Тодоров го засади првиот багрем во Македонија

27.11.2013 15:51
Тодоров го засади првиот багрем во Македонија

Скопје, 27 ноември 2013

Министерот за здравство Никола Тодоров по повод Денот на дрвото денес го засади првиот багрем во историјата на Македонија, во дворот на своето матично министерство.

Пред присутните новинари, Тодоров изјави дека е среќен што овој револуционерен настан во македонската историја се случува токму за време на неговото министерување.

„Како прв министер за здравство на Македонија, среќен сум што токму на првиот Ден на дрвото сум дел од ваков историски потфат. Се радувам, и покрај тоа што не ми е првпат да бидам дел од вакви револуционерни настани“, вели министерот Тодоров.

Тој коментира дека ова ново и досега невидено растение во Македонија е значајно за биодиверзитетот во земјата и најави дека догодина, кога исто така ќе се одржи првиот Ден на дрвото, за прв пат во земјава ќе биде засадена липа.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ воведува новитети 24/7, за разлика од опозицијата. Народот е секогаш желен за нешто ново, а не веќе видено“, изјави Тодоров за Пара вести.

Запрашан за тоа која е следната револуционерна операција што ќе биде изведена во Македонија, Никола Тодоров одговори дека наскоро граѓаните преку директен пренос ќе може да ја гледаат првата операција на слепо црево, како и првото пломбирање заб во нашата земја.

Освен директните преноси од овие операции, ќе бидат емитувани и ексклузивни снимки од вежбите на симулаторите за овие сложени зафати, како и ексклузивни фотографии од првите флипери донесени во Македонија.

Напишано според текст на ЗАЗУ