Конкурс за Народната и универзитетска библиотека

03.12.2013 09:01
Конкурс за Народната и универзитетска библиотека

Идејата за изградба на посебен објект за потребите на Народната и универзитетска библиотека, е присутна уште пред 1963 год. независно од условите наметнати од земјотресот.

Советот на Народната и универзитетска библиотека во 1962 год. распиша конкурс за нова зграда на Библиотеката, како спомен-објект на македонските преродбеници, Браќата Миладиновци, по повод стогодишнината од нивната смрт.

Зградата на Народната и универзитетска библиотека требаше да се смести на многу деликатен терен, ограничен со црквата Свети Спас (од 17 в.), Мустафа-пашината џамија (изградена 1470 год.) и североисточните ѕидини на Калето. Тоа е комплекс со извонредни археолошки и урбанистички квалитети. Решавајќи го проблемот со пластицитетот на структурата и висината на овој простор, проектантите требаше да го решат проблемот на судир на затечените урбанистичко-архитектонски и историските вредности со новите квалитети, тежнеејќи кон хармонично вклопување на просторните елементи сè до постигнување композициско единство.

Значи, интересен креативен потфат кој требаше да претставува чекор понатаму кон прецизирањето на дефинитивната содржина на ликот на скопското Кале, тој необично значаен урбанистички елемент, битен не само поради истакнатата позиција во организмот на градот туку и поради својот првостепен пластицитет и панорамски ефект.

Конкурсниот објект Народната и универзитетска библиотека е национална библиотека на Македонија. Досега кај нас не е решаван проблемот на функцијата и обликувањето на објект од ваков вид. Тоа е национален објект наменет за прибирање и чување на новиот и стариот библиотечен материјал, како културно богатство на југословенските народи, а особено на македонскиот, со цел да ѝ биде достапно на целата заедницата. Ваквата библиотека во принцип не го издава библиотечниот материјал на користење надвор од своите простории. Работните процеси во библиотеката се одвиваат главно во два правци: обработка – користење. Обработката ги опфаќа процесите од примањето на библиотечниот материјал во библиотеката до неговото систематско подредување, а користењето ги опфаќа процесите што се одвиваат од портирницата до читалниците. Магацинот ја претставува врската меѓу овие два правци во работниот процес. Постои главен службен/децимален каталог поврзан со обработката и главен каталог за корисниците.

Оваа многу провокативна задача требаше да донесе нови резултати во обликувањето и функционалноста, во што би се одразила примената на новата технологија, културата и актуелната реалност.

 

РЕЗУЛТАТИ ОД КОНКУРСОТ ЗА ИЗРАБОТКА ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ ЗА НАРОДНАТА И УНИВЕРЗИТЕТСКА БИБЛИОТЕКА

Првата награда не е доделена.

Првопласиран проект (односно втора награда) е проектот под шифра „71217“ на авторите Иван Филипчиќ, Берислав Шербетиќ и Звонко Врус, сите од Загреб. Се издвојува од останатите проекти поради оригиналното третирање на урбанистичката проблематика.

Според предложеното решение, објектот на библиотеката е сместен на истурената тераса кон градот, помеѓу џамијата и црквата. Терасата дополнително се моделира со архитектонски структури. Со разигрување на пластиката на објектот, авторите успеале да се хармонизираат со постојните историски споменици. Со повлекување на објектот до источната граница на зададената површина, останува слободна визурата на џамијата од Калето, а на тој начин се потенцира и ефектот на новиот објект на панорамскиот поглед од исток и југоисток. Функцијата на објектот на библиотеката е коректна, како патот на посетителите (преку гардеробата, главниот каталог, дистрибуцијата на книги до читалницата), така и патот на книгата, прифаќањето на библиотечниот материјал, неговата обработка и сместувањето во магацините.

Може да се стави забелешка на недоволната репрезентативност на централниот хол.

Од добро организираната внатрешна диспозиција, произлезена е архитектонската пластика со три композициски хармонично решени коцки на платото на градските ѕидини, поврзувајќи се со него скулпурално и функционално. Објектот се вклопува во блискиот постоен амбиент и има можност дополнително да ја збогатува панорамата на овој извишен градски простор, давајќи му нов квалитет.

Второпласиран проект (трета награда) е доделена на проектот под шифра „55555“ на авторите Славиша Петровиќ, Слободан Николиќ, Томислав Николиќ и Миодраг Матијашевиќ, сите од Белград.

Проектот претставува многу сложено и економично решение. Тоа е урбанистички правилно поставена зграда со добар меѓусебен однос: библиотеката, црквата Св. Спас, џамијата и тврдината. Недостаток е што со библиотеката е пресечена визурата на џамијата од тврдината.

Функцијата на движење на посетителите од читалницата преку дистрибуцијата на книгата е добро решена, а просторот е рационално искористен. Администрацијата на објектот, како и континуитетот на движење на книгата од приемот до централниот магацин е пресечен со поставување гаражи.

Поставувањето на објектот на библиотеката со чисти, едноставни структури, дава можност за современо архитектонско обликување со класичен статички систем.

Третопласирани (четврта награда) се два проекти: едниот проект под шифра „24354“ на авторите Живко Поповски и Светислав Велков, а вториот под шифра „01000“ на авторот Петар Муличковски, од Скопје.

Проектот на Муличковски дава решение кое всушност значи уништување на постојниот амбиент и е тешко прифатливо. Габаритот на библиотеката има форма на ладало и неговото приближување до градските ѕидини претставува нивна девалоризација. Избраната позиција на објектот на библиотеката и неговата паралелност со џамијата може да се смета за правилна, а самиот габарит е разигран во високите панорамски визури.

Проектот на Живко Поповски и Светислав Велков дава решение кое има значајни квалитети во однос на околните историски споменици. Со тоа што новиот објект на библиотеката не е поставен во центарот на слободниот терен, историските споменици се ослободени од опасната близина на новиот објект, а нивниот оптички и психолошки однос не е нарушен. Решавањето на функцијата со поставување на главниот каталог во приземјето, заедно со библиотечно-информативната служба,одвоено од дистрибуцијата и читалниците на катот, го отежнува користењето на библиотечниот материјал.

Земјотресот ја одложи и ја отежна реализацијата на оваа идеја, а имаше влијание и на измена на локацијата.

Новата зграда почна да се гради есента 1967 год., односно камен темелникот е поставен на 18 септември 1967 год. Локацијата е во централното градско подрачје, во непосредна близина на Македонската академија на науките и уметностите, Судската палата, универзитетскиот комплекс и културниот центар. Проектот е на професор архитект Петар Муличковски. Градежните работи на објектот се завршени во 1970 год., а во текот на 1971/72 г. се изврши внатрешно уредување, опремување и преселување на книжниот фонд. Свеченото отворање беше на 11 октомври 1972 год.

Новата зграда на Библиотеката е прв објект во СР Македонија наменет за библиотечна дејност.

Извор: ARHITEKTURA, SAVEZ ARHITEKATA HRVATSKE, Br. 90, 1965

ОкоБоли главаВицФото