Жени за утеха

03.12.2013 12:14
Жени за утеха

Иако Јапонија во 1993 официјално се извини поради регрутирањето жени во сексуално ропство за време на Втората светска војна, овој дел од воената историја не влезе во учебниците и малку е познат, како во Јапонија, така и во светот. А отприлика 200.000 жени служеле како проститутки за јапонската Царска војска во тоа време. Тоа биле млади девојки, претежно од Кореја, но и Кина, Тајван, Филипините, Индонезија, па и Холандија, некои не постари од 11 години, кои биле киднапирани или со измама одведени во проституција.

Корејската уметница Чанг-Џин Ли која живее во Њујорк одлучи да укаже на овој историски факт преку проектот Comfort Women Wanted. Името на проектот доаѓа од огласот кој ги повикува девојките доброволно да се јават за „давање утеха на војниците“, па називот кој е користен за овие жени е comfort women (жени за утеха). Уметницата го пронашла огласот во весниците од времето на Втората светск војна. Историските податоци говорат дека многу девојки не се јавиле доброволно, туку многу од нив биле присилно одведени во воените кампови познати како станици за утеха, каде биле силувани и мачени. Се претпоставува дека службата не ја преживеале повеќе од 30% од жените.

Уметничкиот проект се состои од видео дел во кој уметницата ги интервјуира жените кои го преживеале овој систем и еден јапонски војник. Тие говорат за своите искуства, но и за сегашните соништа и надежи. Видео делот го дополнуваат проекциите на местата каде биле сместени воените кампови и постерите кои го повторуваат споменатиот новински оглас со слики од младите девојки и оние со силуети на остарени жени.

Осветлувајќи го овој мрачен дел од историјата, уметницата сака да ја подигне свеста за сексуалното насилство над жените за време на војната, и да потсети дека проблемот и денес е релевантен: „Трговијата со луѓе е најбрзо растечка индустрија на светот, втора по ред по трговијата со оружје во XXI век. Прашањето на жените за утеха не е прашање на минатото туку е релевантно и денес.“

Извор: pogledaj.to