Terrain Vague

02.12.2013 09:28
Terrain Vague

Ha последниот Конгрес на Меѓународната унија на архитектите во Барцелона една од главните теми на Конгресот и придружната изложба била темата насловена како Terrain Vague. Bo прелистувањето на каталогот, издаден по тој повод, ниту една од темите и изложените проекти не ми го привлече толку вниманието како оваа: Terrain Vague. He верував дека во овој каталог печатен некаде далеку, ќе најдам тема што ќе ми биде толку блиска, да не речам изворно „скопска".

Насловот Terrain Vague и во англиската верзија на каталогот не е преведен оставен е во својата француска верзија за да ја отвори зад себе територијата на негово слободно поимање и во смисла на напуштен терен и во смисла на празен неодреден, магловит, нејасен, неограничен... простор.

По повеќе основи темата може во исто време да се третира како тема која е директно спротивставена на суштината на градското, зашто ништо не е помалку градско од она што е „празно", или како иманентно градска, зашто ништо не е повеќе градско од она што некогаш било градско, а денес е само негова далечна трага низ која избиваат јасните пораки за суштината на градската форма. Знам градови што и денес, во своите археолошки остатоци, евоцираат многу повеќе „градскост" од делови на денешните градови што се доживуваат како напуштени територии.

На едно друго рамниште оваа тема е потполно ирелевантна за оние кои градското го набљудуваат во контекст на Веберовиот „non-place realm". За нив градот е претворен во поле на тотална релативизација на просторното, на потполна доминација на аспацијалното и на антиципираните драматични комуникациски промени кои на градот од темел ќе му ја изменат суштината. Повторно се појавуваат реминисценциите на шеесеттите години и на градовите што одат, на градовите што се приклучуваат како малите кујнски апарати кои треба да извршат одредена функција пред повторно да се исклучат. Можам да ја разберам фасцинацијата со овие воскреснати идеи на шеесеттите кај оние чие време на архитектонско формирање беше времето на подемот на постмодернизмот, исто онака како што фасцинацијата со постмодернизмот беше разбирлива кај оние кои своето архитектонско формирање го имаа во времето на доцната модерна.

Се разбира, ниту еден конгрес што се одржува денес не треба да се сфати премногу сериозно, ниту пак да се поверува дека неговите декларации или апели или самиот избор на темата ќе имаат пресудно влијание врз актуелните збиднувања. Времето на бродот кој на морската шир ја определуваше иднината на најнаселените делови на копното е дамнешно минато. Денес конгресите служат само за да ја потврдат потребата од непосреден контакт со местата, со луѓето и да го потврдат фактот дека интернет среќавањата се само замена за среќавања.

Оваа тема ми го привлече вниманието зашто ми изгледаше изворно „наша". Нема ниту еден град во Македонија во кој нема или нема наскоро да се појави простор кој е Terrain Vague. Само на примерот на Скопје можам да наведам барем десетина простори кои од различни причини влегуваат во оваа категорија: Скопското кале, старата траса на железничката пруга и просторот на ложилницата, значајните локации и објекти на некогаш моќните претпријатија кои се денес во агонија...

Во текстовите кои се печатени во каталогот клучната врска во темата Terrain Vague ја воспоставува Џоан Фонкуберта, поврзувајќи ја со палимпсестот - оној артефакт кој во себе ги содржи трагите на првичното и на последователното пишување на еден ист пергамент. Таа вели дека Terrain Vague ни се претставува како транспарентна празнина обременета со потенцијал, хетеродоксија и паметење.

Нејзината дефиниција во исто време ги содржи и суштината и реалноста на градскиот простор. Примерите за тоа се многубројни. Само како илустрација: отсекогаш сум ги доживувал премачканите фасади на старите објекти како еден вид палимпсест. Од нив, неселективно, под ударот на сонцето, се појавуваа старите пароли за избори на кои повикува Народниот фронт, подеднакво како и имињата на гостилниците кои ги чествуваа комшиските царици и владетели.

Сепак, сакам да верувам дека во современа архитектонска и урбанистичка смисла не постои такво нешто како Terrain Vague. Повеќе сакам просторот да го набљудувам како вид палимпсест, како постојано и непрекинато впишување на нови пораки кои ја разбираат реалноста дека нема пишување „одново", дека старите ракописи остануваат во структурата на пергаментот и кога не можат да се видат со голо око дури и онаму каде што се гради на „неизграден терен".

Она што несомнено е подрачје на кое темата Terrain Vague упатува, колку и да звучи парадоксално, е користењето на историјата и читањето на пораките на минатото, внимателното раздвојување на локалното од надворешното влијание и негувањето на чувството за постојано пластење на урбаните пораки. Ова се’ повеќе ќе не’ пречекува како професионално секојдневие и се’ повеќе ќе ни го „стеснува" просторот за широки, сеопфатни зафати. Времето на испразнетите „празни простори" е зад нас. Во идното „решавање" на просторот потсетувањето на палимпсестот, како на најдиректна аналогија, може да биде од непроценлива вредност за квалитетот на нашето впишување во „пергаментот" на кој е веќе пишувано.

Извор: Аршин, бр. 3, 1996 година