Вежбајте непослушност!

03.12.2013 10:01
Вежбајте непослушност!

Нашата општа изгубеност, суштинска незаинтересираност, издресираност и помирливост со сите неправди и насилства, нашето несоочување со реалноста исполнета само со криминал, страв, омраза и премолчување, ме прават скептик дека ние некогаш ќе го надминеме груевизмот.

Не говорам за груевизмот во политичка смисла и за неговите актуелни, бизнис, медиумски и општествени деривати, туку говорам за груевизмот како начин на живот, како форма на размислување и опстојување, како (а)морална определба. Овие осум години на трпење, на асимилиација, на конвертити и подлизурковци, на уплашени граѓани, на помирување со состојбите, говорат дека груевизмот не е нешто надворешно и туѓо за Македонецот, не е аномалија, не е исклучок, туку напротив, ова е нашата ненормална нормалност.

Не разбираме дека веќе заразата е патолошка, трајна, речиси генетска, и ако не почнеме да се бориме, да се спротивставуваме, да не го премолчуваме криминалот и аморалот на груевизмот, ние никогаш нема да го истребиме. Сме отапеле и сме се припитомиле до невидени граници. Дознаваме дека околу проектот СК 2014 за само 11 споменици власта испрала, односно ставила во џеб преку 8 милиони евра (или половина од декларираната вредност), а никому око не му трепнува. Не ни помислуваме дека според таа логика, тоа значи дека од речиси 500 милиони евра потрошени на СК 2014, власта украла 250 милиони!

Не нѐ секира уништеното здравство, пропаднатото образование, тепачките и насилствата кај младите додека милиони се слеваат во џебовите на режимската болумента. Ние стотици и стотици илјадници мизерни граѓани немо молчиме и гледаме како неколку илјади добро организирани луѓе, врз наш грб станаа милијардери, како нивните послушници станаа милионери, како нивните машини за гласање нѐ држат во зандани и се однесуваат како фашистички „капо“ за 150 до 300 евра.

Па, Груевски се претвори во нашиот туристички агент, судија, полицаец и џелат! Четврина држава ја исели, останавме без најнадежните млади. Четвртина од државава ја поткупи на ситно и ја стави во администрација, а сите останатите нѐ упропасти, нѐ издресира, нѐ уплаши, нѐ замолчи. Една мала група на луѓе од власта, нивните неколку бизнисмени и медиумски мегафони, станаа толку тесна олигархија што сите чувствуваме дека сѐ е нивно, дека нема излез, дека можат да ни направат што сакаат.

И знаете ли што е најтрагичното? Ако останеме вакви, ако само чекаме ова демек да заврши, ако се занесуваме дека политички нешто само ќе се смени, ќе останеме довек мизерни, а кога режимот ќе колабира, оние горе, оние денес жестоки груевисти и обожаватели на пастирот само ќе го сменат крзното. А зошто би менувале нешто друго, кога сите ние фактички сме груевисти, само издресирани овчички, кои мислиме дека проблемот е до волкот?! До нас е проблемот, во сите нас! Груевизмот живее во нас и ќе продолжи да живее. Ние вака не го убиваме!

Наша тажна судбина по овие осум години, или колку и да бидат, е што засекогаш ќе живееме со груевизмот во нас самите, и затоа што не сме се бореле кога треба. Затоа и ќе се бориме до крај на животот со груевизмот, длабоко во нас самите. Нема лесно да се откачиме од оваа дрога, затоа што таа не е само политичка, таа не е само партиска, таа е пред сѐ морална и општествена. Не може да постои нездрава политика, да живееме во режим, а нашето општество да е здраво. Така, едноставно, не оди! Да бевме здраво општество, ќе го спречевме главниот лудак, а и сите останати негови лудаци кои секој ден ни ја зголемуваат дозата на дрога во крвотокот.

Тоа е тоа, ние Трпковци, денес модерни аполитични животни, со векови сме си такви, жртви на сопствената неспособност и деструктивност, на странски доминатори или на домашни предатори и волонтерско ропство. Тоа ни е во крвта. И како што Груевски и груевизмот не паднаа од небо, туку ги создадовме, исто така, на мачен и тежок начин мора да создадеме режимски антитела, да се изградиме од почеток, од нула. Ако тоа не го направиме, следен пат нема да има, ќе го затвориме кругот, како змијата ќе си ја изедеме опашката и сето останато.

Треба да се запрашаме и да се замислиме што ќе ни остане од режимот по денот „Д“. Со богатството што овој режим го стекна, со нивната медиумска доминација и монопол, со крвожедноста на нивните пониски ешалони, со наметнатиот клиентелизам, овие луѓе ќе бидат утре опасни и премоќни и како опозиција, и како бизнисмени или како полицајци, или како сопственици на агенции за обезбедување! Финансиите, медиумите, теренот, а најмногу од сѐ, менталните склопови, општествената клима за митови и заблуди, и понатаму ќе бидат на нивна страна.

Се зборува и се шушка, дека фамилијата е уморна, дека највисокиот ешалон сакал малку да одмори, а богами, мора да им признаеме, завршија страшна работа. Не дека сме некои бестрашни Шкоти или пркосни Ирци, ама режимлииве го спакуваа Македонецот во летаргија и страв, го поробија и го издресираа за рекордно време. Сега, работата е што тие под нив се и понатаму гладни, сакаат и коските да ни ги земат, па нема да попуштат, а камоли да помислат дека власта треба да се препушти на некој друг. Но, време е, да почнеме малку по малку да ги грицкаме или да ги турпијаме овие решетки и окови, се разбира, ако некогаш планираме да се спасиме. Бидејќи, ако останеме вакви, дури и да паднат од власт, овие ќе бидат уште пожестоки. А, не дај боже да им снема пари, дури тогаш ќе здиват и ќе нѐ поулават.

Затоа, или се чистиме од груевизмот до коска, или ни нема спас. Нема средина, нема поинаку. Груевизмот по речиси една декада постоење се претвори во наше извитоперено културно наследство, затоа што го обедини, го издигна, а потоа и го зацементира најлошото од нас. Нашите најниски страсти и лажни вредности ги присвои, ги направи дел од неговата политичка (не)култура, од неговиот начин како зборува, дејствува и што прави, и ни ги врати во општеството како демократски херпес. Ќе ни треба сериозно преиспитување и кај нас сиромашните, но и кај оние малкуте побогати кои можат веднаш да влијаат, а кои ако не се освестат за кратко време - ќе ги снема.

Но, една работа опасно ме плаши, тој наш клиентелизам, тоа наше конвертитство и превертвливост, таа наша перфидност и селска итрина да менуваме кожа, да се камуфлираме и по сто пати ако треба. Груевизмот ни премина во навика, инстинкт, во епидемиско кредо. Нашата култура е комплетно уништена, нашата свест е поматена, граѓанското општество едвај се држи, неколкуте слободни медиуми уште потешко, а пак имате разно-разни квислинзи, шпиони и петоколонаши кои сакаат да го уништат и она малку преостанато здраво ткиво.

Ако не се погледнеме во огледало, без да го бараме најубавиот агол за да си изгледаме убави, туку да се видиме во монструмот што денес ја сочинува нашата рефлексија, никогаш нема да се спасиме.

Вистинските груевисти ќе станат подобри груевисти, платените груевисти ќе станат тоа што времето налага да станат, некои денешни борци евтино ќе се шитнат да ни замачкаат очи дека трансформацијата е направена, а ние, мнозинството граѓани, ќе си останаме истите издресирани, никому од корист и како неупотребливи груевисти. Сите останати, сите валкани играчи и продадени души ќе си ја најдат новата нормала во целото лудило, само ние ќе останеме луди, затоа што лудилото нема ни да се промени.

Освестете се луѓе и тренирајте, вежбајте борба и отпор во себе, или каде било, оти ќе ви треба! Или, за да сфатиме што ни се случува и да го исправиме тоа, ќе треба цел живот да работиме!

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото