Излет

27.11.2013 11:40
Излет

Една мала (навистина - некако премногу мала!) проѕирна жена се ниша во нишалка исплетена од танки светлосни жилички. Се чини како по сенестите делови да има скриено малечки огледалца. Како само се превртува, бесрамница! Ногата ваму, ногата таму, ту е на грб, ту е на стомак! И бескаат бутчињата - како да ги има три, дури и пет. Ма, не: тоа е шише вода во која, при наточувањето од изворот, се наросиле ситни ливчиња од ланската папрат. Внимавајте, во сендвичите се вовлекле неколку мравки; во мравјалникот се веќе испратени гласници што треба да соопштат дека има сериозни изгледи за голема гозба. Навали, народе! На повидок е шумски комунизам - секому според алчноста! Една хартиена салветка се крие меѓу шушлекот со кој е покриена падинката: по еден месец, или два, ќе се збратими наполно со големите лански лисја на јаворот и дури ќе тврди дека е од исто благородно потекло. На работ од суводолицата, под грмушките, таму кај што седевме, откривме дека се крие цел еден минијатурен среден век. Бодливиот оклоп на костенот, нагмечениот калпак на желадот и обружбата на едно мртво еленче-бубалче се знаци од никогаш доволно сериозно проучената летна хералдика. Под кората на сувиот брест ларвите-писари испишале цело едно писмо со руни. Летописи насекаде. Научивме ли нешто од сето тоа, ние, вечни повторувачи на краткиот курс по годишни времиња. Додека се подготвувавме за враќање, ни падна на ум дека сме пропуштиле да се фотографираме покрај црквичето. На вратата имаше натпис дека е старо шестотини години. Тоа е бесмислено, и ни се стори дури и некако срамотно. Шестотини години - каков несоодветен начин на мерење на времето! Таа црква е стара колку дамчестото јајце од потполошка кое дождот го свелкол од гнездото и го скрил во мовта - или колку оној шарен измазнет камен долу во потокот.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор.

Слика: Адам Венс

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото