Лорандит

04.12.2013 12:16
Лорандит

Таму долу, на југ, кај селото Рожден, стојат затворени, наполу изгниени и речиси затрупани со одрони, едни порти што водат в подземје. Тоа е рудникот Алшар од кај што постојано се надевавме дека ќе дојде толку очекуваниот лорандит - тој чудесен минерал кој, кога ќе пристигне, ќе нѐ спаси, конечно, од сите неволи. Што станува, добога, со тој лорандит? Ќе стаса ли еднаш?

Велат дека тој лорандит е единствено нешто на нашава планета: само тој може да ги запре оние џагуриња, неутрињата, кога, поттикнати од застрашувачките и величествени фузии што се одигруваат во утробата на Сонцето, пролетуваат низ Земјата и се губат во Бескрајот. Само лорандитот може да им го попречи патот и да ги вшмука во себе: тој е нешто како архив кој во себе ги собира, небаре еден вид летописни записи, пораките што Сонцето ги праќа кон Земјата. Во неговите вишново-винени кристали лежат сеќавања за безброј милиони години и за сѐ што во тоа време се одиграло во галаксијата. И тој лорандит седи долу во темницата и нешто брои, нешто пребројува, готви нешто. А селото кај што е тој рудник се вика Рожден, нели?

Но пробивањето кон лорандитот е тешко: прво лоши патишта, па погрешни патокази, па селски стражи, па темни и запуштени руднички ходници што секој миг можат да се струполат врз неповиканиот гостин. Се зборува дека низ тоа мрачно подземје леткаат некакви светкави суштества, нешто како мали крилести јагулчиња, а еден свечен и зарипнат глас во длабочините без престан мрмори некакви неразбирливи баења и вражања. Имало и такви што се впуштиле долу, но нема такви кои излегле.

На дното, на самиот крај од морничавиот лавиринт, има голема свечена сала украсена со египетски хиероглифи: таму лежи, погребан во некои далечни времиња, еден голем крал, освојувач на светот, во саркофаг од чист лорандит. Во светлината на подземното сонце тој го чека мигот на своето враќање.

Се зборува дека од другата страна на границата, нашите јужни соседи копаат тунел за да стигнат до погребната просторија. Треба да побрзаме.

А кога, еден ден, ќе стигнеме до лорандитот, тогаш ќе им дојде крај на сите наши дамнешни и сегашни маки.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор

Слика: Moon Beom

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото