Разговор

07.12.2013 13:37
Разговор

ПЕПЕРУГА

Девојченцето: Мајчице, си фатив пеперуга пред врата. Види колку е убава и бела! Таа не стоеше на цвеќе, си лежеше наземи, вака, на едната страна. Јас си ги собув наланчињата да не тропаат, одев полека, да не ме чуе и ја стиснав со двете прстиња. Ама таа не преташе со крилцата како што претаат пеперугите во паркот кога ќе ги фатат. Таа си беше мирничка. Мајчице, нели нема да ме караш дека ја отепав?

Мајката: Не, сине, ти си ја оживела.

 

КОПАЧЕЊЕ

Денеска ја корнев ружата јазачица. Ја разгрнував со дурија земјата околу неа, удирав со казма по коренот што пуштил жили на сите страни длабоко в земи.

Бев сиот задишан, испотен. На крајот успеав да го отчешнам коренот од неговото лежиште. Но во земјата сепак останаа многу жили и жилички што ги искинав со силно мавање.

Ќе ме проколнуваат тие жили напролет. Зашто во нив уште има живот, а им недостасува воздух. Ќе тагуваат тие по лисјето, дури не истлеат сосем.

На таков начин ја искорнав јас и љубовта од сувата почва на своето срце.

 

РАЗГОВОР

Монологот не суштествува, монологот е измислена работа. Го пишувам ова зашто ми е потребно да го продолжам разговорот. Јас веројатно не сум успеал да ја сфатам сета човечка длабочина на таквата потреба.

Се штрекнав силно кога мајка рече за покојниот татко: „Го заклаа така на операција; да го оставеа барем еден ден повеќе жив, да кажеше уште некој збор“.

Држиме до себе, до својата чест и углед. А зар е срамота, по сите такви опити, да се лази во прашината за да се чуе само уште еден збор на човекот што го сакаш?

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Ѓорѓи Крстевски

ОкоБоли главаВицФото