Краток, но корисен водич за граѓанска непослушност

02.12.2013 12:58
Краток, но корисен водич за граѓанска непослушност

За изведување на револуција неопходни се два предуслови: некој или нешто против кое треба да се побуните и некој кој е навистина подготвен да се исправи и да крене бунт. Облекувањето обично е неформално и одвете страни можат да бидат спремни на договор што се однесува до времето и местото, но ако која било од двете страни не се појави, многу е веројатно дека целиот потфат ќе претрпи неуспех.

Во Кинеската револуција од 1650 година, ниедна од двете страни не се појавила, па парите уплатени за закуп на просторијата биле задржани.

Луѓето или партиите против кои се крева бунтот се нарекуваат „угнетувачи“ и лесно е да ги препознаете поради тоа што се чини дека тие се оние кои најдобро се забавуваат.

„Угнетувачите“ по правило носат костуми, поседуваат земјиште, и до доцна во ноќта слушаат радио, а притоа никој не вреска на нив. Нивна работа е да одржуваат статус кво, состојба во која сѐ останува исто, иако секои две години може да ги спопадне желба да ги варосаат просториите.

Кога „угнетувачите“ стануваат престроги, добиваме нешто што е познато под името полициска држава, во која е забрането секое дисидентство, како на пример: кикотење, јавно носење пеперутка, или обраќање кон градоначалникот со „Еј, дебел“.

Граѓанските слободи во полициската држава во голема мера се задушени, а слободата на говор е нешто сосема непознато, иако на поединецот му се дозволува да ја отвора устата со звукот на грамофонската плоча. Не е дозволено донесување критички оцени за членовите на владата, посебно не за тоа како танцуваат. Слободата на печатот е исто така задушена и владејачката партија „управува“ со вестите, дозволувајќи им на граѓаните да ги слушнат само прифатливите политички идеи и спортските резултати кои нема да предизвикаат немири.

Групите кои се бунат се нарекуваат „угнетени“ и главно можат да се видат како прават гужва и мрчат, или се жалат на главоболка. (Треба да се нагласи дека „угнетувачите“ никогаш не се бунат ниту се обидуваат да станат „угнетени“ бидејќи тоа би подразбирало менување на долната облека.)

Меѓу славните примери на револуција се вбројуваат и овие:

Француската револуција, во која селаните со сила ја зграбиле влста и веднаш ги промениле сите брави на вратите од палатата, така што благородништвото не можело да се врати. Потоа направиле голема забава и сити се изнајале. Кога припадниците на благородништвото на крајот си ја вратиле палатата, биле принудени да направат големо чистење и пронашле многу дамки и дупки напрвени од цигари.

Руската револуција, која се крчкала со години и ненадејно избила кога кметовите конечно сфатиле дека царот и кесарот се една иста личност.

Треба да се нагласи дека кога една револуција ќе заврши, „угнетените“ често ја преземаат власта и почнуваат да се однесуваат како „угнетувачите“. Нормално, тогаш е веќе тешко да се стапи со нив во телефонска врска, па парите позајмени за цигари и гуми за џвакање во текот на борбата лесно се забораваат.

Облици на граѓанска непослушност:

Штрајк со глад. Тука угнетениот не зема храна сѐ додека неговите барања не се задоволат. Подмолните политичари често знаат да остават бисквити, или малку кашкавал на дофат на рацете, но мора да се одолее на тоа. Ако партијата на власт успее да го натера штрајкувачот да јаде, обично нема многу проблеми со задушување на востанието. Ако можат да го натераат да јаде и покрај тоа да ја плати сметката, тогаш е сигурно дека тие ја однеле победата. Во Пакистан, еден штрајк со глад бил прекинат кога владата настапила со парче првокласно телешко кое било премногу привлечно за масите да го одбијат, но таквите гурмански послужувања се ретки.

Проблемот со штрајкот со глад се огледува во тоа што по неколку дена човек може прилично да огладне, посебно откако озвучените камиони се потплатени да поминуваат низ улиците зборувајќи „Мммм... какво деликатесно пилешко - мммммм, а грашокот.... ммммм...“

Еден од модификуваните облици на штрајк со глад за оние чии политички убедувања не се толку радикални е откажувањето од младиот кромид. Овој дискретен гест, кога се спроведува на вистинскиот начин, може значајно да влијае врз владата, и добро е познато дека Махатма Ганди со својата непоколеблива одлука да јаде исклучиво немешана салата ја посрамил британската влада, принудувајќи ја на многу отстапки. Освен храната, поединецот може да се откаже и од следните работи: смешкањето, стоењето на една нога и имитирањето чапја.

Следниот штрајк. Се оди на однапред одредено место и таму се седнува, но навистина се седнува на земја. Ако не го направите тоа, значи да седнете, тоа е положба која нема политичко значење освен ако членовите на владата исто така не седнат. (Ова ретко се случува, иако на студено време и владата знае да се стутка.) Работата е во тоа да се остане во следната положба сѐ додека не се добијат отстапките, но како и кај штрајкот со глад, владата со суптилни средства ќе се обиде да ги натера штрајкувачите да станат. Можеби ќе речат: „Во ред е, станувајте, затвораме“. Или: „Можете ли да станете за момент, да видиме колку сте високи?“

Демонстрации и маршеви. Клучна работа во врска со демонстрациите е тоа што мораат да бидат забележани. Оттука и терминот „демонстрација“. Доколку лицето демонстрира приватно во својата куќа, тоа во техничка смисла и не е демонстрација туку едноставно „откачено однесување“ или „глупирање“.

Добар пример за демонстрации претставува „бостонската чајанка“, при која гневните Американци преправени во Индијанци го фрлиле британскиот чај во заливот. Потоа, Британците се преправиле во чај, па се испофрлале еден со друг во заливот. Најпосле, германските платеници облечени само во костими од Троја скокнале во водата без видлива причина.

При демонстрирањето, пожелно е да се носи плакат на кој сте го напишале својот став. Меѓу погодните ставови спаѓаат и следните: (1) намалете ги даноците, (2) зголемете ги даноците, (3) престанете да им се потсмевате на Персијците.

Различни методи на граѓанска непослушност:

Стоење пред градското собрание и скандирање на зборот „пудинг“ сѐ до задоволување на барањата.

Блокирање на сообраќајот со изведување стадо овци во трговска зона.

Телефонирање на припадниците на „елитата“ и пеење на песната „Бес, ти си сега мој“ во слушалката.

Облекување полициска униформа и потскокнување во истата. Изигрување артичока со истовремено удирање заушки на минувачите.

Извор: 6yka.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото