Домашниот окупатор ни го краде и културното наследство

27.11.2013 10:47
Домашниот окупатор ни го краде и културното наследство

Кај нас, токму домашните квазипатриоти се уништувачи, крадачи и присвојувачи на нашето национално уметничко и културно богатство. И апсурдот да биде поголем, токму апашите и уништувачите на „реалната култура и уметност“, градат кичерајски Археолошки музеј во кој ќе нема што да се изложи.

Деновиве со особено внимание и восхит ги читам колумните на Златко Теодосиевски, еден од ретките, колку што јас забележувам, кој јавно и во континуитет ги денунцира состојбите во македонската култура, уметност, архитектура.

Она на што особено се осврнува Теодосиевски во последно време е целосниот крах на нашите културни институции, нешто што само се потврди со кражбата на повеќе од 166 предмети од Музејот на Македонија.

Како што и самиот забележува, ова е само продолжување на суштинското уништување на реалното, македонско културно наследство, кое оваа влада свесно и со голема истрајност го спроведува. Одговорност засега не гледаме кај ниту една релевантна „институција“, ниту кај оние наводно „културните“, а уште помалку кај оние „некултурните“ како што е нашата полиција.

И тука не треба да очекуваме чуда, не само затоа што секој вид криминал или културолошко злосторство кај нас поминуваат неказнето, туку и затоа што станувам сѐ поубеден дека преродбеничката идеологија и нивниот однос кон културата, претпочита некои аспекти од нашето културно-историско наследство да ги снема физички.

Веќе одамна треба да ни е јасно дека ревизорскиот однос кон историјата и кон минатото на ДПМНЕ, неминовно се рефлектира и врз нашата култура, уметност, архитектура, врз нашето наследство. Денес, репери за уметност се нуспродуктите на антиквизацијата и квази барокот претставени низ кичерајски кнауф градби, фасади, антички столбови и крајно неестетски и историски дубиозни споменици и скулптури.

Единственото нешто што може да добие внимание и соодветна заштита во оваа држава како уметност се само некои антички златни маски кои евоцираат дека Македонија е домот на Александар и неколку обезглавени скулптури кои би ја оправдале нашата милениумска историја.

Покрај тоа, само мускулестите Прометеј, Воинот на коњ, Таткото на воинот на коњ, саде мускулести типови и коњи или пак цицлестите мајки на Воинот на коњ, или сѐ она што според нацистичко-сталинистичкиот уметнички терк би се нарекло уметнички дела од „Големата каросерија“, со мускули, ладно оружје и со решителни погледи кон иднината, може да се сметаат за уметност и култура.

За сѐ останато што не е дел од претходно наведеното, особено за тоа што го нарекувам реално историско-културно-уметничко наследство на Македонија, е предвидено систематско исчезнување и истребување, што преку физичко уништување, елементарни непогоди, што преку кражба и приватни присвојувања.

Македонија е апсурд од тој аспект, ние сме единствена држава која си го краде сопственото културно наследство, за да го замени со фиктивно, културно и непостојно наследство.

Историјата познава многу кражби на национални богатства, културни наследства или на уметнички дела, но и во случајот на еден Наполеон, па и во случајот на нацистите и фашистите, тие кражби биле дело на странски или на надворешен агресор.

Кај нас, токму домашните квазипатриоти се уништувачи, крадачи и присвојувачи на нашето национално уметничко и културно богатство. И апсурдот да биде поголем, токму апашите и уништувачите на „реалната култура и уметност“, градат кичерајски Археолошки музеј во кој ќе нема што да се изложи, односно ќе се изложува нивната псевдоуметност и култура со веќе споменатото, плус восочни фигури, а кој знае, можеби и живи фигури, како во еден познат скеч од „Топ листа надреалиста“.

Но, постои и една друга логика! Истите процеси на градење и фабрикација на една нова уметност, култура и историско наследство за кои денес сме сведоци, се случувале и за време на нацизмот, фашизмот или на сталинизмот.

Во исто време, паралелно со креирањето на фикцијата, следело и масовното крадење на уметничкото и културно наследство, кое новите режими го толкувале како „декадентно“.

Наполеон украдената уметност не ја гледал како декадентна, туку како возвишена. Тоа го правел како казна над победените, нивна морална субординација, како обештетување, како пропагандна цел во консолидирање на своето владеење, дека само неговото „кралство на слободата“ заслужува врвна уметност да го разубавува.

Кај нацистите е поинаку. Токму пред некое време во Минхен беа пронајдени 1.500 уметнички дела од најразлични уметници, украдени од страна на нацистите.

Се поставува едно двојно прашање, зошто нацистите краделе уметност и културно наследство кои ги сметале за декадентни или за непотребни, а не ги уништувале? Зошто не ги ставиле на клада како декадентната и антиаријанска литература?

И дали овој наш режим, по истата логика го краде токму она културно наследство кое го смета за декадентно, но во исто време на него гледа како на мошне лукративен бизнис?

Еве, на пример, веќе знаеме дека на археологот на режимот, Паско Кузман, му се суди не само за финансиски малверзации, туку и дека наводно препродавал и изнесувал од државата културно богатство и наследство заедно со „Радникот“ и малку заборавил да пријави до фамилијата што и колку заработил од тој бизнис.

Гледате, сѐ на крај се врти околу парите! И нацистите сакале да се офајдат од декадентниот експресионизам, импресионизам, кубизам на Пикасо, Матис, Реноар, Кле, Шагал, но мислеле дека е попаметно тие грди слики и уметнички дела да се „шитнат„ или да се стават во нечија приватна колекција.

Така и нашава фамилија додека спроведува историско-културна ревизија, се прави на удрена или некомпетентна за тоа како ни исчезнуваат илјадници артефакти, уметнички дела, икони, музејски експонати, кои некој потоа очигледно ги препродава или ги присвојува.

Но, историјата нѐ подучува и на нешто друго, односно ни дава уште една лекција за хипокризијата на режимите кон уметноста. Многу години по падот на Третиот рајх, во тајните сефови на Гебелс и Геринг во швајцарските банки, пронајдени се бројни украдени уметнички дела. Очигледно, некои припадници на режимот не биле толку големи вљубеници во официјалната и ревизионерска уметност на режимот, па и им се допаѓале „декадентните“ богатства и сакале да ги чуваат за самите себе. Да не испадне така и со нашиве, па тоа што денес изгледа како изгубено еден ден да го најдеме во приватните колекции и тајните сефови на фамилијата?!

Еден ден кога овој режим ќе падне, инспекциите ќе знаат на чија врата ќе треба да затропаат, за да го пронајдат изгубеното.

Слики: Свирачиња