Фотографијата која го промени односот кон СИДА-та

04.12.2013 13:37
Фотографијата која го промени односот кон СИДА-та

Во ноември 1990 година магазинот LIFE објави фотографија од младиот Дејвид Кирби пред да умре, слика која денес спаѓа меѓу најмоќните глетки кои ги дала историјата на фотографијата. Телото на Дејвид е слабо, сосема исцрпено и снеможено од СИДА-та, тој лежи на смртна постела опкружен од членовите на неговото семејство кое чека нивниот син да почине.

Оваа потресна глетка која ја фотографираше студентката по новинарство Тереза Фрер наскоро потоа стана симбол за епидемијата на ХИВ/СИДА која се ширеше низ светот и ги направи повидливи жртвите на оваа сѐ уште неизлечива болест.

Нешто повеќе од две децении подоцна, на 25-от Светски ден на борба против СИДА-та, LIFE потсети на трогателната приказна зад фотографијата, а Тереза Фрер се потсети на тешките мигови на кои присуствувала.

„Во јануари 1990 година се запишав на Универзитетот Охајо и веднаш почнав да волонитрам во болницата Pater Noster за заболени од СИДА во Колумбус и таму запознав други волонтери кои се грижеа за пациентите, а меѓу нив и волонтерот со прекар Пета, кој се грижеше и за Дејвид. Неколку месеци подоцна почнав да ги фотографирам и болните“, се сеќава Фрер.

Активистот за права на геј лицата Дејвид Кирби пораснал во мал град во Охајо и во текот на 1980-те, додека живеел далеку од своето семејство, во Калифорнија, дознал дека е ХИВ позитивен. Се вратил дома бидејќи сакал да умре опкружен со членовите на семејството.

„На денот на смртта на Дејвид, дојдов да го посетам Пети, а мајката на Дејвид ме повика да влезам во неговата соба и да ги фотографирам последните заеднички мигови на семејството и простувањето со синот. Стоев тивко во аголот на собата, гледав и ги фотографирав последните моменти од животот на Дејвид. Дури подоцна сфатив дека нешто навистина неверојатно се одигра во таа соба, пред мои очи“, раскажува Фрер.

„Во една прилика при посетата на болницата, го прашав Дејвид дали би му пречело да го фотографирам, а тој рече: 'Не, сѐ додека не станува збор за личен профит'. До денес немам земено никакви пари за фотографијата. Дејвид беше активист, сакаше светот да ги сфати разорните последици од СИДА-та по семејството и заедницата. Верувам дека тој повеќе од мене сфаќаше колку важни би можеле да станат овие фотографии“.

Кампања која го обиколи целиот свет

Во последните 20 години, според некои проценки, нејзините иконички фоторафии се нашле пред милиони луѓе: објавени се во магазини, дневни весници, телевизиски емисии и бројни приказни за СИДА-та. Фотографијата на Дејвид пред смртта со семејството до него ја доби и наградата World Press Photo, а во една од своите контроверзни кампањи ја искористи и компанијата Бенетон. Тој потег на Бенетон не им се допадна на активистичките организации, но ниту на модните списанија Elle, Vogue и Marie Claire кои одбија да ја објават рекламата.

Семејството Кирби сепак дало дозвола Бенетон да ја искористи фотографијата.

„Сметавме дека е време луѓето да ја видат вистината за СИДА-та и ако Бенетон може да помогне во тоа, тогаш и треба“, раскажува за LIFE мајката на Дејвид, а Фрер добро се сеќава на тоа.

„Таткото на Дејвид, Бил, тогаш ми кажа нешто што никогаш не го заборавив: 'Слушај, Тереза. Бенетон не нѐ искористи нас, ние го искористивме Бенетон. Благодарение на Бенетон, твојата фотографија ја виде целиот свет, а токму тоа го сакаше Дејвид.' Знаев дека е во право“.

Дејвид Кирби почина во април 1990 година на 33-годишна возраст, непосредно откако Фрер го фотографирала. По искуството со Дејвид, Фрер се посветила на документирање и на последните денови на животот на волонтерот Пета, кој и самиот умрел од СИДА есента 1992 година. Во неговите најтешки денови, семејството Кирби се грижело за него, исто како што се грижело за нивниот син.

За важноста на фотографијата на Тереза Фрер најдобро сведочат зборовите на Барб Кордл, волонтерка од болницата Pater Noster од тоа време:

„Фотографијата на Тереза од Дејвид направи повеќе за будењето на свеста и емпатијата кај луѓето кога станува збор за СИДА-та од која било кампања која сум ја видела. Не можете да ја гледате таа фотографија и да го мразите оној што има сида; едноставно не можете“ .

Подолу може да ги погледнете потресните фотографии на Тереза Фрер од последните денови од животот на Дејвид и Пета.

Извор: radiosarajevo.ba

Слични содржини

Фотографија / Уметност / Историја
Општество / Активизам / Фотографија
Општество / Активизам / Фотографија
Активизам / Фотографија
Активизам / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото