Втор обид за забрана на германската неонацистичка партија

03.12.2013 13:00
Втор обид за забрана на германската неонацистичка партија

Уставниот суд на Германија повторно ќе одлучува за забрана на неонацистичката партија НПД. Претходниот обид пред десет години срамно пропадна, а ниту сега нема гаранции за успех. Недостасува посилен општествен и политички притисок.

Националдемократската партија на Германија (НПД) добро го извежба танцувањето на работ на законот. Овие неонацисти знаат дека во програмата на партијата мораат да ги избегнат расистичките пароли и по заобиколен пат да ја шират својата идеологија. Да речеме, кога организираат „прошетка на загрижени граѓани“ против изградба на дом за азиланти во некое село. Или кога во предизборната кампања делат кондоми „за странци и одбрани Германци“. Или кога на интернет пишуваат дека парламентарната демократија баш и не е за Германија. Со тие идеи НПД левитира помеѓу еден и два проценти поддршка, а има и пратеници во две сојузни покраини.

Ништо ново?

Министрите за внатрешни работи на германските покраини сметаат дека дејствувањето на НПД е противуставно. По консултациите во вторник, повторно пред Уставниот суд во Карлсруе ќе се предложи забрана на оваа партија. Владата во Берлин и Бундестагот овојпат се држат на страна бидејќи веруваат дека процесот ќе пропадне. Слично мисли и Клаудија Лузар, политолог од Дортмунд. Таа внимателно ги прочитала сите 244 страници, колку што има предлогот за забрана на НПД. „Тука нема нови сознанија. Мислам дека повторно нема да успее“.

Првиот обид за забрана на неонацистичката партија неславно пропадна пред десет години. Процесот тогаш го покрена владата на Герхард Шредер, но Уставниот суд не донесе никаква одлука. Постапката беше запрена, зашто целата структура на НПД - до самиот врв на партијата - беше пронижана со „луѓе од доверба“, соработници на полицијата и тајните служби. Овие луѓе од буџетот добиваа пари во замена за информации од врвот на партијата. Во меѓувреме, соработниците на полицијата не смеат да бидат активни во раководството на партијата. На таа карта играат и покраинските министри за полиција - ниеден податок во новата предлошка за забрана не потекнува од платените информатори.

„По постапката од 2003 година НПД доби нов полет бидејќи се чувствуваат непобедливо“, зборува за DW Патрик Генсинг, чијшто антифашистички блог беше награден на конкурсот на Дојче Веле. И покрај ризикот повторно да пропадне, Генсинг ја поздравува постапката: „За малцинствата кои се на мета на неонацистите е несфатливо тоа што таква партија смее да постои во Германија“, вели тој. Особено што НПД, како и другите партии, има право на парите на даночните обврзници. Во случај на забрана, тоа повеќе не би постоело. „Забраната би била потврда за сите кои се залагаат против неонацизмот“, вели за Дојче Веле Матијас Вершинг од берлинското Советувалиште против десничарскиот екстремизам.

Недостасува притисок од општеството

Меѓутоа, Вершинг забележува дека не постои доволен политички и општествен притисок за неонацистите официјално да се забранат. „Мислам дека податоците кои стојат во предлогот за забрана нема да бидат доволни.“ Иако постои општествен консензус дека НПД шири ксенофобија и радикални ставови, многу политичари мислат дека и тоа е дел од демократијата. Дури и другата страна на политичкиот континум, германската левица, не е за забрана. Ист став имаат и Зелените. Некои од причините против забраната ги наведува Клаудија Лузар: „Така функционерите на НПД само би преминале во илегала и би се изгубила можноста за каква било контрола. Проблемот на екстремното насилство не се решава така“, вели таа. Лузар додава дека недостасуваат долгорочни проекти против десниот екстремизам. Полицијата, службите, активистите и стручњаците мораат подобро да соработуваат за да ја искоренат „десничарската чума“, смета Лузар.

Извор: Deutsche Welle