Харизмата во македонската политика

28.11.2013 12:58
Харизмата во македонската политика

Пред некое време читав една мошне интересна анализа за тоа како потсвесното влијае на нашите политички преференции и колку всушност е важна харизматичната димензија на политичкиот лидер. Мислам дека е мошне апликативна за нашите услови, па ќе се обидам да ве запознаам со суштината.

За општество како нашето, каде превладуваат ниските страсти, слабата едукација, подложноста кон митови, лажни вредности, озборувања, илузии, а со тоа и лесното обожување на лидерот, добро би ни дошло едно вакво промислување. Во Македонија клучниот аспект кој ја одредува политичката опција и консензус и понатаму е токму харизматичноста на политичкиот лидер.

Досега, многумина сметале дека еден лидер или има или нема харизма. И тоа најчесто е така, но она што денес сѐ повеќе се потврдува е и дека постојат повеќе видови харизма. Честопати знаеме да кажеме дека лидери не се прават, тие се раѓаат, но, харизмата е компонента која го трансцедентира лидерството како политички квалитет и одговорност, и го заменува со имагинарни слики, илузии и лажни перцепции.

Многумина други можат да изразат загриженост од овие афирмации дека токму харизмата е пресудна во нашиот избор! Нормално, ние денес знаеме дека многу други компоненти влијаат на нас, особено во недемократски општества, каде моќта се користи со сите репресивни и пропагандистички методи за егзалтација на својата политичка опција. Но, токму харизмата на еден лидер, мултиплицирана од заслепените маси, потоа знае да се претвори во тоталитаризам. Опасноста од харизматичноста е огромна, затоа што таа е таква форма на моќ која заслепува, хипнотизира, го инхибира секој критички суд и речиси квазирелигиозно ја прославува „сликата“ на лидерот кој се претвора во еден вид пагански идол.

Од тој аспект Фројд со своето епохално дело, „Психологија на масите и анализата на Јас“, најдобро ја доловува суштината. „Индивидуите дотолку ја губат својата автономија и интелектуална иницијатива, колку што слободно се предаваат на новостекнатото чувство кое потекнува од илузијата дека се дел од една осигурувачка и кохерентна целина“.

Гистав Ле Бон, францускиот социлог, објаснува колку психолошките перцепции влијаат на општественото. „Општеството се состои од плуралитет на индивидуи обединети помеѓу себе преку емотивни психички состојби, ирационални состојби. Не е свеста таа која ги ориентира масите, туку несвесното. Кај масите лесно избиваат на површина инстинкти кои во поинаква ситуација би биле под контрола. Сугестијата е компонентата која ги ослободува инхибираните механизми на поединецот.“

Истото го потврдува и Фројд, чувството за одговорност комплетно исчезнува кај масите. Човек изгубен во масата регредира во „духот на масата“, станува примитивец, и тоа особено е случај кога масата е раководена од харизматичен лидер кој ja коагулира толпата околу одреден принцип, идеја, која не се раѓа спонтано, туку е продукт на систематска индоктринација.

Ова Фројд го пишува токму во моментот кога Европа и човештвото влегуваат во тунелот на тоталитаризмите. Нам, искрено, не ни треба Фројд за да разбереме колку денес и до кој степен кај нас, политиката не е регулирана од рационалното и колку освојувањето консензус не зависи од логичко промислување и убеденост во аргументите на тоа што ни се презентира.

Ние одлично ја отсликуваме таа еволуција на еден харизматичен лидер за простите и широки маси, кој нуди нерационални идеи, на граница на чист идиотизам, а потоа тие луди идеи се мултиплицираат, ирационалното комплетно нѐ освојува и почнуваме секоја лага и измислица дури и ентузијастички да ја прифаќаме.

Тоа што треба да разбереме е дека зад ваквото однесување кај голем број наши граѓани, лежат не само индивидуалните аспирации за богатење, лични интереси, егоизам, туку и оние инстинктивни и нерационални, за потреба од промени, за промена на постојното, за поинаква иднина. Фактот што сите тие нерационални очекувања мошне брзо ќе бидат изневерени, воопшто не ја слабее заблудата, особено кога харизмата ќе стане заразна, а пропагандата и репресијата ќе се придодадат и ќе го потхранат нерационалното.

Харизмата, и тука не ме разбирајте погрешно, Груевски како слика и прилика на народот, ја има во изобилство. Но, харизмата не застанува на сликата, таа зависи и од силата и од убедливоста на тоа што лидерот го говори. Видете, вие може да се согласувате со сѐ што еден политичар говори. Но, начинот на кој што го кажува тоа, зборовите кои ги користи, не секогаш одговараат на потребите и на очекувањата на оној што слуша. За нешто да биде разбрано од повеќето луѓе говорникот мора да биде доживеан дека го инкарнира тоа што го тврди, зборува и го ветува. Едноставно, зборовите на некои луѓе, еднаш изговорени, колку и да се точни и автентични, стануваат контрадикторни со очекувањата на широките маси.

За чудо, и тоа е хипнотизирачката моќ на Груевски, што тој со неговиот прост говор, лош изговор, пресметани зборови, лажни ветувања, допира до простите маси. Очигледно е дека иако е најголем лажго на оваа планета, носител на најкатастрофалните тези, Груевски ја освојува публиката не затоа што е добар во реторика, не затоа што е комуникациски гениј, туку затоа што знае да ја пренесе вербата, да ја инкарнира својата лажна вистина до тој степен, што лагата во нерационалното и потсвесното кај масите се трансформира во нешто кредибилно, пријатно, поведувачко.

Ете, можеби токму оваа карактеристика што сега ја истакнувам најубаво ја објаснува харизмата. И што ни кажува тоа? Не само што перцепцијата за харизмата се има променето низ времето, туку и денес сме сведоци на еден поинаков вид харизма од порано. Или уште повеќе, денес сме сведоци на повеќе видови харизми, некои како комбинации од повеќе видови, некои како крајно уникатни и автентични.

Харизмата на Груевски е можеби во исто време и најлесна и најтешка за зграпчување. Таа пред сѐ се потпира на обичниот човек, на инкарнација на народното, од говорот до изгледот, од однесување кое има дијапазон од крајно неодговорно и лудо, до математички пресметано и поддржано од системска пропаганда. Груевски, во исто време, е идеалот дека секој може да успее, и дека секој потоа може да злоупотребува. Тоа е принцип на слобода, мошне неодговорен, но подеднакво привлечен за простите маси. Едноставно, Груевски антрополошки е македонскиот архетип. Сѐ понатаму е продукт на една проектирана идентификација.

Други атрибути кои ја поддржуваат неговата харизма се монополот врз македонскиот идентитет, национализам и патриотизам. Потоа, неговата харизма еволуира паралелно со неговата режимизација. Груевски е најсилната слика на режимот, но во исто време и сликата на отчетноста, на вистинитоста, на остварливоста. Овој човек е во исто време симбол на антиполитиката, некој кој комплетно ја гази демократијата и претставителноста во политиката, а во исто време е креатор на една нова политика дефинирана како лична власт, персонификација на моќта и авторитаризам. Харизмата на Груевски од тој аспект е трансверзална, се движи во сите насоки, тој владее и со вертикална и со хоризонтална харизма. Во исто време е и патријархот, патријархалниот лидер на народот, но никогаш до степен да се ограничи и да се зацементира на таа позиција, способен постојано да се камуфлира и да се трансформира, и како екстремист и како интегралист.

Тоа кај левицата никогаш не било случај. Таму повеќе доминирала вертикалната харизма. Донекаде тоа е и нормално, поради поинаквиот вид на харизма со кои лидери како Глигоров или Црвенковски успеале да се идентификуваат. Глигоров беше апсолутниот татко на нацијата и колку и денес вмровците да се обидуваат да го минимизираат, тоа беше и заслужено. Кај Црвенковски дури и претерано се наметна харизмата на државник, на нов татко на државата, како еден државотворен и одговорен лидер. Таквата перцепција не беше случајна, денес сфаќаме колку впрочем и Глигоров и Црвенковски воделе сериозна и кохерентна политика, во многу потешки времиња, со многу подобри резултати. Разликата е што никогаш не посегнале и не пропаднале во антиполитиката, во пропагандата каква што денес нѐ доминира или, пак, како незагадени актери од политиката која ја практикувале. Биле автентични политичари, секогаш свртени кон политичката логика, стратегија и разум, водејќи се од рационални и државни интереси, и очекувајќи и народот да се однесува консеквентно. За жал, денес не е таков случајот со народот.

Доказ за тоа е дека дури и трансформацијата што ја доживеа Црвенковски преку Отпорот, преку самопожртвуваноста и повторно, објективна борба за државните интереси, не беше до крај наградена од граѓаните. Црвенковски во тој процес се ослободи од вертикалната харизма, се обиде и во голем дел успеа трансверзално да привлече консензус. Но, сепак, неминовно е за лидер кој се бори за државотворност и одговорност, во времиња на апсолутна политичка неодговорност и манипулација, тој пред сѐ да зрачи со вертикална и со по малку анахрона харизма.

Заев, од друга, страна е поразличен. Носител е на некои позитивни црти на народна блискост, позитивна слика на сите оние карактеристики кои Груевски ги злоупотреби за изградба на режим. И Заев, како и Груевски, создава природен и спонтан консензус кај широките маси. Естетски е подобрена верзија на харизма, вербално е во состојба да се натпреварува кај широките маси со Груевски.

Тој сепак за левицата е носител на одредена трансформација од претходното, со сите мани и квалитети што таа трансформација ја носи. Неговата најголема сила и можеби најголема слабост е што е способен да собере консензус кај истиот електорат на Груевски. Тоа што сѐ уште му недостасува е националната димензија и способноста да ги привлече новите генерации кои не се наоѓаат во веќе виденото. Во секој случај, Заев, дефинитивно се откачува од вертикалната харизма и неговата димензија е повеќе хоризонтална. Токму затоа како нов лидер на политичката сцена треба пред сѐ да се фокусира на онаа група граѓани кај кои тешко добива консензус кој било денешен лидер, а тоа се огромниот резервоар на неопределени. Тука не ни останува ништо друго, освен да почекаме и да видиме дали Заев ќе успее во тоа.

Слики: Александар Јосифовски & Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото