Враќање на банкстерот

27.11.2013 15:35
Враќање на банкстерот

Еден од шефовите на Дојче Банк, Јирген Фичен, минатата недела одржа говор на банкарската конференција во Франкфурт. Тие состаноци редовно се одржуваат и тој секогаш зборува на нив, но надвор од дофатот на јавноста. Тоа е грешка. Говорот на Фичен го одзема здивот.

После овој говор на сите им е јасно дека банкарите не ја научиле лекцијата од финасиската криза. Еден од најмоќните германски банкари повторно ги нападна политичарите и ги исмејуваше нивните напори донекаде да го ограничат лудилото на финансиските пазари. Ароганцијата на овие луѓе остана иста како и пред кризата. Тие не научија ништо и сѐ уште не се плашат од никого. Политиката потфрли.

„Бесмислица“ е чест збор во говорот на Фичен. Така тој ја отфрла секоја критика на меѓународните банки по големата криза. Да се сетиме на стравот на јавноста кога почна да кружи фразата „преголемите да пропаднат“. И навистина, банките се толку огромни, што државите не се осмелија да им дозволат да пропаднат. Последиците од тоа ги чувствуваме денес. Но Фичен вели: Наскоро ќе престанеме да ја повторуваме оваа бесмислица.

За раздвојувањето на инвестиционите и комерцијалните банки, со што ризичните работи на инвестирање би се одвоиле од класичните штедни влогови, Фичен вели: „Сѐ уште не успевам да проникнам во смислата на одвоениот банкарски систем“. За данокот на финасиските трансакции, кој донекаде би го забавил вратоломното темпо на берзанското тргување: „Прилично бесмислено“. За глобалните правила на банкарското работење: „Враќање во мрачното доба“. Според неговото мислење, зголемената безбедност не смее да ја загрози конкурентноста. „Ако направите автомобили кои возат 20 километри на час, добивате безбедно возило - но обидете се да ги продадете“.

Дали застана овде?

Не, отиде и чекор понатаму зборувајќи за големината на банките: „Големината не е проблем, туку предност“. Потоа го наведе примерот на големите банки, мислејќи на ЏП Морган, која беше во состојба да ги префрли своите големи загуби во Лондон, а да не се дестабилизира. То ест, да плати казна од милијарда долари. Така научивме дека банките треба да бидат што поголеми за евентуално да можат да ја платат казната за своите делумно валкани работи.

Дилерите на дрога се принудени да го шират својот бизнис за да имаат пари за адвокати. Соодветна споредба? Дојче Банк има правни канцеларии во многу градови во светот: Дубаи, Брисел, Њујорк... И тужбите секаде се слични: измами, перење пари, прикривање на ризикот, манипулирање со каматите и конечно, шпионскиот скандал со Лео Кирш.

Јирген Фичен е поставен за еден од шефовите на оваа банка за да направи „културолошки пресврт“. Очигледно е избран погрешен човек. На овој банкстер му доликуваат зборовите на Ниче: „Никогаш не вели - не требаше да го направам тоа, туку секогаш - ме чуди што веќе не сум го направил тоа сто пати“.

Живееме во време кое најдобро го опиша претходникот на Фичен, Хилмар Копер: „Парите никогаш во човековата историја не се движеле побрзо и во поголеми количини. И никогаш никој не си поигрувал со планетата како во ерата на глобализација“. Ова звучи како општопознат став. Но дали навистина го разбираме? Моќта на парите извира од нејзиното постојано спротивставување на политиката. А политиката непрестајно потфрлува.

Меѓународниот монетарен фонд уште во 2009 година ги процени трошоците и ризиците од финансиската криза на неколку милијарди долари. Од почетокот на кризата во 2008 шпекулациите со цените на храната предизвикаа глад и нереди во десетици земји.

Луѓето како Фичен нема да донесат промена. Што ние можеме да направиме? Кога ќе почнеме да бараме од нашите политичари да ги сопрат таквите луѓе? Додека тоа не се случи, би можеле барем да престанеме да му се додворуваме на Фичен, а не да го повикуваме на „состанок на економските лидери“ како Süddeutsche Zeitung минатиот викенд, или да му подигаме медиумски споменик како Die Zeit: „Кога Фичен одел со татко му на орање, сфатил дека не може да контролира сѐ, на пример ветерот и времето. Треба да се искористи поволниот момент, да се вооружиш со трпение, а кога работите ќе тргнат наопаку, не треба да се откажуваш туку да бидеш упорен, дури и тврдоглав, но секогаш со извесна доза на смиреност.“

Сите знаеме дека со нашата економија не раководат граѓаните, ниту аристократијата, туку само поединци. Нашиот систем не е ниту демократски ниту аристократски. Тој е чиста олигархија.

Профитите одат кај акционерите, бонусите кај банкарите, а ризикот го сноси државата. И финансиската криза тука не промени ништо. Станува збор за неморален систем кој нема никаква врска со пазарната економија. Тоа е перверзна форма на клиентелистички капитализам. Тоа е државно санкционирано искористување.

А сѐ е многу просто. Кога некоја банка ќе стане толку голема што нејзиниот крах би бил неподнослив - тогаш и таа банка е неподнослива. Приватната компанија која во нужда бара државна помош е вистинска бесмислица. Треба или да се раздели на помали делови или да се пренесе во државна сопственост, каде нема да ја управуваат по принципите на профитот. Тоа звучи малку здодевно. Да, бидејќи е баш така. Подржавувањето е решение.

Извор: Spiegel
Слики: Денис Вунш

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото