Гомното на златната рипка

06.12.2013 11:55
Гомното на златната рипка

Сликарот Ацо Станковски е еден од ретките „преродбеници“ што со својата претходна работа создал некаков естетски кредибилитет. Ацо Станковски дури би можеле да го прогласиме за симбол на македонскиот постмодернизам. Постмодернистичкиот пристап во голема мера го одбележува неговото речиси четириесетгодишно творештво.

Последниве години Станковски е еден од најдоследните бранители на лудачкиот проект СК014. Одбраната, за жал, е речиси исклучиво политичка (не естетска), и тоа политичка во најтривијалната смисла на зборот (онака, на пример, како што политиката ја применува Илија Димовски, пропагандниот „мозок“ на режимот).

Го спомнав постмодернизмот зашто тој популарен феномен на културата во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век понекогаш се користи во одбраната на СК014. Да потсетиме на главните обележја на постмодернизмот, опишани од книжевниот теоретичар Ихаб Хасан уште 1971 година: распад на каноните, фрагментаризација, плурализација, иронија, карневализација, загуба на она што се содржеше во уметничките поими „јас“, „длабочина“... Една од клучните тези на постмодернизмот беше онаа на Франсоа Лиотар за „крајот на големите приказни“. Падот на комунизмот како да му даде право на Лиотар, барем во тој момент.

Во архитектурата постмодернизмот се сврте против редукционизмот и функционализмот на Баухаус или против такананаречениот интернационален стил. Чарлс Џенкс во својата славна книга „Јазикот на постмодерната архитектура“ (1977) зборува за „повеќекратното кодирање“ кое им се обраќа на различните корисници на некоја зграда. Врската со традицијата не е замислена како догма, туку треба да уследи како игра, пародија и иронија. Затоа цитатот и колажот се основни принципи на постмодерната архитектура. Како еден од најважните примери на архитектонскиот постмодернизам во Европа се истакнува, на пример, зградата на Градската галерија во Штутгарт од Џејмс Стерлинг (1984), во која се поврзани необарокни, класицистички и функционалистички елементи.

Велам, според сето набројано, СК014 нема јасна врска со постмодернизмот. СК014, покрај веќе вообичаените споредби со Драгиње или Ашкабад („смеша од Лас Вегас и Пјонгјанг, но со елементи на Халикарнас, Ашкабад и стиропорниот Рим од филмовите на Чарлтон Хестон“), како некаков морничав етно парк во идејна смисла најмногу наликува на „Комунистичкиот Дизниленд“, Народниот дом на Чаушеску (кој во архитектонска смисла сепак е на неспоредливо повисоко ниво од јадните фасади и пластични украси на СК014). Одбрав еден интересен цитат од Кенет Фремптон, мошне компетентен критичар на архитектурата, кој за Народниот дом рече нешто што без проблем може да стои и за СК014: „Стилот на овој објект може да се определи како последното икање на еклектицизмот, еден несреќен пример од крајот на деветнаесеттиот век. Co него се оживува некаков ориентален егзотизам кој му припаѓа на крајот на минатиот век, а објектот се обидува да се повика и на некаков национален стил, но на еден претеран и нестварен начин. Тој е гротескна, непријатна синтеза на ориентализам и еклектичен неокласицизам во една дегенеративна форма...“

И покрај лабавата поврзаност со постмодернизмот, СК014 сепак има снажна врска со она што Жан Бодријар (најпознатиот „постмодерен филозоф“) го нарекува „тотален систем на митолошка интерпретација“. Бодријар притоа мисли на ширењето на медиумите и на нивното манипулирање со сликата на реалноста. Бодријар остана запаметен по две клучни реченици: „Катастрофата не се случи“ (кога во 1986 година се случи хаварија на нуклеарниот реактор во Чернобил, предизвикувајќи повеќедецениски последици) и „Заливската војна не постои“ (Бодријар алудираше на медиумскиот карактер на војната во Ирак 1991 година која за западниот гледач наликуваше на видео игра, иако загинаа стотици илјади луѓе).

Значи, од Ацо Станковски, идеологот на антиквизацијата, очекувавме ваков тип еквибрилистики и релативизации: „СК014 не постои“ (баш како што не постои Чернобил). Но не. Станковски во својата најнова колумна (сосема идиотска, како и низа претходни, далеку под неговото сликарско ниво, без хумор, без пародија, без „повеќекратно кодирање“) зборува за вистината на режимот, од едната (негова) страна, и за збеснатоста и „речиси анимализмот“ на бунтовниците против режимот, ненародните (невистинитите) елементи, од друга страна. Таа манихејска поделба најдобро зборува за забеганоста и на режимот и на самиот Станковски лично.

Со своите третокласни политизации (како наштанцани во „Центарот за контаминација и симулација“), со евтината но многу опасна мистика на крвта и почвата, со фундаментализмот на едната вистина и со чајџилничките конспирации Ацо Станковски, како важна културна фигура на груевизмот, ризикува многу повеќе од губење на тековните привилегии; со ваквото прорежимско бладање тој на некој начин го уништува своето целокупно творештво, зашто го сведува на еден знак, една вистина, еден идентитет, еден режим, најпосле.

За крај, за Ацо Станковски и за неговата дружина на древни-макетонци-етимолози издвоив неколку интересни егзотични зборови што, меѓу другото, прецизно ја опишуваат улогата на режимскиот ласкавец или, како што би рекле Французите, вазелинерот:

-Muwaswas на арапски значи да бидеш опседнат со самоизмами.

-Viajou na maionese на португалски значи да живееш во соништа (да пловиш на мајонез).

-Lomilomi на хавајски го означува масерот на поглавицата, чија должност е да се грижи и за неговите плуканици и екскременти.

-Wazahat на персиски ја означува влажната брбушка (екскрементот) којa виси на крзното на овцата близу до опашот.

-Kingyo no funi, „гомното на златната рипка“, е живописен јапонски израз за упикувач. Се мисли на начинот на којшто рибата, кога ќе се ослободи од изметот, сепак го влече зад себе уште некое време.

Слики: Свирачиња

Сродни текстови:

Курбе му се прикажува на Станковски

Кора за шупелка

Барокот на тасманиската пештера

Петелот, фантомот и ламелата

Архитортура

Дно под дното

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото