно да се расцепи на делови... (ова е силно поедноставено, само за да се илустрира полесно).

Најнапред и најмногу од сѐ, би им ја препорачал оваа книга на моите другари - студенти од Македонија, кои што учат тука и како и јас, се сведоци на сето ова што се случува овде. Навистина помага да се стават сите случки во еден обединет контекст, и да се разбере многу од тоа што секојдневно влијае на нашите животи и на нашето учење тука. На моите пријатели од Македонија: доколку сѐ што сакате да знаете за Русија го добивате преку „Руска реч“, и тоа ви е доволно, тогаш не се трудете - оваа книга не е за вас. За останатите, во модерниот руски сленг постои еден многу интересен поим - ликбез. Тоа е кратенка од советскиот поим „ликвидација безграмотности“ (ликвидирање на неписменоста), замислен како задача да се описмени руското население, но кој послужил и како благородна наметка за полесно да се протурка и ширењето на комунистичката пропаганда низ ниските слоеви на населението. Ослободен од своите пропагандистички асоцијации, денеска овој термин често се употребува кога на некоја група луѓе (не мора да бидат неписмени) треба да им се пренесат основите на некоја наука, процес или појава, во кратка и јасна форма. Во таков вид би сакал да ви ја предложам „Русија на Путин“ за запознавање со денешната социајлна, економска и политичка атмосфера во Русија - добра почетна точка, објективен поглед и најважно од сѐ, буди желба да се копа подлабоко.

ОкоБоли главаВицФото