Треба ли мнозинството да одлучува за правата на малцинството?

05.12.2013 09:54
Треба ли мнозинството да одлучува за правата на малцинството?

Пред неколку дена се случи референдум во Хрватска, каде мнозинството одлучи дека бракот може да биде само помеѓу маж и жена. Од што е составено тоа мнозинство? Од образовани и необразовани граѓани, работници и газди. Вработени и невработени. Од што е составено малцинството што изгуби? Од образовани и необразовани граѓани, работници и газди. Вработени и невработени. Двете групи се исти, но сепак различни. Исти се затоа што двете групи се создадени од индивидуалци, но се различни затоа што индивидуалците кои се во поголемата група сметаат дека имаат право да им ги негираат правата на тие што се во помалата група. Правата на некои индивидуалци ги надминуваат правата на некои други. Некој би рекол: па нема ништо погрешно во тоа. Мнозинството одлучи и тоа ќе биде така. Тука е грешката. Грешка е што одредени индивидуалци имаат право да им забрануваат права на други. Ке поставам едно прашање: Од каде им е тоа право да одлучуваат за други? Знаеме кој им дава можност, а тоа е државата, но од каде им е тоа право да се мешаат во туѓи животи?

Секој човек (треба да) е сопственик на своето тело, своите пари и своите мисли. Секој човек има право да биде слободен да одлучи сам што ќе прави со овие три работи на начин на кој нема да загрози ничија слобода. Повторно се навраќам на референдумот во Хрватска каде очигледно се загрозуваат барем две малку погоре споменатите работи. Со референдумот одредени индивидуалци одлучија дека некои други индивидуалци немаат право на лична слобода да изберат со кого ќе спијат во спална или со кого ке стапат во брак. Тоа право им е одземено. Од кого? Првенствено од државата, затоа што дава можност луѓето да одлучуваат за личната слобода на другите луѓе, а потоа и од самите луѓе кои сметаат дека имаат право да се постават себеси над другите луѓе. Со ова се добива впечаток дека сите граѓани се еднакви, нели, сите можат да гласаат на референдум, но сепак има поеднакви меѓу еднаквите. Според легитимноста на ова, тогаш, можеби звучи екстремно, но броени се деновите кога тоа мнозинство ќе одлучи да ги „скрати“ за глава тие од малцинството.

Каде е тука слободата? Ја нема. Дали јас како единка треба да го трпам теророт на некои луѓе што сметаат дека имаат право да ги постават нивните права над моите, затоа што се во поголемата група? Не, не треба да го трпам, затоа што личната слобода е најважното нешто, или барем треба да биде. Треба да се стави крај на тоа мнозинството да одлучува за индивидуални права.

Потребно е јас да имам лична слобода да одлучам со кого ќе стапам во брак и дали воопшто ќе стапам, дали ќе вршам експерименти врз моето тело по сопствена волја и без присилба, дали ќе користам марихуана или не, дали ќе пијам алкохол или не, на што ке ги трошам моите чесно заработени пари итн. Во моментов некои од овие права ги имам, но некои не. Некои од овие права се недостапни за некои луѓе, како на пример правото да одлучат со кого да стапат во брак. Зошто јас имам право да стапам во брак со жена (бидејќи што сум „стрејт“), а зошто геј мажите немаат право да стапат во брак со маж? Зошто некоја жена нема право да стапи во брак со друга жена? Јас имам можност, но немам право да одлучувам за нивните животи, без разлика колкаво малцинство се тие. Никој не треба да има право да одлучува за туѓ живот.

Како што рекла Ајн Ранд: најмалото малцинство е поединецот. Тој што не ги брани правата на поединецот, нема право да каже дека ги брани правата на малцинствата.

Извор: sandokanblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото