Драган Поповски - карикатури

30.11.2013 14:16
Драган Поповски - карикатури

Драган Поповски е роден во Скопје во 1947 година каде што го завршил основното и средното образование, а потоа и електро-машинскиот факултет. Со карикатура почнал да се занимава во 1972 година, а неколку години подоцна објавува илустрирана книга за достигнување на стрипот во светот.

Освен во сатиричните списанија, долги години е соработник во дневниот весник „Утрински весник“, каде што има своја дневна карикатура. Драган Поповски е добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија, меѓу која и онаа за карикатурист на годината на галеријата „Остен“ (2010), а има и неколку самостојни изложби. Препознатлив е по лесниот акварелски цртеж кој во исто време е духовит и актуелен.

Во продолжение, го пренесуваме текстот на Љубомир Костовски по повод изложбата на Драган Поповски во галеријата „Остен“ во 2011 година.

Карикатурата не ја заплетува стварноста, туку ја отплетува

Карикатуристот Драган Поповски ја има таа привилегија, освен што е дел од друштвото собрано околу галеријата „Остен“ да е меѓу последните Мохиканци на т.н. дневна или журналистичка карикатура, онаа која дневно, промотивно реагира на ситуацијата што се јавува на теренот. Се проретчија македонските весници, нејзината публика старее и погледите на уредниците денес се разликуваат од оние во времето кога добриот карикатурист вредеше повеќе и од најславното новинарско име.

Драган секако мина низ времето кога карикатурата имаше повисок пиедестал. Започна во „Студентски збор“, во рубриката и друштвото наречено „Кикс“, каде започнале сите сега живи и дел од мртвите мајстори на моливот. Неговите дела се објавувани во „Нова Македонија“, „Пулс“, „Екран“.

Но, Драган Поповски ќе остане најмногу запаметен со влегувањето во „дрим тимот“ на „Утрински весник“, уште додека во периодот февруари - јуни 1999 година се готвеше неговиот старт.

„Утрински“ го имаше лидот, или лицето, формата која ја имаше римската „Република“, избрана заради многу погодности. Насловната страница на „Ла република“ ја краси секој ден карикатурата на Лаура Пелегрини, позната само по своето уметничко име Елекапа. Потрагата по македонскиот „алтер его“ беше релативно краткотрајна, а пробните работи веднаш прифатени. Нема дилема дека од сите авторски имиња на „Утрински“, Драган имаше најтешка задача - мораше да биде секогаш во форма, бидејќи за него немаше слободен ден, годишен одмор, празник...

Мораше секој ден да црта, да биде актуелен, бидејќи, не можеше да се сокрие неговиот цртеж од окото на читателот.

„Не е лесна работа, ниту мал напор, ниту незначајна жртва да се гледаат работите, луѓето и светот околу себе со очите на крикатуристот. Да може така да се гледаат и да се препознаваат општеството и човекот во него, а да не се подлегне на професионалната деформација, да не се отуѓиш од светот и луѓето, тоа покажува вродена благородност и чистина“. Ова го рекол нобеловецот Иво Андриќ за карикатуристите. Тој им се чудел на новинарите како може да го преточат во текст она што тој ден ќе го видат или слушнат, самиот навикнат на темпото на романописецот. Уште повеќе им се чудел и восхитувал на карикатуристите, кои пак немале време да се корегираат и кои морале секогаш да бидат инспирирани, бидејќи освен што морале да бидат актуелни, тие морале да имаат респект и за техниката на занаетот.

Но, најголем виновник што карикатурата се истиснува, особен од дневните весници се самите издавачи. Карикатурата е пресилно средство на општествена критика, дури и посилна од големите новински коментари, аналитики и колумни. Нека ми простат оние меѓу нас кои се посветени на тој тип на работа во редакциите, но карикатурата заради едноставноста, „читливоста“ за само секунда, две или три, едноставно веднаш го дава ефектот, за кој можеби треба да се потрошат многу весникарски редови!

Таа може да доведе и до цивилизациски војни, како во случајот со карикатурите на пророкот Мохамед, на пример, или да земеме една побенигна ситуација - да заѕвони телефонот кај уредникот уште додека бојата на изданието е свежа. Токму заради фактот дека и кога е најдобродушна, карикатурата боцка, се доживува како камче во чевелот во текот на цел ден.

Статијата можеби и нема да се прочита, можеби ќе ја прочитаат стотина, илјадници читатели, но карикатурата секако ќе ја видат сите. Таа кон себе го свртува вниманието, со краткотрајното, но жешко пламенче што излегува од линиите. Карикатурата е рубрика која е неизбежна при прелистувањето на весникот, дури и за најнесконцентрираниот читател.

Не велат залудно дека политичката линија на весникот можете да ја препознаете ако наутро прочитате десет текстови кога го купувате на трафика, но е доволен погледот на првата страница и таа политика ја имате на дланка. Препознатлива е без дешифрирањето на политичките хиперболи и двосмислености кои може да ги содржи еден весникарски текст.

Првата и основна причина на истиснувањето на карикатурата најнапред од насловните страници, без исклучок во Македонија, ја имаме во сите дневни печатени изданија на дневните весници.

Одмазда на новинарите? Гнев на уредниците, бидејќи се стеснува кругот на потенцијалните и актуелни пријатели на сметките на весниците? Сигурно.

Понатаму, карикатурата во внатрешноста на страниците како „дупка“ која треба да покрие или илустрира нечиј текст е прислужничка функција на нешто што само по себе е пар екселанс журнализам и дава вистински, недвосмислен печат на еден весник!

Втората причина, велат, е фактот дека секоја страница, особено насловната, која недвосмислено треба да биде домот за карикатуристот-новинар, согласно со новинарската традиција, станува се поскапа, а белите квадратчиња на насловните страници станаа се поскапи и се менуваат за реклами и огласи.

А овој жанр на новинарството не е ниту малку лесен. Ликовниот јазик и богатството се редуцирани, дел се од многу строги правила. Тоа се црно-бели цртежи со коментар, ретко и дијалог, а често само гол цртеж без некаква заднина. Весникарските карикатури мораат да имаат препознатливи ликови кои имаат тешко бреме. „Карикатурата проаѓа на прв поглед или не проаѓа“, вели умниот и сега покоен хроничар на едно време, Душко Радојчиќ.

Гледајќи што нуди македонската журналистичка карикатура денес, видов дека и кај нас веќе се пројавува, иако не многу насилно, онаа компјутерска, анимирана карикатура која се добива вештачки, со оставање на машината да ја направи аналитиката на нечие лице, тело или ситуација. И тој, софтверот, по свој избор, да исфрли некој смешен детаљ или дел од лицето. Тоа е опасна редукција на она посебно сетило кај цртачот, негово елиминирање како мислител и претворање на човек кој само го вклучува компјутерот во струја. Неслучајно сите големи мајстори посебно инсистираат и ги учат почетниците во секој миг да го носат со себе моливот, а од компјутерската техника евентуално да го користат само печатачот.

Денес карикатурата има силна конкуренција во самата ликовна уметност, таа е присутна во класичното сликарство, дури и во вајарството, а неодминливо во разните перформанси.

„Карикатурата не ја заплетува, туку ја отплетува стварноста. Со едноставни потези таа ги решава и најкомплицираните ситуации и мисли и ги сведува на препознатлива, едноставна животна равенка без непознати“ (Јован Ќирилов).

Извор: Утрински весник, 21.12.2011

* * *

До сега на Окно во рубриката Карикатура.мк беа претставени карикатурите на Василије Поповиќ - Цицо,Боро ПејчиновДелчо МихајловЛазо Плавевски и Дарко Марковиќ.

Други карикатури од Драган Поповски претходно објавени на Окно може да погледнете овде.

Слични содржини

Карикатура.мк
Карикатура.мк
Карикатура.мк / Стрип / Уметност / Карикатури
Карикатура.мк / Стрип / Уметност / Карикатури
Карикатура.мк
Карикатура.мк

ОкоБоли главаВицФото