Што значеше истрелот на Гаврило Принцип?

26.11.2013 13:01
Што значеше истрелот на Гаврило Принцип?

Следната година се одбележува стогодишнината од Првата светска војна. Во Европа и оваа 2013 година мошне интензивно се пишува и полемизира за настаните од пред сто години. Во нашиот регион во фокус е улогата на групата „Млада Босна“ и на нејзиниот член, Гаврило Принцип, атентаторот врз австроунгарскиот престолонаследник Фердинанд. Се разбира, и во новиот свет, по две светски војни, по десетици милиони убиени луѓе, по сто години дистанца, сеуште се поделени мислењата за тогашните настани. Дали навистина истрелот на Принцип ја придвижи големата кланица? Дали младите револуционери биле терористи? Дали тероризмот и тогаш и денес барем во некои околности е прифатлив начин за политичко дејствување? Дали постојат сличности помеѓу тогашните и денешните состојби и идеи, пред сè во Европа? Во што верувале тогашните млади балкански револуционери, спремни за најрадикалните форми на борба?

Се чини дека првенствено верувале во нацијата, идеја која тогаш сеуште имала еманципаторски и ослободителен карактер (затоа таканаречената Југословенска младина од тој период се нарекува и Националистичка младина). Младите балкански револуционери верувале и во идеите за поголема социјална правда, кои доаѓале од Русија и од западните книги. Современиот писател Владимир Пиштало во својот есеј „Замок“ пишува: „Во што верувал Гаврило Принцип? Верувал во светска револуција, откако секој народ ќе помине низ ’националната фаза’. Верувал во југословенството. Верувал дека е потребно да го запалат на крст, за неговото запалено тело ’да биде патоказ за неговиот народ кон патот во слобода’. Како Маринети верувал во ’убавите идеи што убиваат’. Кога судијата го прашал дали верува во бога, тој одговорил: ’Јас верувам во сè’. Принцип пишувал стихови под влијание на Витмен. Еден стих вели: ’Би сакал да живеев други животи’. Друг: ’Би сакал да ми се роди дете’.“

Владимир Гаќиновиќ, главниот идеолог на „Млада Босна“ (група од која произлегле Гаврило Принцип и другите сараевски атентатори), во еден свој текст пишуван 1915 година во Париз, по нарачка на Троцки, вели: „Напоредно со социјалната идеја, постепено потиснувајќи ја, се јавува националната. Нашето списание Зора посебно внимание обрнува на личноста и делувањето на Мацини. На карбонаризмот му се посветени низа благородни статии, а во една свеска се објавува заклетвата на ’Млада Италија’, организацијата на Мацини. За нас тоа не беше историски документ туку воскликна песна. Уредништвото одржуваше активни односи со бугарската младина и тежнееше кон основање голема национално-социјална партија во краиштата на Јужните Словени.“

Узор за југословенската националистичка младина бил и еден од најраните бугарско-македонски револуционерни терористи, Светослав Мерџанов (член на Македонскиот таен револуционерен комитет, заедно со Михаил Герџиков и Петар Манџуков; тројцата студирале во Женева). Мерџанов во 1898 година дошол во Солун од Женева, за да ја шири револуционерната кауза. Тој бил претставник на група македонски и бугарски студенти во Женева кои биле поврзани со руските социјал-револуционери обземени со идеите на нихилизмот и анархизмот. Мерџанов бил интелектуалниот учител и на солунските атентатори, донесувајќи ги во Солун книгите на Кропоткин, Степњак, Чернишевски, Тургењев... Мерџанов бил еден од ликовите кои во Женева и Париз, пред сè, ги поврзувале бунтовните и идеалистични Јужни Словени, Србите, Хрватите, Словенците, Босанците, Бугарите, Македонците... Копнежот на тие млади луѓе бил создавањето на некаква балканска (кон)федерација како најефикасна политичка форма против колонијалните аспирации на големите сили.

Како важен мобилизатор на српската младина Гаќиновиќ го наведува и Љубомир Јовановиќ во Белград, директор на списанието Пијемонт. Јовановиќ, меѓу другото, одлично го познавал бугарскиот општествен живот и имал лични пријатели меѓу македонските водачи. Хрватската младина се собирала околу списанието Вихор кое 1912 година излегувало во Загреб. Главни придвижувачи на хрватската младина биле Димитрие Митриновиќ и Владимир Черина. Во Словенија пројугословенската и националистичката младина се групирала околу списанието Препород. Во Сараево групата околу Гаќиновиќ се собирала околу списанието Омладина кое со преводите на Херцен, Бакуњин, Чернишевски (романот Што да се прави) влијаело на воспитувањето на цела една генерација. Од овие групи на бунтовни млади луѓе всушност се реинкарнира идејата за Југославија, „настаната од истрелот на Гаврило Принцип“.

„Она што пред стотина години била ’Млада Босна’, она што го урна целиот стар свет во времето кога овој, како што би рекол Хаксли, сеуште не бил спремен да умре, а новиот уште не бил спремен да се роди, било зачнато во книжевните списанија. Тој стар свет не го срушија ни робовите, ни кметовите, ни пролетерите; го срушија гимназијалци и студенти кои ги читале Шерлок Холмс, Вајнингер и Витмен“ - пишува современиот писател Мухарем Баздуљ во еден број на српското списание Градац посветен на „Млада Босна“.

Еден од најголемите југословенски поети во 20 век, Тин Ујевиќ, другарувал со Гаќиновиќ 1914-15 и заедно во Париз ги посетувале предавањата на Троцки и Луначарски и се инспирирале од тамошните анархистички и социјалистички идеи. Но, набрзо по раната смрт на Гаќиновиќ (во 1917 година, на 27 години) Тин Ујевиќ сепак со многу повеќе (само)критичност пишува за тоа доба во кое и самиот бил мошне активен учесник: „Искрснува прашањето: Зошто Гаќиновиќ не се фатил за некоја повредна научна работа, живеејќи поскромно и без врева, зошто не изработил некое дело со поширок и подолг здив, без желба да го отпечати во весник или себе да си прави реклама? Очигледно е дека ни нашата младина сеуште не е искачена до таков степен на просудување на нештата. Колку само има тука загубено време! И добри намери, залудно пропаднати, и пропуштени можности! Но, тие гревови ги наследивме од своите татковци. И, кога почнавме да ги порекнуваме, губевме време славејќи ги славните ’непосредни акции’ или просто денгубевме: еден во знакот на Жорж Сорел, а друг во знакот на Петар Кропоткин. Поради самиот идеализам бевме мрзливи, непрактични; а нашиот туизам нам ни ја порекнуваше и онаа мера од егоизам која беше потребна за да се издржи во борбата за култура која ја водевме како утописти, паднати во просташтво, во темница, често и во блато - и тука се валкавме, а понекогаш и гушевме. Овие вистини еднаш ќе ги признае секој, кога ќе престанеме да лажеме и да се измамуваме...“

На излезот од 20 беше напишано: „Сè беше залудно“. На влезот најверојатно пишувало, судејќи барем по срцата на револуционерите што го одбележаа: „Сè е можно“.

Слични содржини

Историја
Балкан / Историја
Европа / Историја
Балкан / Книжевност / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото