Букурешт 2000

06.12.2013 11:53
Букурешт 2000

По земјотресот од 1977 година, еден од најстарите и најпикторескни делови на Букурешт, кој инаку не настрада многу од природната катастрофа, беше определен од Чаушеску како дел во кој ќе биде изграден идниот општествен центар на престолнината. Оваа одлука беше почетокот на крајот на егзистенцијата на овој градски дел. Под ударот на булдожерите исчезнаа стотици куќи, од кои некои потекнуваа од 18-от и 19-от век, дваесетина цркви од кои повеќето беа историски и архитектонски паметници, голем број градини, плоштади, скулптури...,но најстрашното беше што во ова уривање се уништија трагите на типичниот, традиционален Букурешт, кој ги носеше белезите на настанувањето на градот.

Беше очигледно дека диктаторскиот систем бил решен да остави ексклузивен знак за својата т.н. „Златна ера". Урбаните знаци преку кои се читаше историјата на градот мораа да исчезнат. Тие беа симболи на модерна Романија која го досегна својот зенит помеѓу двете светски војни. Таквиот Букурешт, еден од најпознатите европски градови, во тоа време наречен Париз на Балканот, мораше да исчезне. Варварскиот чин беше извршен. Илјадници квадратни метри изграден простор на површина со големина приближна на два париски арондисмана беа срамнети со земја. На овој простор беа подигнати објекти кои оформуваат неартикулирана урбанистичка целина. Во средината на овој ансамбл е Народниот дом, денес објект на Парламентот, кој има најголема развиена изградена површина во Европа и е втор во светот, по зградата на Пентагон.

Во есента 1995 год. Сојузот на архитектите на Романија, во соработка со Меѓународната унија на архитектите, распиша конкурс чија основна цел беше ремоделирање на овој градски дел и особено на потегот Народен дом, плоштадот „Унрии" и околните блокови.

За објектот на Народниот дом, Кенет Фремптон, претседател на меѓународното жири и еден од најкомпетентните архитектонски критичари на овој век вели: „Стилот на овој објект може да се определи како последното икање на еклектицизмот, еден несреќен пример од крајот на деветнаесеттиот век. Co него се оживува некаков ориентален егзотизам кој му припаѓа на крајот на минатиот век, а објектот се обидува да се повика и на некаков национален стил, но на еден претеран и нестварен начин. Тој е гротескна, непријатна синтеза на ориентализам и еклектичен неокласицизам во една дегенеративна форма... Чуден е фактот дека ниту „газдата" ниту архитектот немаат сфатено што е пораката на внатрешниот простор. Просторите следат еден по друг без хиерархија, без постоење на рабови, како во Гарниевата Опера во Париз, во дворецот во Версај или во Шперовиот Канцеларијат за Хитлер... Недостатокот на кохерентност во стилска смисла е придружен со некохерентност во внатрешната структура на зградата."

За врската помеѓу Народниот дом и градот, Кенет Фремптон вели: „Верувам дека нешто мора да се направи за посредување во односот помеѓу Народниот дом и градот. Народниот дом е таму и таму и ќе остане. Ова посредување е апсолутно неопходно и тоа мора во исто време да биде и ригорозно и деликатно... Домот мора да биде „редуциран" до нивото на градот, а плоштадот „Унрии" ќе се интегрира поедноставно, со уредувањето на блоковите зад уличните фасади и со неколку попречни пресекувања".

Во годините по 1990, развојот на архитектурата и урбанизмот на Букурешт беше преиспитан. Сојузот на архитектите на Романија застана на стојалиштето дека не е неповратно уништена можноста Букурешт повторно да биде значајна европска метропола. Букурешт беше ранет и нешто мораше да се направи за да му се врати здравјето, кохерентноста, сјајот. Реконструкцијата на подрачјето на центарот на едно високо архитектонско и урбанистичко рамниште би ја овозможила регенерацијата на целото градско ткиво по неговиот периметар, по кој се лоцирани некои од најинтересните делови на градот. За таа цел и беше распишан конкурсот.

Меѓународниот конкурс „Букурешт 2000" е само првата фаза на еден обемен процес кој ќе трае еден подолг период. Овој процес ќе опфати најразлични зафати кои имаат за цел да ги отстранат негативните аспекти на зафатите од минатата деценија, помагајќи во повторното воспоставување на кохерентноста на градското ткиво и во внимателното вреднување на урбаниот потенцијал што тоа го носи.

На почетокот на септември 1996 год., во една од салите на Народниот дом, меѓународното жири чии членови беа, покрај Кенет Фремптон и Виторио Греготи, Фумихико Маки, Жозеп Марторел и други архитекти од Романија и светот, ги објави резултатите на конкурсот. Од пристигнатите 235 труда жирито во првата фаза издвои 15 проекти меѓу кои беа избрани наградените. Првата награда во износ од 100.000 американски долари ја доби архитект Мајнхард фон Геркан од Германија, втората награда им беше доделена на Франц и Марина Ечериу од Австрија, а третата на Адам Дрисин од Италија. Четвртото и петтото место рамноправно го поделија Доменико Фиорани од Италија и Пјер Сикар од Франција. Беа откупени и пет труда на архитекти од Романија, Франција и САД.

Жирито беше едногласно во оценката дека првонаградениот труд понуди најкохерентно решение за целиот ансамбл.

Високите објекти кои го опкружуваат Народниот дом помагаат во визуелното намалување на неговиот волумен, а целиот ансамбл, на интелигентен и суптилен начин, го чинат прифатлив дел на централното градско јадро.

Сроден текст: Августин Јоан - Комунистички Дизниленд

Извор: Аршин, бр. 3, 1996 година

ОкоБоли главаВицФото