Геј родителите – родители како и сите други

03.12.2013 13:44
Геј родителите – родители како и сите други

Дали истополовиот брак е добра идеја? Дали растењето со двајца биолошки (хетеросексуални) родители е најдобрата средина за развојот на детето? Според сè што знае науката за бракот, семејството и родителството, одговорот на двете прашања е ист: Да. Меѓутоа, какви импликации има тоа за централното прашање во современата дебата за геј правата: Дали на гејовите и лезбејките треба да им се дозволи правото да посвојуваат деца?

До неодамна, истражувачите безмалку едногласно истакнуваа дека венчаната, хетеросексуална двојка со биолошки родители е во состојба да му обезбеди на детето подобри и постабилни услови за растење и развој во споредба со невенчаните хетеросексуални двојки, самохраните родители, одвоените и/или разведените двојки и, имплицитно, истополовите родители. Да речеме дека тоа е точно; имајќи предвид дека во реалноста огромен број деца не живеат покрај своите двајца биолошки родители, се поставува прашањето: Колку останатите видови родителство се инфериорни во однос на „идеалот“?

Академскиот дискурс во врска со геј двојките и нивната адаптираност за родителството почна да се менува во 2001 година, по трудот на американскиот социолог Џудит Стејси, „Дали сексуалната ориентација е битна за родителите?“, објавен во списанието American Sociological Review. Всушност, статијата е метаанализа на 21 паралелна студија за геј и хетеросексуални двојки/родители, од кои секоја, помалку или повеќе, настојувала да одговори на прашањето: Дали и во колкава мера децата кои растат со геј родители се разликуваат во однос на децата кои растат со своите биолошки, хетеросексуални родители? Накратко, сумираниот резултат е следен:

Иако помеѓу децата од хетеросексуалните и децата од хомосексуалните родители постојат разлики, тие се далеку помали од здраворазумските очекувања. Некои од нив – на пример, поголемата наклонетост на децата од геј родители да експериментираат со истополов секс – не можат ниту да се вбројат во дефицити; како такви ги доживуваме единствено заради тоа што отстапуваат од владеачката култура на обликуваниот стандард.

Наодот дека сексуалната ориентација на родителите не влијае значајно на животните исходи на децата е повторен и во подоцнежните студии, метаанализи со кои се опфатени и поновите истражувања, изведени на подобро дефинирани примероци. Истовремено, значителен број истражувачи дошле до заклучок дека евентуално послабите перформанси на децата од геј родители се резултат на неповолна социјална клима во однос на хомосексуалноста.

Науката за геј родителството

Меѓутоа, десет години по пионерскиот труд на Џудит Стејси, меѓу истражувачите почна да созрева ставот дека нема разлики помеѓу хетеросексуалното и геј родителството. И покрај тоа, имајќи предвид дека во лезбејските семејства нема сексуално насилство, полот/родот се појавува во новите истражувања како клучна детерминанта за квалитетот на родителството и благосостојбата на децата. Од тој агол, детето кое расте со самохрана мајка или лезбејска двојка има поголеми шанси за нетрауматично, ненасилно детство отколку детето кое расте со хетеросексуална двојка на биолошки или адоптивни родители.

Кон средината на 2000-те години, во дебатата за геј родителството се вклучи и Американската асоцијација на психолозите (A.P.A):

Не постои ниту една научна студија која докажува дека децата на лезбејките и гејовите манифестираат дефицит според кој било битен аспект во однос на децата од хетеросексуалните родители (...) Убедувањето дека возрасните лезбејки и гејови се неспособни за родителство нема емпириска потврда.

Со сличен тон е и соопштението на бордот директори на Американското друштво на психолозите, во кое експлицитно се наведува дека „помеѓу децата на геј родителите и децата на хетеросексуалните родители нема значајни разлики во поглед на развојот, приспособеноста и благосостојбата“.

За само петнаесетина години, академската позиција за геј родителството го помина патот од ставот дека тоа е инфериорно во однос на хетеросексуалното, преку аспектот дека нема битни разлики помеѓу децата кои растат со биолошките, хетеросексуални родители и децата кои израснале со двајца татковци или две мајки, до заклучокот дека геј родителството во одредени аспекти е супериорно во однос на хетеросексуалното. Изгледа дека станува збор за силен пресврт, за многу краток рок, но...

Колку воопшто е втемелен првобитниот став – и денес преовладувачки во лаичката јавност, особено меѓу опонентите за легализација на геј бракот – дека децата на геј родителите мораат да бидат психосоцијално депривирани во споредба со децата кои растат со биолошките родители?

Краткиот одговор на ова прашање би гласел: „Нималку“.

Кога ја изнесуваат тезата за геј поединците и двојките како помалку способни за родителство, нејзините застапници се потпираат на резултатите од студиите кои се занимаваат со сосема друга тема: споредба на благосостојбата на децата кои растеле со своите биолошки родители со исходите на децата кои ги одгледале самохрани родители. Меѓутоа, тврдењето за тоа дека геј родителите по дефиниција се помалку компетентни од хетеросексуалците би можело да се изведе единствено врз основа на компарација на геј и стрејт двојките и нивните деца. Такви студии постојат, а A.P.A не е единствената професионална организација која со нивната анализа дошла до заклучокот дека во нив нема поткрепа на тезата за инфериорноста на децата на геј родителите во однос на децата на хетеросексуалците.

Во 2002 година, демографските анализи од пописните податоци покажале дека неколку милиони американски деца живеат во геј домаќинства. Во формално-правна смисла, тие имаат само еден родител. Тоа е или лезбејката која го родила детето, или геј мажот чие дете го родила сурогат мајка. Заради неможноста за посвојување, нивните партнери, иако рамноправно учествуваат во подигнувањето на детето, немаат можност да стекнат статус на (ко)старатели. Веднаш по обелоденувањето на резултатите од пописните анализи, Американската педијатриска академија (AAP) се заложила за правото на геј родителите да посвојуваат деца:

Децата, родени или посвоени од еден член на истополова двојка, ја заслужуваат сигурноста која ја овозможува признаеното старателство од страна на двајцата родители. Заслужуваат да знаат дека нивниот однос со двајцата родители е стабилен и законски чист.

Осум години подоцна, во 2010 година, AAP го повтори својот став во поглед на посвојувањето деца од страна на личностите со хомосексуална ориентација, потпирајќи го со тврдењето дека геј родителите, подеднакво како и хетеросексуалните, на своите деца можат да им обезбедат услови за непречен раст и развој. Неодамна, спротивно на одлуката на Врховниот суд на САД да ги укине правните пречки за озаконување на геј бракот на федерално ниво, AAP го поддржа институтот геј брак и правото на геј двојките да посвојуваат деца.

Антигеј квазинаука

Наспроти метаанализите од компаративните студии за стрејт и геј родителството, кои редовно покажуваат дека децата од едните или другите семејства не се разликуваат значително, во почетокот на минатата година, во списанието Social Science Research, се појави студијата на Марк Регнерус, социолог од Универзитетот Тексас во Остин, со сосема поинакви заклучоци. На примерок од дури 15 000 субјекти, на возраст од 18 до 39 години, проектот на Регенрус, Студија за новите семејни структури (NFSS), покажа дека помеѓу возрасните потомци на геј и стрејт родителите постојат значинтелни разлики.

Податоците од извештајот на Регнерус драстично се разликуваат од резултатите на сите споредливи студии за геј и стрејт родителството изведени во последните дваесет и пет години. Според NFSS, возрасните луѓе кои го поминале детството со геј родители – во споредба со испитаниците од иста генерација кои ги одгледале хетеросексуални родители – почесто имаат проблем со невработеноста; тие се со послабо здравје; понаклонети се кон депресија и анксиозни нарушувања; повеќе пушат и конзумираат марихуана; почесто ги изневеруваат партнерите со кои се во врска, брак или кохабитација; имаат поголеми шанси да дојдат во конфликт со законот; страдаат заради промискуитетните и нестабилни, краткотрајни врски на нивните родители; се сеќаваат на своето детство во понегативно светло.

Со оглед на објавените резултати, проектот NFSS доби невиден публицитет. Конзервативната десница од двете страни на Атлантикот го доживеа како подарок од небото. Истражувачите, пак, го доживеаа како ракавица фрлена в лице и веднаш го изложија на ригорозна анализа. Нејзините резултати на студијата на Регнерус ѝ обезбедија статус на пример од учебник на политизираната наука.

За да ги разберете студиите од овој вид, неопходно е да го прочитате прашалникот со кој се служеле истражувачите при изборот на примерокот. Првото прашање, поставено на секој потенцијален учесник во истражувањето се однесувало на возраста на субјектот. Во примерокот на NFSS можеле да влезат само поединци кои биле на возраст помеѓу 18 и 39 години. Тоа значи дека сите испитаници родени помеѓу 1971 и 1994 година, односно во времето кога истополовите заедници биле незаконски ширум САД, а гејовите масовно настојувале да функционираат во светот на стрејт врските, со партнери од спротивниот пол.

Следното прашање гласело: „Дали од моментот на вашето раѓање, па до моментот кога сте наполниле 18 години, некој од вашите родители имал врска со личност од ист пол?“ Испитаниците кои на ова прашање одговориле позитивно, биле категоризирани во една од двете категории: „геј татко“ (GF) или „мајка лезбејка“ (LM). Меѓутоа, на испитаниците кои на истото прашање одговориле одречно, им било поставено дополнително прашање, за односот помеѓу биолошките родители, врз чија основа овие испитаници биле категоризирани во некоја од следните категории: „дете од недопрено биолошко семејство“ (IBF), „посвоено дете“, „дете на разведени родители“, „дете од семејство со еден биолошки родител и маќеа/очув“ и „дете на самохран родител“.

Како ваквата поставеност на примерокот влијаела на резултатите? Накратко, категоријата IBF Регенрус ја исчистил од негативните влијанија поврзани со „растуреното семејство“, а потоа децата од тоа семејство ги земал како база со која ги споредувал децата од категоријата GF и LM, кај кои влијанието на овој сет фактори не бил контролиран. Како што се наведува во самата студија, повеќе од половината GF и LM деца, всушност, потекнуваат од растурени хетеросексуални семејства. Попрецизно, дури една шестина деца од категоријата LM и само еден процент деца од категоријата GF припаѓаат во планираните потомци на геј двојките.

Кога ќе се собере и одземе сè, дел од примерокот кој Регнерус го нарекува „деца на геј родители“, всушност, се деца од растурени семејства, чиј еден родител подоцна засновал истополово партнерство. Имено, од сите 15 000 испитаници, 80 од нив се нашле во категоријата LM (мајка лезбејка); 73 припаднале во категоријата GF (геј татко); во само 12 случаи се работи за деца чии двајца родители имале истополови врски. И покрај тоа, од целиот примерок, само шест деца од категоријата „мајка лезбејка“ живееле со биолошката мајка и нејзината партнерка десет и повеќе години. Со други зборови, ниту едно дете од примерокот навистина не било одгледано од геј двојка. Додуша, во студијата на Регнерус, суштински и нема геј двојки. Повеќе од 90 проценти од субјектите биле родени во хетеросексуални врски, а потоа, во некој момент од растењето, продолжиле да живеат со еден од родителите и неговиот истополов партнер.

Под притисок на академската јавност, Универзитетот во Остин морал да ги објави сите детали од проектот NFSS. Излегло дека го финансирале два конзервативни фондови со 800 000 долари: Институтот Whiterspoon и Фондацијата Bradley. И пред нивното објавување, двете институции ги користеле резултатите од студијата на Регнерус на суд, во сослушувањата по повод заседавањето на Врховниот суд на САД, кое во тоа време било во подготовки и кое неколку дена претходно резултирало со две одлуки во корист на озаконувањето на истополовиот брак.

Овациите на конзервативците и критицизмот на стручната јавност го натерале Social Science Research, списанието во кое Регнерус ги објавил резултатите од истражувањето, да ангажираат панел експерти кои ќе го изменат NFSS. Резултат: заради големиот број сериозни пропусти, студијата е повлечена, а Универзитетот Тексас против авторот отворил истрага за кршење на научноистражувачката етика.

Неславниот крај на NFSS, наспроти големиот број истражувања чии резултати ѝ одат во прилог на тезата „нема разлика“ (помеѓу хетеросексуалното и истополовото родителство) и ставовите на A.P.A и AAP, извесно, нема да ги убедат конзервативците дека сексуалната ориентација не е битна за психосоцијалниот развој на детето. Во исто време, некои од тврдењата кои се спротивставуваат на посвојувањето деца од страна на гејовите и лезбејките, на еден дел од јавноста секогаш ќе му звучат убедливо:

Истражувањата со про-геј резултати се изведени на мали примероци.

Точно. Проблематичен е спинот што го изведуваат конзервативците од овој факт: На истополовите двојки и поединците со хомосексуална ориентација треба да им се скрати правото на посвојување деца сè додека науката не генерира недвосмислени докази дека геј родителството е безбедно.

Таквиот став имплицира дека студиите со поголеми примероци ќе покажат дека психосоцијалните исходи на децата на геј родителите се различни – послаби – во однос на децата на хетеросексуалните родители. Меѓутоа, се работи за тоа дека оваа претпоставка нема епириска основа. Со оглед на тоа дека во досегашните истражувања не се појавија разликите кои ги очекуваа конзервативците, нема основа од која може да се претпостави дека тоа ќе се случи во иднина.

Во споредба со хетеросексуалците, хомосексуалците се понаклонети кон самоубиство, депресија и почесто ги менуваат партнерите.

Точно. Повисоката стапка самоубиства и заболувања од депресија се карактеристични за секоја маргинализирана, стигматизирана, социјално депривирана група. Промената на општествената клима и релаксирањето на мнозинскиот став кон хомосексуалното малцинство ќе ги елминираат овие приговори. Во исто време, почестата промена на партнерите е карактеристична и за хетеросексуалците кои не планираат и/или не сакаат долгорочна врска и брак.

Децата кои ќе ги одгледа геј двојка ќе бидат геј.

Неточно. Популацијата од денешните гејови и лезбејки е родена и одгледана од хетеросексуални родители, очигледно, перфектно способни да „произведат“ геј потомци. Нема причина геј родителите да не бидат во состојба да одгледаат хетеросексуални деца.

Шегата настрана, денес нема дилеми дека геј личност не се станува преку воспитувањето. Со други зборови, сексуалната ориентација не е работа на воспитување или избор.

За волја на вистината, досегашните истражувања навистина покажуваат дека децата лезбејки се понаклонети да експериментираат со истополов секс. Меѓутоа, во повозрасниот период, стапката на хомосексуалитет кај таа популација не е поголема од онаа која важи за општата популација.

Една мајка и еден татко се најдоброто окружување за детето.

Суштински, ова тврдење сугерира дека психосоцијалната благосостојба на детето зависи од бројот родови застапени во неговото примарно окружување. Конзервативците го потркепуваат ова трдење со резултатите од истражувањата кои покажуваат дека родителството на самохраните мајки е пооптоварено со проблеми во споредба со родителството на хетеросексуалните двојки. Но, што е варијабла: „бројот родови“, или „бројот родители“?

Клучната детерминанта на самохраните домаќинства и проблемите со кои се соочуваат може да се согледа во фактот дека еден родител ги сноси обврските и одговорностите кои инаку ги делат двајцата родители. Со споредувањето на мајката лезбејка со омажената хетеросексуалка се добиваат резултати на кои влијае една експланаторна варијабла која е вишок – таткото/татковството. Кога ќе се споредат децата на лезбејките и децата на самохраните мајки, исчезнуваат разликите на кои инсистираат конзервативците.

Дали гејовите треба да посвојуваат деца?

Наведените аргументи и контрааргументи, со кои манипулираат двата спротивставени кампови по повод прашањето дали на гејовите и лезбејките треба да им се дозволи да посвојуваат деца, не се без значење. Од исходот на дебатата зависи „судбината“ на околу пет проценти од светската (геј) популација – потенцијални родители/посвојувачи. Уште побитно, нејзиниот исход значително ќе влијае на егзистенцијата на милиони деца кои веќе живеат со еден геј родител или истополова двојка.

Франција, скандинавските земји, Канада и Нов Зеланд веќе пресекоа. Тамошните гејови го добија правото да склучуваат брак и да посвојуваат деца под истите услови кои важат за хетеросексуалните двојки. Американската сојузна држава Њу Џерси се одлучи, на пример, за малку поинакво решение: на геј двојките им е дозволено да посвојуваат деца исклучиво под старателство на државата. Најновите препораки од Асоцијацијата на психолози се веќе на линија со француското решение. И покрај тоа, во него е пресметан и бенефитот за геј родителството, кој често се заборава во дебатите: децата на гејовите и лезбејките се сакани и планирани; генерално гледано, планираното родителство е најздравото окружување за растот и развојот на детето. Најпосле, не е мал бројот на експерти кои сметаат дека дебатата во добра мера е излишна. Имено, во современото окружувања, емоционалната и финансиската стабилност фигурираат како највлијателни детерминанти за развојот на детето. Ако љубовта и материјалната сигурност се услов за среќно растење и психосоцијална благосостојба, сексуалната ориентација, па дури и бројот родители, односно структурата на семејството само непотребно ја отежнуваат дискусијата.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото