Музеј на современа уметност - Скопје

02.12.2013 08:44
Музеј на современа уметност - Скопје

Во јануари 1966 г. Сојузот на архитектите на Полска (САРП), организираше и објави национален конкурс за идеен проект за Музеј на современа уметност во Скопје.

Музејот е лоциран на многу проминентна и привлечна локација – на височинката Кале. Тоа претставува завршен дел на зелениот „клин“ кој навлегува во градскиот центар од северозападната страна, по должина на Вардар. Вака погодната и сложена ситуација беше многу значајна за проектантската работа и раѓаше посебни просторни проблеми.

Деталната програма бараше проектирање на околу 3000 м2 изложбен простор, со тенденција да се создадат можности за максималност и променливост на изложбените услови. За магацини требаше да се предвидат дополнителни 1300 м2, а за различни услужни простории уште 1500 м2.

Конкурсот предизвика огромен интерес кај полската архитектонска јавност, како заради солидарноста со граѓаните на Скопје, така и заради атрактивноста на задачата. Бројот на доставени проект – 89 - само го потврди тој факт.

Како резултат на конкурсот, добиен е значаен проектен материјал. Треба да се подвлече дека освен наградените и откупените трудови, може да се издвојат уште многу проекти кои заслужуваат внимание поради предлозите кои ги содржат и кои се на високо архитектонско ниво. Жирито беше повеќе наклонето кон оние проекти кои поседуваа одредена воздржаност, отколку кон оние кои сугерираа идеја на „споменик“. Секако, овој критериум беше во согласност со грижата за реалноста на предлогот и креативната зрелост на авторот.

Споредувајќи ги осумдесет и деветте концепции за еден музеј, жирито дојде до уверување дека со тенденцијата за мултипликација и расчленување на внатрешниот простор може да се постигне позитивен резултат ако се изврши соодветно групирање во сложениот просторен комплекс. Таквите решенија покажаа внатрешно единство на просторот и универзалност на ентериерот, од гледна точка примена на различни концепции за внатрешната експозиција. Обезбедена е и можноста за делење на просторот според карактерот на експонати, како и негова поголема еластичност.

На планот на конструктивни проблеми, жирито беше наклонето кон поедноставни решенија кои полесно би се примениле во сеизмичките услови на Скопје, при што реалноста на сугерираните решенија одигра голема улога во дефинитивната проценка. Начинот на осветлување на експонатите, исто така, беше еден од битните елементи при оценувањето.

Првата награда ја доби проектот чии автори се Вацлав Клисцевски (Waclaw Klyszewski), Јержи Мокрцински (Jerzy Mokrzynski) и Евгениус Вјербицки (Eugenius Wiercbicki). Втора награда доби проектот на Е. Красинска (E. Krasinska) и М. Красински (M. Krasinski). Третонаграден беше проектот на Ј. Вјецковски (J. Wieckowski). Рамноправни откупи добија членовите на седум проектантски групи.

Помеѓу авторите на наградените и откупените проекти се наоѓаат многу познати архитекти од Полска, кои зад себе имаат не мал број значајни остварувања, но и многу млади креатори кои своето проектантско искуство го стекнуваат на вака тешки натпревари. Ова сведочи за одекот и интересот што го побуди овој конкурс, како и за симпатиите на целата наша нација кон пријателскиот народ. Нема сомнение дека овој конкурс ќе ги продлабочи пријателските чувства и ќе помогне за интензивирање на соработката на архитектите на Полска и Југославија.


Извор: ARHITEKTURA URBANIZAM, Beograd, Institut za arhitekturu i urbanizam, бр.39; 1966 год

ОкоБоли главаВицФото