Таткото и некои добри деца

07.12.2013 12:09
Таткото и некои добри деца

По повод 100-годишнината од Првата светска војна, виенскиот Der Standard го објави есејот на Јозеф Кирхенгаст на девет јазици: БХСЦГ, англиски, француски, италијански, словачки, чешки и унгарски.

 

„Не разбирам, навистина не разбирам. Имавме прекрасна армија. Луѓето можеа да зборуваат што сакаат, но тоа беше најубавата армија на светот. И што направија со неа - ја упропастија испраќајќи ја во војна!“

По крајот на Првата светска војна и крахот на монархијата, низ Виена кружи овој виц чиј протагонист е грофот Боби. Неговиот мрачен сарказам го искажува уверувањето на многу современици: дека големата воја во која би е вовлечена војската на мултинационалната Хабсбуршка монархија воедно ќе биде крај на оваа повеќенационална држава. Освен тоа, овој виц недвосмислено ја открива целата апсурдност на лудата политика која ја сфаќа војната како легитимно средство и принцип, и која води кон катастрофа.

Катастрофата започната во летото 1914 со атентатот во Сараево, се завршува дури со падот на Берлинскиот ѕид во ноември 1989. Војната долга 75 години - најужасната дотогаш, немерлива по бројот на жартви, а во паузите водена без крвави судири - значајно го обликува краткот дваесетти век.

Многу историчари ја прогласуваат за европска граѓанска војна. Многумина, како Ден Динер, тврдат дека би било уште поточно да се нарекува светска граѓанска војна. Веројатно никој од политичките и воените актери од 1914 не ни сонувал какви последици ќе предизвикаат нивните акции. Дури денешниот осврт ни овозможува да сфатиме како еден чин - на прв оглед неизбежно - предизвикал реакции, сѐ додека во 1945 година половина Европа не лежи во урнатини, а потоа уште половина век поминува во парализата на Студената војна.

Тоа е време на непрестајна оргија на „изми“: империјализам-национализам-реваншизам-фашизам-национализам-болшевизам-сталинизам. И сѐ е прошарано со навидум историски заснованата константа на антисемитизмот, чиешто практично спроведување го достигнува својот врв со холокаустот. Индустриското, масовно убиство на милиони луѓе - со сета монструозност на ова злосторство - има допирни точки со Првата светска војна, со новата технологија за масовно насилство, од митралезите, машинските пушки, преку оклопните возила до боевите отрови. Капларот Адолф Хитлер се формира врз овие искуства.

За Првата светска војна, која Французите и Британците сѐ уште ја викаат Големата војна, Хераклит би рекол дека повеќе од сите други војни е „татко на сите нешта“ - пишува германскиот историчар Хајнрих Аугуст Винклер во вториот том од своето монументално дело „Историја на Западот“. Винклер своето тврдење го темели на цитатот од германскиот економист Јулиус Бон од 1925 година: „Големата војна го овозможи победоносниот триумф на теоријата на насилството“.

Дали сѐ навистина било неизбежно? Или убиството на австрискиот престолонаследник на 28 јули 1914 во Сараево од страна на српскиот атентатор било речиси „несреќа на работно место“ на историјата, која инаку би одела по некој сосема поинаков тек? Меѓу историчарите преовладува согласност дека порано или подоцна би дошло до војна помеѓу Хабсбуршката монархија и Србија. Останатото ни е познато: создавање сојузи помеѓу големите сили по автоматизмот кој веќе има карактер на игра va bank - ставање на сѐ на коцка, став „сѐ или ништо“ кој не води грижа за бескрајните човечки жртви.

Винклер во своето дело набројува: 65 милиони мобилизирани војници, 8,5 милиони паднати во борба, повеќе од 21 милион ранети, 7,8 милиони воени заробеници и исчезнати, повеќе од 5 милиони настрадани цивили во Европа, без Русија. А тоа било, ако го опфатиме со поглед и периодот 1939-1945, само почеток.

Една од големите историски иронии е и тоа дека овој неумолив автоматизам е запрен со сепаратниот мир од Брест-Литовск во март 1918, кој го склучуваат Германија и советска Русија, а кој се одигрува откако болшеиците ја преземаат власта во Русија во октомври/ноември 1917 (во зависност од важечкиот календар). Пресметката на Германците, кои го довеле Ленин во Русија со оклопно возило, била кратковида.

Така е родена идејата за Советскиот сојуз, на сила од 1941 година, како главен идеолошки противник на Хитлер и како пречка за неговата цел: поробувачката војна која би требало да води до уништување на „еврејскиот болшевизам“. Поразот на Хитлерова Германија го доведува Сталин на врвот на моќта (и му го става митскиот ореол кој го има и денес), од Советскиот сојуз прави идеолошки и империјален противник на Запад и ја запечатува поделбата на Европа во период кој се протега преку следните четири децении.

Големите сили од 1914 биле програмирани за војна, а нивната пресметка била дека со војна ќе извлечат повеќе отколку со мир. Владеело расположение кое може да се опише со лозинката „Сега или никогаш“: требало да се искористи погодноста на мигот за да се решат проблемите кои растеле. Ова важело и во случајот на односите на етаблираната светска сила Англија и нејзиниот главен предизвикувач, Германија; важело и во случајот на Франција која се надевала дека ќе успее да ја измие навредата која ѝ ја нанела Германија во 1871; важело и во случајот на германските и руските амбиции во Средна, Источна и Југоисточна Европа; и важело за австриско-српското ривалство на Балканот.

Па сепак, ниеден од проблемите кои се натрупувале до 1914 не е решен со војна. Главните судири дури тогаш се разгоруваат. Американскиот историчар Тимоти Снајдер кој ги спроведувал своите истражувања во Виена, ја опишува оваа ситуација како обид за истерување на ѓаволот Велзевул. Според неговите зборови, повод за војната бил концептот на национални држави кој доаѓа од Балканот. Тој довел до распаѓање на мултинационалната Дунавска монархија, а по 1918 сојузниците го примениле ова „решение“ на голем дел од остатокот на Европа.

Но, принципот на правото на самоопределување на народите, кој по војната го прокламира американскиот претседател Вудру Вилсон, се покажува, колку и да е смислен со добра намера, како несоодветен инструмент за решавање на меѓунационалните конфликти. Тоа станува јасно уште во случајот на мировните договори со Австрија и Унгарија. Во случајот на Унгарија, која губи две третини од својата некогашна територија и три милиони Унгарци, последиците од тоа се чувствуваат и денес. Националистичката преродба под Виктор Орбан делумно може да се објасни со овој развој на настаните.

Империјализам, национализам, реваншизам: ниту Друштвото на народите основано 1920, ниту Обединетите нации кои во 1945 година настанале како организација наследник, не се покажале како институции дораснати за решавање на овие проблеми. 1952 година уследува нов обид: со Европската заедница за јаглен и челик, Франција и Германија го започнуваат решавањето на старото ривалство преку нов модел на кооперација. Шеесет години подоцна, нејзиниот задоцнет наследник, Европската унија, добива Нобелова награда за мир. На чудење на многумина.

Непосредните причини за основање на Европската унија се поврзани со искуството од Втората светска војна. Меѓутоа, вистина е дека нејзините вредности, правила и институции произлегуваат од поуката за причините и последиците на Големата војна од 1914-1918. Тие подразбираат давање предност на решавањето на судирите преку балансирање на интересот и солидарноста, а не со користење на сила. А тоа не може да се постигне без делумно откажување од националниот суверенитет.

Еврокризата е најтешкиот тест кој ЕУ барем за сега го положи. Но националистичкото вриење во многу земји членки покажува дека злите духови од 1914 година сѐ уште не се заминати.

Извор: Der Standard

ОкоБоли главаВицФото