Деца на епохата

26.11.2009 15:12
korica_26.11.2009.jpg

 

1
Деца на епохата

Ние сме деца на епохата,
епохата е политичка.

Сите твои, наши, ваши
дневни нешта, ноќни нешта,
тоа се политички нешта.

Сакал или не,
твоите гени имаат политичко минато,
кожата одблесок политички,
очите аспект политички.

Она што го зборуваш има резонанција,
она за што молчиш има изговор
вака или онака политички.

Дури и кога шеташ низ шума
правиш политички чекори
на политичко тло.

Песните аполитички сеедно се политички,
а горе свети месечината
објект веќе не месечински.
Да се биде или не, тоа е прашање.
Какво прашање, одговори, љубов моја?
Прашање политичко.

Не мораш да бидеш дури ни човечко суштество,
за да добиеш политичко значење.
Доволно е да бидеш непреработена нафта,
интегрална храна или секундарна суровина.

Или маса за седници, околу чијашто форма
се караа со месеци:
за животот да се одлучува треба ли на
тркалезна или квадратна?

За тоа време гинеа луѓе,
пцовисуваа животни,
гореа домови
и зараснуваа полиња,
како во епохи изумрени
и помалку политички.


2
Првата хитлерова фотографија

Кој ли е буцкото во кафтанчето?
Та тоа е малиот Адолфчо, синчето на Хитлерови!
Можеби ќе порасне во доктор по право?
Или ќе биде тенор во виенската опера?
Чие е рачево, вратчево, увцето, окцето, носето?
Чие е стомачето полно со млеко? Не се знае уште дали на:
печатар, советник, трговец, свештеник?
Кон каде ли ќе заталкаат смешните ноџиња, кон каде?
Во градинка, во училиште, во канцеларија, на венчавка
со градоначалниковата ќерка можеби?

Момченцето, ангелче, трошка, зракче,
кога пред една година доаѓаше на свет,
не недостасуваа знаци на небото и на земјата:
пролетното сонце, мушкатлите во прозорците,
музиката од вергл во дворот,
поволното претскажување на розикав лист,
пред самото породување мајчиниот пророчки сон:
гулаб во сон да се види - радосна вест,
истиот да се фати - ќе стигне долго чеканиот гостин.
Чук, чук, кој е, тоа чука срцето на малиот Адолф.

Цуцличе, пеленка, лигавче, ѕвечка,
момченце, Богу фала и чукање во дрво, здрав,
личи на родителите, на маче во кошничка,
на децата од сите други семејни албуми.
Но, нема сега белки да плачеме,
фотографот под црната шамија ќе направи кврц!

Атеље Клингер, Grabenstrasse Braunau,
Браунау е мал но фин град,
солидни фирми, чесни соседи,
мирис на кисело тесто и домашен сапун.
Не се слуша завивање на кучиња ниту стапување на судбина.
Наставникот по историја го олабавува околувратникот
и се проѕева над тетратките.


3
Терорист, гледа

Бомбата во кафеаната ќе експлодира во тринаесет и дваесет.
Сега е само тринаесет и шеснаесет.
Некои уште ќе стигнат да влезат.
Некои да излезат.

Терористот веќе преминал од другата страна на улицата.
Таа раздалечина го штити од секое зло,
а глетката - како во кино:

Жена во жолт жакет, влегува,
Човек со темни очила, излегува.
Момчиња во фармерки разговараат.
Тринаесет и седумнаесет и четири секунди
Оној понискиот има среќа и седнува на скутер,
а оној повисокиот влегува.

Тринаесет и седумнаесет и четириесет секунди.
Девојка, со зелена трака во косата, оди.
Само што автобусон ненадејно ја сокрива.
Тринаесет и осумнаесет.
Веќе ја нема девојката.
Дали била толку глупа и влегла, или не,
тоа ќе се види кога ќе ги изнесуваат.

Тринаесет и деветнаесет,
Некако никој не влегува.
Меѓутоа, излегува еден дебел ќелавко.
Но, како нешто да бара низ џебовите и
во тринаесет и дваесет без десет секунди
тој се враќа по своите бедни ракавици.

Тринаесет и дваесет.
Време, како само се влече.
Сега е моментот.
Уште не сега.
Да, сега.
Бомбата, експлодира.


4
Омраза

Погледнете, како секогаш е вешта,
како добро се држи
омразата во нашиот век.
Како лесно ги прескокнува високите пречки.
Како за неа е лесно - да се скокне, да се доскокне.

Не е како другите чувства.
Едновремено е од нив и постара и помлада.
Самата ги раѓа последиците,
кои ја поттикнуваат на живот.
Ако заспие, никогаш со вечен сон.
Несоницата не и’ одзема туку и’ дава сила.

Религијата не е религија -
само да се клекне на стартот.
Татковината не е татковина -
само треба затрчување.
За почеток не е лоша ни праведноста.
После веќе трча самата.
Омраза. Омраза.
Лицето и’ го искривува гримаса
на љубовна екстаза.

Ах, другите чувства - слабички и млаки.
Од кога тоа братството
може да смета со толпата?
Дали кога било сочувството
прво стигнало на цел?
Колку подготвени сомнежот повлекува со себе?
Повлекува само онаа која го знае знаењето.

Способна, разборита, мошне вредна.
Треба ли да се спомнува колку песни составила.
Колку страници од историјата нумерирала.
Колку теписи од луѓе прострела,
на колку плоштади, стадиони.
Да не се залажуваме:
успева да создава убаво.
Чудесни се нејзините пожари во мрачна ноќ.
Прекрасни се клопчињата од експлозии во розикави зори.
Тешко е на урнатините да им се негира патосот,
и недоделканиот хумор
на столбот кој сигурно стрчи над нив.

Мајстор е на контрастите
помеѓу траскотот и тишината,
помеѓу црвената крв и белиот снег.
А згора на сè никогаш не и’ е здодевен
мотивот на уреден извршител
над валкана жртва.

Во секој момент е спремна за нови задачи.
Ако треба да причека, ќе чека.
Велат дека е слепа. Слепа?
Има брзи очи на снајпер
и смело гледа во иднината
- сосема сама.


5
Прилог кон статистиката

Од сто луѓе

коишто сè знаат подобро
- педесет и двајца,

несигурни во секој чекор
- речиси сите други,

подготвени да помогнат,
доколку тоа долго не потрае
- дури четириесет и деветтемина,

секогаш добри,
бидејќи поинаку не можат
- четворица, можеби и петмина,

склони без завист да се восхитуваат
- осумнаесетмина,

доведени во заблуда
со младоста што изминува
- плус минус шеесетмина,

со коишто нема шега
- четириесет и четворица,

оние што живеат во постојан страв
од некого или нешто
- седумдесет и седумина,

способни за среќа
- најмногу дваесет и неколкумина,

поединечно безопасни,
коишто здивуваат во толпа
- сигурно повеќе од половината,

окрутни,
кога околностите ќе ги принудат
- подобро да не знаеме
дури ни приближно,

мудри после штета
- не значително повеќе
од мудри пред штета,

оние што од животот не земаат ништо освен добра
- триесетмина,
иако би сакала да грешам,

згрбавени, заболени
и без батериичка во полумракот
- осумдесет и тројца
порано или подоцна,

праведни
- прилично, то ест цели триесет и петмина,

ако таа црта е поврзана
со напор за разбирање
- тројца,

достојни за сочувство
- деведесет и деветтемина,

смртници
- сто отсто.
Бројка, којашто како ни досега не се менувала.


Вислава Шимборска (Wislava Szymborska ) е родена 1923 година во Курњик покрај Познањ. Најголемиот дел од животот го поминала во Краков. Како поетеса, дебитирала по Втората светска војна. Остварила по обем мал, но значаен опус. Околу 350 песни во текот на шеесет години пишување. Овенчана е со најголеми признанија во Пoлска и во светот. Во 1996 ја доби Нобеловата награда за литература. Преведена е на сите позначајни јазици на светот.
Поетски збирки: Зошто живееме (1952), Прашања поставени на себе (1954), Довикувањето на Јети (1957), Сол (1962), Да умреш од смеење (1967), Секој случај (1972), Големата бројка (1976), Луѓе на мост (1986), Крај и почеток (1993), Момент (2002), Две точки (2005) и Овде (2009).

Посебност во секој поглед. Апсолутна препознатливост. Пред сè во областа на јазикот и стилот, втемелена во нејзината неверојатна дистанца спрема светот кој го опишува; спрема историските настани, биолошката условеност на човекот, општествената улога на поетот, филозофските системи, идеологијата, вистината, навиките, стереотипите, фрустрациите, масовната култура...
Кога станува збор за јазикот на Шимборска, тој наизглед е едноставен. За преведувачот, меѓутоа, тој спаѓа меѓу најсложените. Таа сложеност се покажува во мешањето на високиот и нискиот стил, во посебната употреба на зборовите, во звуковните повторувања и, пред сè, во примената на парадоксите. Таа е вистински рационалист. Нејзините судови и чувства се крајно одмерени, дури студени, но благодарение на иронијата во песните тие делуваат исклучително разиграно. Со оглед дека објавува мошне малку, без претерување може да се каже дека секоја нејзина песна е мало ремек-дело.

Слика: Claude Verlind

ОкоБоли главаВицФото