Командна одговорност!

26.11.2013 12:42
Командна одговорност!

1.

Одамна немам прочитано појасна, попрецизна и пообвинувачка изјава. Опозицијата, и другите, може да имат што сакaат и како сакaат против министерката Јанкуловска, ама таа во „случајот“ (каков еуфемизам!) mузеј на македонија (ако некому не му е јасно зошто институцијава е напишана со мали букви, нека се јави, ќе му објаснам!) е повеќе од децидна. Ваква била, онаква била, ова правела, она правела… ама за „случајов“ таа вели: „Главниот проблем е што се соочивме со прилично лоша состојба од организациски аспект, но и од менаџерски аспект, која довела до ситуација да не постои прецизна евиденција ниту на она што го поседуваат ниту на она што недостига. Работата на овој предмет беше исклучително тешка и сѐ уште е. Меѓутоа, мобилизирани се сите наши капацитети во насока на откривање што точно таму се случило и поднесување соодветни пријави за лицата за кои ќе се констатира дека се на кој било начин инволвирани во случајот“!

Кој како сака нека каже, ама јас со години немам прочитано подобра дијагноза за состобите во македонската култура. Сече како со скалпел. Ни Тодоров не може подобро. Овие неколку реченици се слика и прилика, вистинско огледало на нашето (не)културно секојдневие коешто озгора свети со фалшив златен сјај, а под него гнилеж и арамилак. Како старо-новион театар, некогашен „Краљ Александар I“!

Некои, можеби, ќе најдат забелешка дека министерката веќе пресудила во „случајот“, ама – треба ли сите да се правиме слепи шутраци ала Сарајлија и компанија и да трабуњаме за убавините на уметноста, треба ли баш сите да глумиме дека не го гледаме очебијното и не го слушаме алармантното? Уште ли не гледаат дека се во кал до гуша?

И немам намера детално да ги анализирам зборовите на Јанкуловска. Што би значело „прилично лоша состојба“, што би значело „организациски аспект“ и слично. Но сигурно е дека министерката свесно искажа многу нешта. Премногу. Сѐ она што Министерството за култура „успешно“ го криеше од јавноста дооолги години. Сето она што нивните со шетања потплатени (и преплатени) колпортери (само)наречени новинари не сакаа да ги прашаат во нарачаните интервјуа. Сето она што кришум, ноќе, си го пришепнуваа дури и оние нивни шутрачиња – сателитчиња, а преку ден пишуваа „колумни“ во нивна слава. Какви морални первертити!

2.

Ќе бидам нескромен и ќе потсетам дека безмалу истите зборови ги напишав пред некој ден, велејќи дека „тие шутраци стварно не знаеле ни што имаат, ни како го имаат тоа што го имаат, ни дали воопшто го имаат, и од кога – го немаат“.

И тоа е првото рамниште коешто г-ѓата Јанкуловска јасно и гласно, и јавно, го искажува. Односно, таа „прилично лоша состојба од организациски аспект, но и од менаџерски аспект“ не сака да алудира туку директно посочува на првата одговорна линија во „случајов“, и не само во него, на оние празноглави персонални решенија наречени директори, што на македонската култура со години некој ѝ ги сместува. Свесно или несвесно.

Но, за повеќето од нормалниот народ, и тоа не беше никаква тајна. Освен што сега еден висок државен функционер јавно говори за тоа. Односно, и за ова, јавно, со години, се говореше низ кулоарите, како што впрочем и доликува на дворската камарила. Само малоумници од типот на … ај ќе се воздржам… да не ме кара Сарајлија… значи само малоумници не прифаќаа(т) дека во, првата инстанца, сето ова што ни се случува е резултат на полуписмен народ поставен на раководни места. И уште понеписмен наоколу, за да им аплаудира! Да не се „осеќаат“ неприфатени, туѓи во туѓа средина. Па видете кои ни се директори на музеите. И оние пред нив. Па тие не знаат што е музеј, никогаш не ни знаеле. Тие музејот не го гледаат дури ни како зграда, што вели Барџиева, туку само како фотелја од каде ќе молзат пари. И ќе вработат по некој свој. И точка. И не само во музеите. Целата „култура“ во изминативе години ни е производ на извонредно „стручната“ работа на овие празноглавци кои самобендисано пловат низ топлиот македонски жабурник. И на оние кои им аплаудираат. И на оние кои коленичат пред нив за изложбичка, за претставичка, за ситна паричка, за пет дена Њујорк, за три дена Софија… Кадровска и стручна политика пар екселанс. Та тоа ли е кадровскиот потенцијал на оваа држава? Луѓе кои не знаат подалеку од носот? Кои прв пат влегле во културна институција, и тоа веднаш како – директори? Но, повторно, наместо да пишуваат за тоа, оние глувчиња – сателитчиња грицкаа ковчиња и „го откриваа“ пенисот на Давид. Е па после, Цацко ни е крив.

3.

Сето претходно пак подразбира, се надевам, некаква натамошна претпоставена вертикална, хиерархиска – да не кажам командна – одговорност којашто логично се надоврзува во „случајот“. Односно, мислам на она второ рамниште кое подзатскриено „се чита“ кај министерката, а се препознава кај партиите како главни лиферант на овие „кадри“. И повторно, ќе ја седнат ли на фамозниот полиграф и Лилето на тато Блаже, чија што „партија“ била венчана со директорското место во музејот на македонија (ако некому не му е јасно зошто институцијава е напишана со мали букви, нека се јави, ќе му објаснам!)? И од каде тоа, и од кога, таа персона има врска со културата? Ќе ги повика ли некој на морална, политичка и хиерархиска одговорност тие политичари кои нѐ усреќија со такви „кадри“? Зашто, има ли некој повиновен од нив? Објективно гледано, на директорчињата дури и можеме да им ја релативизираме одговорноста – толку им фаќа(л) умот – ама оние што ни ги наметнале, ни ги тутнале како мнооогу способни, оние што дебело се платени со народни пари? Не треба ли и во таа (зелена) грмушка да се бара зајчето? Или, ќе се вадат дека нивните кадри преку ноќ се промениле? Биле умни, стручни, чесни… ама наеднаш се исчуручиле!? Види богати. Такви приказни повеќе не поминуваат ни во Гологузица.

Третиот пак битен круг во вертикалата се управните одбори на овие институции, за коишто, повторно, никој не (сака да) говори. Ако партиите беа одговорни за директорите, кој е одговорен за управните одбори во чијашто надлежност е токму корекцијата на глупостите на директорите? Ама што фајде кога, најчесто, во управните одбори дремат или пензионери или персони кои немаат поим зошто се таму. Само да се добива некоја паричка. Да капе. А што и како се прави во институцијата – ги заболе, да простите. Па побарајте информации кој сѐ седи во нашите управни одбори. Во МСУ, во Националната галерија, во музејот на македонија… И сите со амин од главниот ментор – Министерството за култура!

4.

Конечно, повторно, на површина излезе главниот фактор за ваквите состојби во македонската култура, државниот орган директно надлежен за таа „прилично лоша состојба од организациски аспект, но и од менаџерски аспект, која довела до ситуација да не постои прецизна евиденција ниту на она што го поседуваат ниту на она што недостига“, а којашто ја потенцира Јанкуловска. Зашто, токму во описот и пописот на тој државен орган е, помеѓу другото, следењето и анализирањето на состојбите во културата (што ќе рече и во музеите) и предлагањето мерки за нивен развој и унапредување. Вака ли ги развиваат и унапредуваат?

Токму во описот и пописот на тој државен орган стои дека ги врши работите во заштитата на културното наследство. Токму во описот и пописот на тој државен орган стои дека ги врши работите во надзорот од негова надлежност.

Е па, што и кого следел и анализирал овој орган? Дали музејот на македонија е дел од културата или не е? Дали музејот на македонија е дел од музејската мрежа во Македонија или не е? Вршел ли некој таму некаков надзор или не вршел? Кога последен пат? Што открил надзорот? И дали воопшто нешто открил? Премногу прашања без одговор. Премногу прашања без резултат. Односно резултатот го имаме: 166 украдени предмети! И – никому ништо? Министерството е чисто?

А што тогаш работат тие персони таму? Примаат плата – за што? Да дремат на работа, да шетаат низ град или, ако даде господ, да си ги прошетаат газовите малку во странство? (Стално се заборавам со вакви изрази, ќе ме кара Сарајлија! Ама, одговараат за состојбите. Па и за него. Целосно. Каков морон!). И што ли мудруваат таму тие 200 вработени, од сите можни „профили“, почнувајќи од земјоделци, манекени, неписмени уметници… па надаље? Сѐ има, само култура нема!

Ако постои некаква хиерархиска одговорност, ако постои некаква вертикала во одлучувањата, ако постои некаква морална и политичка одговорност, ако постои некаква – каква и да е – командна одговорност, овие се самиот врв на скалилото. On the very top! И – ќе има ли некаква разврска?

Или, можеби, ќе се дрзне, повторно, некоја шефица на кабинет или некоја друга „стручна“ попишуља да ѝ с’ржи на министерката Јанкуловска, како неодамна на Ориѓански, дека тие не се полиција, дека тие не бркаат крадци, дека тие не одговараат за сѐ и сешто, дека тие ова или она? Е баш би сакал тоа да го видам!

Извор: teodosievskizapisi.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото