Како Колокотронис...

30.11.2013 13:40
Како Колокотронис...

Една постара Гркинка, која новинарот ја праша нешто за Златна зора, одговори со опис на својот страв кога навечер излегува на улицата, по која се шетаат овие грчки неофашисти со шлемови на главите, „како Колокотронис“. Никаде во медиумите не успеаја да го преведат овој сјаен израз, кој сведочи за духовитоста на госпоѓата, политичкиот (антифашистички) став, и за посебната историско-културна перспектива. Теодорос Колокотронис бил голем војсководец во грчката војна за независност, јунак и победник во клучната битка кај Дервенакија во 1822, човек со бурна политичка кариера, кој на стари години научил да чита и пишува и ги објавил своите мемоари, и денес едно од најпопуларните четива на грчки. Неговиот шлем е креација која со својата претераност го отсликува националниот занес и надуеност, склоноста кон послаб вкус кој еден век подоцна ќе го препознаваме како национален кич: накратко, знак за претерување и гротеска, што госпоѓата всушност и сакаше да каже. Како е можно толку важа нијанса на значење медиумите едноставно да цензурираат, како е можно да ја лишат европската и светската публика од богатството на значењето на една - а слично прават со сите култури? Во кое време и на кое место новинарот би обрнал внимание на ова значење, би дал кратко објаснување и со тоа би ги поучил слушателите/гледачите/читателите? Порано тоа не била толку лесна и секако не толку брза работа - новинарот морал да погледне во некој прирачник, енциклопедија, или барем би морал да биде снаодлив да ја замоли госпоѓата да објасни кој е Колокотронис за пошироката и негрчката публика: денес е доволно да потроши неколку секунди и на својот паметен телефон да провери која е личноста со шлемот која госпоѓата ја спомнува. Единственото што новинарот не би смеел да го направи е токму ова што се случи - цензура на граѓанската мисла и став. Површноста е премногу благо обвинение, а и нема смисла, бидејќи станува збор за вообичаен начин на однесување со граѓанскиот став кој го проповеда и заповеда глобалното царство на глупоста. Тоа ни го „враќа ударот“ баш секој ден, и се обидува да ја уништи секоја врска со знаењето, искуството од минатото, творечкото и критичкото дистанцирање и повторното читање - значи, со сето она што овозможува избор, критериуми, грижа за човечкиот род, живото и неживото, и конечно, задоволството во сето тоа.

Глупоста е насекаде, општа и сѐ помалку се забележува. Вкочанетоста исто така е ракција: не треба да се чудиме што ниту во Грција, најдобро организираното општество за манифестации и демонстрации со Јужна Кореја и Франција, повеќе нема големи, милионски манифестации, туку учесниците се мерат главно во десетици илјади. Една грчка пријателка ми вели дека единствена ефикасна манифестација би биле уште масовните самоубиства, и цинично додава дека ефектот можеби би бил добар само во првиот бран, значи само еднаш.

Тешко е денес да се замисли некој на светот кој не го гледа шлемот на Колокотронис - симболички предмет на надуеноста на царството: политиката никогаш не била потранспарентна, посебно во Европа. Старите се подложени на систематско бавно истребување со укинувањето на средствата за живот, социјалната и здравствената заштита; младите се распрскани, систематски изгладнувани, сотрени, со сериозно скратена животна перспектива, на новите генерации сосема ќе им се укине бесплатното образование; имигрантите се подложуваат на понижување и селекција, за да се произведе каста робови. Над таа каста веќе владее нова, која остварува начин на живот во изолација од останатите касти и со модалитетите на експлоатација кои се прилагодени на тоа. Старите се обвинуваат за минатото, младите за незаинтересираност и незнаење. Многу азиски општества даваат извонреден пример како кастите успешно одолеваат на растот на населението и буквалната гужва од тела: европските конзервативци успешно се преправаат дека се плашат од азиските решенија, но веќе успешно ги следат.

А слабоста на царството на глупоста кое постојано го возвраќа ударот е воочлива: не се сите старци виновни за минатото, не се сите млади незаинтересирани незнајковци. Напротив, новото знаење е огромно, токму во ова меѓувреме пред повисоката каста да го украде само за себе, со едноставно поставување на недостижни цени. Знаењето, истото знаење, е подостапно од кога било и за младите и за старите, книгата сѐ уште не е мртва, интернетот секаде не е подеднакво ризичен и контролиран, за мнозинството е сѐ уште бесплатен или чини занемарливо малку - но тоа е многу краток момент, царството на глупоста треба само да мрдне со прст. Ниедна генерација во кратката историја на човештвото не дошла за толку кратко време до отворање нови хоризонти на знаење - старците и децата заедно, со измешани улоги на учителите и учениците. Кастите мислат дека сѐ уште го контролираат тој хаос, но системите за контрола пукаат и се откриваат на сите страни: контролата има смисла единствено ако е невидлива и непозната.

Мојата визија не е нималку оптимистичка: наместо да го потегнат смешниот аспект на изнасилени симболи - да речеме шлемот на Колокотронис - повеќето луѓе се подготвени во новата навика на брзо учење и поведување по новите облици на покорување, да влета кој било план на кастата на власт. Еден од опасните примери се случи неодамна – беа собрани деца да протестираат за зачувување на љубљанскиот „хоспис“, куќа за умирање. Благородна цел, нема никаков сомнеж, вредна за граѓански ангажман. Но ако децата, приемчиви за нови искуства и знаења, површно ги убедиме дека смртта не само што е прифатлива, туку и обележана со некои нови привлечни формули и ритуали, и тоа во време и во околина каде хуманистичките принципи едвај пливаат со носот над смрдливата вода - тогаш воспитниот резултат може да биде катастрофален. Вредноста на човечкиот и сечиј друг живот може лесно да биде заменета со „времето за простување со мртвите“, „позитивното тагување“ и слични бесмислици. Имено, тие спаѓаат во иста категорија со утешните објаснувања како преголемиот број луѓе, некорисноста на одредени човечки групи и поединци, опасноста која ја донесуваат одредени групи и поединци, и слично од најскорешното минато и опасната сегашност. Смртта премногу често однесува деца за да се трудиме да ги приближуваме уште повеќе...

Имено, колку-толку природната смрт, доколку е добро поврзана со сеќавањето, е субверзивна. Не случајно на гробиштата, погребите и комеморациите, почнувале побуни: обележувањето на годишнината од смртта на Јоргос Папандреу во 1973 во Атина го означи почетокот на побуната против полковничката хунта. Госпоѓата која метафорично ги погреба грчките фашисти со сликата на шлемот на Колокотронис еднаш ќе умре: доколку не го запамтиме нејзиниот дух и граѓански отпор и ја изедначиме со лампионот кој еднаш ќе го пуштиме низ вода во новиот испад на изнасилена мода на спријателување со смртта, сигурно ќе пропаднеме сите: а доволно ќе беше да ја слушнеа и да се насмевнеа само неколку милиони луѓе. Тоа што нејзината порака не ја слушнаа и оние кои не знаат грчки јазик и не ја знаат грчката историја, е исклучива и непростлива грешка на медиумите.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото