1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Дали е Скопје еден град, еден ист град за сите жители? Дали е тој една иста вистина за сите нас? Јас чувствувам дека различно го доживуваме градот. Секој го доживува, односно секому му припаѓа онолку, колку што секој се нашол себеси во него, па затоа и велам: Скопје е таму, каде сум вгнезден, она парче од градот што не ми е туѓо, туку ми е блиско, т.е. таму каде што се моите другари, а посебно таму каде што ги оставив спомените на моето детство.
Лично во мене живеат два града кои меѓу себе постојано се натпреваруваат да докажат дека се подобри еден од друг. Јас сум еден од оние млади скопјани кои своето убаво детство го минаа пред земјотресот, кои својата младост ја минаа меѓу рушевините од земјотресот и експлозијата од градби кои денес се сместени во еден град без препознатливи знаци на своето детство и својата младост, во еден нов град вон границите што ги познаваа и што прифаќаат да ги познаваат.
Ако загребам подлабоко во мојата свест ќе се сетам на далечните педесетти и шеесетти години, кога прозорец во светот беше филмскиот журнал, каде гледавме како се живее во светот. Ги гледавме булеварите полни со автомобили, се воодушевувавме со нив и им досадувавме на постарите со прашањето: каде се сместуваат толку возила? Колку се чувствувавме мали и сиромашни кога после кино претставата се враќавме дома, одејќи по прашливата калдрма на нашата вечно нечиста Топаана, прашувајќи кога ќе дојде таа иднина, секој да има автомобил, два телевизора, повеќекатница. Нѐ учеа в училиште дека највисока зграда е „Хармониката" кај Војна пекара, па сите ја гледавме како Ајфелова кула.
Но, во тие времиња без автомобил, без асфалт и без телевизија растевме на улица. Јас и денес се сеќавам на нашите игри, на нашите забави, на откривањето на околните знаменитости каде се стекнуваше храброст и се потпалуваше нашата љубопитност.
Дали знае некој колку влезови имаат скривниците под „Циганските гробишта“? Дали некој се сеќава по која врвица најлесно ќе се спуштите до „Пештерата" на Скопската тврдина? Ние одевме и подалеку.
По Серава минувавме покрај бавчите на Вучидолови за да стигнеме до „Втора фабрика" па оттаму до Герме каде имаше диви круши и петровки. А тука, околу Герме, во туланските јами полни со вода, беа најубавите жапчиња со кои ловевме клен на Вардар.
Секој од нас знаеше до каде може да оди. Како што растевме така можевме да одиме сѐ подалеку и подалеку. Во летните месеци одевме на риба на каналите кај Маџари, Ржаничино, Таор, Тафталиџе, на Лепенец, па сѐ до Треска. Навечер се враќавме дома со риба која се пржеше во дворот, каде седеа постарите комшии, пиејќи ракија и долго, долго зборувајќи за работи кои ние не ги знаевме. Ние моравме да си легнеме, но скришум одозгора ги гледавме и си мислевме дека се многу важни и сериозни.
Дали нашите млади скопјани знаат што е капиџик? Тој повеќезначаен збор, кој во буквален превод значи мала врата меѓу дворовите, во жаргон означуваше цела низа поими од врска, „кривина" па сѐ до „венериниот брег". Е, капиџици во моето маало имаше меѓу сите куќи. Кој со кого не живееше добро го затвораше капиџикот. Во нашата улица имаше седум капиџици отворени еден по друг. Кога игравме или кога се тепавме, можевме да влеземе во дворот на горната улица и да излеземе од дворот на долниот дел од улицата. Така и се делевме: Горно маало и Долно маало.
Секако, за секого детството е прекрасно. Можеби затоа што остануваат само убавите спомени. Но, кога зборувам за Скопје на моето детство ми се чини дека тогаш повеќе го познавав. Иако беше старо, трошно и прашливо, ми се чинеше дека го знам на прсти. Најгрубо по маалата. Да кажам, јас сум од Топаана, баба ми седеше во Маџар-маало, другар ми живееше во Пајко-маало. Се купуваше зеленчук на Бит-пазар, стакло во Чаир, облека и чевли во чаршија и преку мост. Потоа кој каде живееше знаевме одоко каква му е материјалната состојба. Меѓу маалата постоеше некое натпреварување, но и нетрпеливост.
Ние, Топаанците, бевме вечно нетрпеливи со Чаирчаните. Тоа сигурно траело уште од времето кога беа создадени маалата. Се пренесуваше тоа од колено на колено. Ние, децата, имавме и наше бојно поле, а тоа беше ридот на Циганските гробишта. Но, во тие судири подоцна, кога веќе се замомчуваа тие исти Топаанци и Чаирчани, најчесто се заљубуваа со девојките од другото маало, а сите учевме во исто училиште. И сега, кога зборувам за тие моменти, најпријатно сеќавање чувствувам за моето училиште. Тоа не беше само спојница меѓу двете маала, туку беше простор каде живеевме сите: и децата и старите. Колку беа свечени празниците кога сите родители доаѓаа на приредба свечено облечени, па после приредбата ние, децата, одевме дома, а родителите остануваа и заедно со наставниците продолжуваа со празнувањето.
Јас сум тажен кога ќе видам дека се прави Галичка, Струмичка, Тетовска или која и да е вечер на било кои луѓе кои се бараат по своето потекло, бидејќи не се вклопиле во градот. Скопје не е нивни град. Каде е моето Скопје? По што ли да го препознавам и за кои ли луѓе да го сврзам? Не знам дали сум праведен кон луѓето што се населија, а не го прифатија градот. Дали тој им ја отвори душата или не, штом се толку туѓи?
Дали сакате џез и рок? Знаете ли каде можете да го чуете? Ако сте вистински вљубеник во таа музика на современиот град, тогаш сигурно знаете дека неа ќе ја слушнете во Домот на младите. Навистина во таа нефункционална зграда се случува нешто неверојатно. Тука, покрај младите рокери и панкери, концертира Македонската филхармонија, дава претстави авангардниот цигански театар, технички и културно се образуваат младите. Но, тука доаѓаат и оние кои беа млади, а кои немаа ни простор ни услови да творат во свое време. Тие волонтери и заљубеници во музиката, театарот, сликарството, заедно со младите, прават Скопски фестивал, Скопски театар, зборуваат за Скопје од Матка до Зелениково, од Пржино до Радишани, бидејќи тоа е нивно Скопје.
Тие не ја познаваат нашата Стара чаршија, но се чувствуваат пријатно во малите кичерски ќебапчилници и кафеани. Тие не се оптоварени со минатото и со значењата на стариот град, но затоа ги пополнуваат сите простори што им се чинат пријатни. Дури и корзото го преселија во чаршијата, бидејќи тоа е нивно Скопје.
Се надевам дека нивното Скопје е поубаво и ќе остане такво, меѓниците на нивната младост ќе останат и нема да има стихија која сѐ ќе избрише и сѐ ќе принуди да се започне одново.
Извор: А, списание за култура на просторот, бр. 2, 1985 година