Катастрофалниот земјотрес и новите задачи на колективот (За „Електро-дистрибуција“ - Скопје)

05.12.2013 11:37
Катастрофалниот земјотрес и новите задачи на колективот (За „Електродистрибуција“ - Скопје)

Катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година попречи до крај да се реализираат плановите за развој на електричната мрежа и другите електрични објекти во градот. Како и пред сите други органи и организации, земјотресот постави нови, мошне важни и одговорни задачи пред колективот на оваа работна организација — отстранување на последиците од стихијата, кои и на овој сектор не беа мали. Сите напори на членовите на колективот беа насочени кон решавање на новите проблеми.

Би требало навистина многу простор за да се прикажат сите оние напори што членовите на „Електродистрибуција“ - Скопје ги вложија, во прво време да обезбедат електрична енергија за индустријата, која релативно брзо почна да се оспособува за каква-таква работа, а потоа и за потребите на граѓаните. Масовната изградба на постојани и привремени објекти, потоа подигањето на приградските населби, наложи многу од поранешните далекуводи и нисконапонски водови да се изместат од својата поранешна локација и да се адаптираат на новосоздадените услови и потреби. Само во првите 6—7 месеци по земјотресот беа изместени над 12.000 метри такви водови и се изградија околу 700 метри нови далекуводи.

Меѓутоа, најголем проблем претставуваше доведувањето во исправна состојба на нисконапонската мрежа, која најмногу беше оштетена. Оваа работа беше посебно отежната, поради тоа што при уривањето на оштетените згради и расчистувањето на терените многу често механизацијата и транспортните средства ги оштетуваа воздушната мрежа, кабловските траси и друго. Но, и покрај сите тешкотни и ненормални услови за работа, работните луѓе на „Електродистрибуција“ - Скопје, со мошне голем успех, ја исполнија задачата што пред нив ја постави заедницата по катастрофалниот земјотрес. Меѓутоа, треба да се одбележи дека во овие нивни напори беа несебично помогнати и од многубројни други сродни организации во земјата. Според податоците што беа изнесени при отчетот за работата на самоуправните органи во 1963 година, на „Електродистрибуција“ - Скопје, во отстранувањето на последиците од земјотресот, им помогнале 48 екипи со вкупно 560 работници.

По земјотресот бројот на жителите значително се зголеми, a градот се прошири на нови подрачја, што отвори нови проблеми и постави нови задачи и пред стручњаците од Отсекот за студии, план и инвестиции при Претпријатието.

Без секакво претерување може да се каже дека придонесот на колективот на „Електродистрибуција“ - Скопје во нормализирањето на животот на разурнатиот град и неговото стопанство по земјотресот е неизмерлив. Достатно е да се спомене само тоа дека работниците од ова Претпријатие во рекордно кусо време успеаја да обезбедат снабдување со електрична енергија на „Водовод“, така што низ водоводните инсталации почна редовно да тече водата, која во тој критичен период беше од мошне големо значење; електрична енергија добија и Млекарницата и клиниките, така што и на нив им беа обезбедени услови за поуспешна работа. За сето ова колективот на „Електродистрибуција“ — Скопје, во тие денови, доби бројни признанија од населението и Штабот за одбрана од елементарни непогоди. Дневниот републички и сојузен печат, исто така, секојдневно најпофално пишуваа за ангажирањето и напорите на Претпријатието.

Многумина — членовите на колективот и други стручњаци — што работеа на обновата и изградбата на градот — си спомнуваат за тоа какво прометно место беше Отсекот за студии, план и инвестиции на ова Претпријатие. Тука се раѓаа идејните решенија и се изготвуваа плановите и проектите за електрифицирање на приградските населби. Тука доаѓаа на советување и усогласување инженерите и од другите проектански организации, кои во тоа време работеа на подигањето на приградските населби и други објекти. Можеби токму со таквата координација и соработка треба да се објасни брзото и квалитетно електрицирање на приградските населби.

Таквото место и улога, но со уште понагласена присутност на стручњаците од Претпријатието, Отсекот за студии, план и инвестиции ги задржа и во периодот на изградбата на градските населби.

Тогаш започнаа и подготовките за изработка на нов основен и идеен проект на конзумната мрежа во градот, почна да се собира и оформува техничката документација, да се организира снимање на мрежата и електричните објекти, се изврши детално мерење на енергетските прилики во напојните и разделните точки во конзумот и друго. Резултатите од тие испитувања и мерења послужија за изготвување на повеќе анализи и елаборати за состојбите во оваа област. Програмата за развој на дистрибутивната мрежа на град Скопје, за периодот на изградбата на градот од 1964 до 1969 година, е еден од позначајните документи изготвен од стручњаците на Отсекот за студии, план и инвестиции.

Секторот за електро-изградба на Погонот, исто така, постигнува значајни резултати, зашто преку него се реализирани повеќе планови за новите градски и приградски населби. Овој сектор има две работни единици: работилница и градежно-монтажна оператива. Во првата се произведуваат разни железни конструкции, разводни табли и канделабри, задоволувајќи ги на тој начин потребите на погоните за одржување и градежно-монтажната оператива.

Во 1968 година, оваа „споредна дејност“ оствари вкупен приход од преку 10.000.000 динари. Мерките на реформата влијаеја на оваа дејност да и' се посвети поголемо внимание, зашто таа обезбедува значајна акумулација.

Најголеми чекори во осовременувањето

Периодот по земјотресот, на свој начин, е пресвртница во идната работа на електродистрибутивната организација во Скопје. Од тоа време се карактеристични неколку моменти.

Пред сè, треба да се има предвид фактот дека Скопје беше речиси целосно разурнато, така што пред колективот на дистрибуцијата се поставија сериозни задачи: да ги отстрани и надомести штетите, да се сообрази со новите концепции на урбанизацијата на градот и новите сознанија за неговиот перспективен развиток, така што темелно да се фундира електричната мрежа, чија функционалност треба да одговори на се’ построгите критериуми за задоволување на современите потреби на граѓаните и другите потрошувачи, особено на индустријата која допрва ќе доживее експанзија. На тој план, целосно погледнато, колективот го положи најсериозниот испит и создаде услови за непречена реализација на концепцијата за натамошна електрификација на градот и неговата околина. Во финансирањето на обемните работи (во оваа публикација посебно се прикажани) значаен придонес имаа и градските фактори, пред се’ Фондот за обнова и изградба на Скопје.

Стручните кадри, и воопшто организацијата на Скопскиот дистрибутивен погон, се покажаа дораснати да бидат носители на главниот товар во реализацијата на оваа задача.

Втор момент е интеграцијата на сите електродистрибутивни организации во Македонија, односно создавањето на претпријатието „Електромакедонија“, во кое, како еден од стожерните погони, е Скопскиот. Поаѓајки од идејната платформа, интеграцијата се сметаше, па и сега се смета, како императив, бидејки не само во дистрибуцијата, туку воопшто во областа на електростопанството, автархичноста и расцепканоста се појави што треба што поскоро да бидат елиминирани. Co интеграцијата, до која дојде во втората половина на 1963 година, се сметаше дека ќе се обезбеди далеку порационално стопанисување во оваа групација од електростопанството; поефикасен развој на електро-дистрибутивната мрежа во Македонија; единствена политика на цената; итн. Меѓутоа, приодот за остварување на оваа цел не беше најсреќно избран. Треба да истакнеме дека саканата целина во почетокот беше остварена формално. Се создадоа такви односи, кои кај некои погони потхрануваа тенденции за израмнување, без оглед на резултатите на трудот. Во погонот Скопје извесно време овие организациони промени предизвикуваа прилично тешкотии, зашто не беа регулирани меѓусебните односи на ниво Погон-Претпријатие и посебно меѓу погоните. Така, две-три години беа исполнети (во екот на интензивните работи на електрификацијата, што беа наметнати поради последиците од земјотресот) со полемики, во кои беа вклучени не само органите на раководењето и на самоуправувањето туку сите општествено политички фактори.

Извор: 60 ГОДИНИ ЕЛЕКТРИФИКАЦИЈА НА СКОПЈЕ; „Електромакедонија“, Скопје, 1969

ОкоБоли главаВицФото