Во Грција отворена првата „соба за наркозависници“

26.11.2013 10:41
Во Грција отворена првата „соба за наркозависници“

Грчката државна организација за борба против дрогата „Окана“ денес формално ја претстави првата просторија во оваа земја во која наркозависниците ќе можат да си вбризгуваат дрога под надзор, откако по економската криза во Грција порасна бројот на зависници кои се дрогираат интравенозно.

Објектот во центарот на Атина, кој е отворен како „пилот проект“ на 3 октомври, до сега го користеа само неколку зависници од дрога, но „наскоро се очекуваат редици“, вели психијатарот Анастасиос Папаконстантину, кој е вработен во тој објект.

Тешко погодени од финансиската криза, зависниците кои немаат толку пари за да конзумираат поквалитетна дрога, често преминуваат на вбризгување на наркотици во вената, за да го засилат ефектот на наркотикот, и тоа за пониска цена.

Ширум светот, во Европа и во САД денес постојат повеќе од 90 соби за наркозависници, но јавното мислење и понатаму е поделено по тоа прашање. Заговорниците на таквите објекти тврдат дека тие го намалуваат пренесувањето на заразни болести како што е ХИВ и придонесуваат за унапредување на јавната безбедност.

Меѓутоа, критичарите стравуваат од зголемување на бројот на зависници и трговија со дрога во зоните во кои се наоѓаат таквите простории.

Извор: www.ekathimerini.com