Европските Роми

10.12.2013 10:19
Европските Роми

Ширум Европа, милиони луѓе ги трпат последиците од невработеноста и им се заканува долг перод на економска стагнација. Но, ниедна група не е погодена од ова потешко од Ромите.

Во Европа има повеќе од десет милиони Роми, главно концентрирани на Балканот и во најновите членки на Европската унија, особено во Романија, Бугарија, Словачка и Унгарија. Она што е навистина шокантно е дека нивните услови за живот се всушност влошени откако могумина од нив станаа граѓани на ЕУ. Истовремено, ставовите на мнозинското население кон нив станаа уште повеќе негативни речиси секаде во Европа.

Овие две тенденции меѓусебно се потпомагаат: маргинализацијата создава презир и обратно. Единствен начин за бегство од оваа замка е вложување во образованието, кое би му се вратило на општеството во вид на огромна социјална дивиденда. Да се сетиме, на пример, дека Ромите претставуваат повеќе од 20% од новите учесници на пазарот на трудот во споменатите земји.

Како да им се помогне на европските Роми?

Добра вест е дека знаеме како да ги подготвиме ромските деца да бидат продуктивни членови на општеството. Моите фондации беа активни во едукацијата на Ромите повеќе од 25 години. Во текот на тој период, школувавме мала армија млади Роми кои го задржаа својот идентитет, но можат да ги разбијат негативните стереотипи на оние со кои доаѓаат во контакт.

Заедно со Светската банка, го основавме Фондот за образование на Ромите (REF) 2005. REF е спремен да им помогне на националните образовни институции ширум ЕУ да го подобрат својот учинок во образованието на ромските деца. Притоа, нашите програми во моментов опфаќаат повеќе од 100.000 ученици секоја година, вклучувајќи повеќе од 1.600 студенти кои добиваат стипендии.

Но, овие бројки за жал се недоволни во однос на размерот на проблемот. Половина од Ромите се деца на школска возраст и оваа популација расте побрзо од капацитетот на REF. Годишниот буџет на фондот изнесува само 12 милиони евра, од кои моите фондации покриваат речиси половина и тешко е да се мобилизираат дополнителни средства. Тоа е неприфатливо. Програмите кои REF ги развива би требало да ги прошират државите, со помош на ЕУ, и да ги обезбедат за своите ромски деца во Европа.

Што може да направи ЕУ за да им помогне на европските Роми?

Европската комисија одигра многу значајна улога преку структурните фондови, кои покриваат до 80% од дополнителните трошоци за интеграција на Ромите. За жал, тешко е да се пронајдат преостанатите 20%, поради распространетоста на антиромските ставови во цела Европа.

За да ги разбиеме негативните стереотипи, ромските деца мораат да се едуцираат да го истакнуваат и да се гордеат со своето ромско наследство. Тоа го направи REF. Образованите Роми не се вклопуваат во стеротипите, така што лесно можат да се стопат со мнозинското население, но непријателскиот став на мнозинството останува. Кога пристапот кој го разработи REF би бил усвоен пошироко, тоа многу би придонело за разбивање на стеротипите.

Но, само образованието не е доволно. Ромите исто така мораат да бидат способни да најдат работа. Трајното решение би барало Европа да изгради ромска работничка класа. Овде приватниот сектор има своја улога. Стручњаците од Европската комисија и од моите фондации развиваат пробни проекти за да овозможат стажирање во приватниот сектор за ромските деца кои посетуваат занаетски школи.

Романија веќе има слична програма за мнозинското население, а министерот за просвета Ремус Прикопие вети дека ќе ја отвори за Ромите. Познавам и други држави кои преземаат слични чекори.

Да бидеме искрени: постои ромски проблем во Европа и ситуацијата станува сѐ полоша. Но и проблемот и неговото влошување се одраз на отровната комбинација на длабоко вкоренетата омраза и упорното запоставување.

Всушност, образованите Роми во Европа секојдневно докажуваат дека овој проблем е решлив. Но за негово решавање ќе бидат потребни повеќе генерации, а Европа не може да си дозволи да чека економско закрепнување. Напротив, со оглед на порастот на ромската популација, долгорочниот просперитет на Европа зависи од тоа дали таа ќе ги пресврти денешните тенденции - и дали ќе почне со тоа веднаш.

Извор: Social Europe Journal

ОкоБоли главаВицФото