Два месеца по драмата

09.12.2013 12:37
Два месеца по драмата

„Доста со импровизациите, сегашната привидност на шатори и бараки, денес ја именуваме како Нужност, а утре мојот вистински роденден ќе ги крсти Албум “ (Славко Јаневски)

 

Поминаа веќе два месеца и Скопје повеќе не изгледа како во последните денови од јули, сеедно што првите туристички разгледници ќе ги печати дури по неколку години. За четири до пет години.

Скопје, разрушениот град со повеќе од 35.000 комплетно уништени станови, минува низ три фази на својата изградба: шатори, монтажни згради во сателитските населби и конечна изградба на новиот град врз основа на нов и комплетен урбанистички потфат. Иако приодите кон градот се сè уште затрупани со разнобојни шатори, набрзо ќе бидат завршени и првите монтажни населби.

Според завршните пресметки, во Скопје е уништено повеќе од 90% од станбените и јавните објекти. Може да се обноват повеќе од 1000 згради: тоа се 10.500 станови во зградите обележани со зелена и жолта боја; 2500 станови за кои треба да се направат мали поправки; 4000 станови имаат средно тешки, а 4000 многу тешки оштетувања. На оваа бројка може да се додадат уште 2000 куќи кои би можеле да се обноват со голем напор.

СР Србија до почетокот на зимата ќе ги обнови станбените згради во општина Кисела Вода. СР Хрватска и СР Словенија ја завршуваат обновата на становите во Идадија, а стручњаците од СР БИХ работат на обнова на зградите во општината Саат Кула. СР Македонија има обврска да работи во општина Кале.

Во почетокот на септември е завршено урбанистичко-просторното решение за сите пет сателитските населби, со век на траење 40 до 60 год. Карактеристика на привременото урбанистичко решение (стариот урбанистички план на Скопје е ставен ad acta, а новиот ќе биде готов до февруари 1964, што е своевиден рекорд) е во тоа што сателитските населби се вклопуваат во општиот урбанистички план и нема да бидат отсечени од идното Скопје.

До крајот на годината ќе се обезбеди сместување на 120.000 граѓани, на површина од 1.100,000 м2. Благодарение на програмата која е во тек, скопјани ќе живеат во населбите Лисиче, Ѓорче Петров, Маџари, Зајчев Рид, Драчево и Водно.

Веќе кон крајот на август започнати се сериозни геолошки, биомеханички, хидролошки, сеизмолошки и др. испитувања кои ќе послужат за подготвување на нов урбанистички план на Скопје на кој работат урбанисти од целата земја.

Ново Скопје ќе се гради врз принципите на строга градежна контрола, со правилен избор на градежен материјал, со високо квалитетен бетон. Скопското искуство од 26 јули покажа дека не смеат да се градат згради од цигли и малтер со партер и четири катови, не смеат да се дозволат монтажни тавани, а уште помалку систем на напречни носечки ѕидови. Според стручњаците, зградите во ново Скопје треба да бидат на три до четири катови со конструкција од армиран бетон и без балкони. Исто така, како многу опасни се покажале лесните монтажни скали, додека цврсто градените скали останале речиси неоштетени и во многу разурнатите згради. Заклучок на сите стручњаци е: конструкција од челични носачи, а ѕидовите би можеле да се градат и од шупливи елементи.

Според експертите вклучени во изградбата на Скопје, денешната состојба на техниката и градежното искуство овозможува решавање на сите градежни проблеми во трустните подрачја. Новите конструкции треба да бидат што полесни, поелегантни, поеластични и доволни цврсти да издржат странични удари. Без разлика дали ќе се примени монолитен или монтажен систем на градење, сеизмичкото градење бара сите поврзување, јазли да бидат монолитни. Строгите технички прописи во Советскиот Сојуз и Франција бараат „омонолитување“ на сите јазли во градилиштето. При градењето на објектите не се дозволени т.н. суви јазли во армираниот бетон. Според мислењето на еден наш стручњак, издржливоста на материјалите значи многу за опстанок на новите конструкции во Скопје во услови на значително поместување на тлото.

Извор: Čovjek i prostor, Savez arhitekata Hrvatske, Zagreb, бр. 125, август, 1963

ОкоБоли главаВицФото