1028 hPa
93 %
-3 °C
Скопје - Сре, 17.12.2025 04:00

Беше тивко, можеби потивко од што очекуваше и од што требаше да биде. Беше мирно и немаше движење. Вратата од бараката со ламаринен покрив беше затворена, но отклучена. Зад неа, внатре во фотостудиото, требаше да биде празно, како што беше речиси секоја сабота ова време, затоа што фотографот, Емил, беше во подрумот, веројатно развивајќи слики, и очекуваше некој да го притисне малото сребрено ѕвонче на масата за да го повика.
По толку прикрадувања и таинствени набљудувања, Јон ги научи сите подробности и веќе знаеше од прилика што би можело да го очекува. „Оваа ноќ е ноќта што ни припаѓа на нас. Оваа ноќ е наша ноќ, Сандра“, се бодреше додека чекаше пред студиото. Патем и натажено се запрашуваше. „Што ако не дојде? Што ако ме откријат? Што ако ја изгубам засекогаш?“ Но таквиот сомнеж и стравот од неуспех траеја кратко, затоа што помислата дека сега, конечно, постоеше можност настаните да се одвиваат според движењата на неговата диригентска палка, го смируваше и го убедуваше во сигурноста на потфатот.
Фрли уште еден кус поглед на себе.
Во курирската униформа не изгледаше многу привлечно. Го соблече елекот со дамка од црвено вино за да не му се гледа логото од агенцијата за која работеше хонорарно. Остана по блузата во каки боја на кратки ракави. На дланките немаше повеќе траги од туѓата крв, зашто се зами од една јавна чешма. Мислеше дека ваков, како што изгледаше, не би требало да ја исплаши Сандра, освен, можеби, доколку не му ги забележеше старите рани по лицето, кои веќе беа речиси наполно закрепнати.
Го остави елекот од униформата на земја и внимателно се приближи до бараката.
Напливнат од возбуда и од нетрпеливост, Јон се убедуваше дека не постои друг избор. Сандра ќе дојде. Со автомобилот на мајка ѝ. Ќе застанат на паркингот од ситен камен и чакал. Мајка ѝ ќе чека зад непровидните стакла на црниот мерцедес, а Сандра самоуверено ќе влезе во бараката. Друг избор не постоеше. Тоа мораше да се случи.
И, навистина, се случи.
Дури тогаш му се затресоа колената. Кога ги виде светлата од фаровите на црниот мерцедес кај свиокот, малку се подисплаши. Таа беше вистински присутна, таа вистински пристигаше.
Ситниот камен и чакалот закрцкаа и потпукнаа под гумите.
Сандра излезе, а мајка ѝ остана да ја чека во мерцедесот.
Дури откако сфати дека работите се одвиваа како подмачкани, диригентот Јон почна да се колеба и да чувствува како грлото му се полни со повраќаница. Се смируваше и силно вдишуваше.
Стигна дотука, сега не смееше да се откаже. Не смееше да помисли да се повлече и да си замине. Срцето и онака возбудено му чукаше од скорашниот дуел во кој од зад грб го засече тилот на злосторникот, во име на сите блудни погледи, и ја спаси злоставената. Ја спаси пирсираната девојка и ја одведе на покривот. Барем си мислеше и се надеваше дека ја спасил.
И како да се откажеше по тоа, како да се откажеше сега? Сета таа крв. Срцето во градите. Ноќта во косата на Сандра. И нејзините благи стапки по песокта и чакалот.
Дојде.
Тоа беше важно, тоа зборуваше за неа. Меурчето се издигнуваше во чашата. Сандра дојде. Сега немаше ни каење ни повлекување. Јон знаеше дека сега не смее да се откаже, иако грлото го стегаше. Немаше друг избор. „Како да си излегол од дома некој студен ден без да земеш јакна, зашто си мислел дека си доволно облечен, а после сфаќаш дека со секој чекор ти станува сѐ поладно и поладно, и знаеш дека си се заебал, но се мрзнеш, зашто доцниш каде што треба да стигнеш и веќе не можеш да се вратиш, веќе враќање нема“, споредуваше треперливиот Јон.

Самоуверено влезе во бараката, полека и тивко, и зачекори внатре во студиото. Беше празно. Се обѕре наоколу. Тивко. Ѕирна низ окното. Надвор, нејзиното тело најпрво претставуваше само црна сенка, нерамномерна линија исцртана со перо и туш врз боите на ноќта. Беше сама. Се доближуваше, сѐ уште во облик на сенка, но полека стануваше јасна. Сенката ќе ја снема, ќе ѝ се појави лицето, ќе му пријде на Јон со тело на жена, ќе се заштити со засраменост.
Дали ја сака славата, дали посакува да биде позната? Дали се двоуми, дали се плаши? Дали Сандра посакува да биде Сандра?
Јон застана покрај масичката на која се наоѓаше малото сребрено ѕвонче и зеде некое списание што беше фрлено врз неа. Го отвори, божем беше зафатен со читање.
И тогаш влезе и Сандра. Бавно. Јон не ја помрдна главата, туку само го пренасочи погледот од страниците кон неа. Таа срамежливо се насмевна. Беше осветлена од бледата неонка на ѕидот.
За првпат стоеја на толку мала оддалеченост еден од друг.
Разликата меѓу оваа близина и другите близини меѓу нив двајца се состоеше во тоа што овојпат Сандра беше наполно свесна за постоењето и за присуството на Јон. Тој веќе не беше само таинствен набљудувач од далечина. Сега нејзините очи ги допираа неговите.
Сѐ друго беше заблуда. Секојпат кога ја гледаше како излегува од автомобилот на мајка ѝ за да влезе на часовите по балет, секоја ноќ мината во големиот двор со ниско искосена темнозелена трева од каде што фрлаше поглед кон нејзината соба, секоја саботна прошетка со татко ѝ во која чекореше зад нејзините чекори и ѝ беше сенка на нејзината сенка – сето тоа се претвори во привид, како да немаше значење, затоа што сега постоеше само оваа близина на нивните тела. Нејзиното тело облеано во пријатен мирис на добро познатиот парфем, неговото тело малку испотено. Таа облечена во прилично тесен едноделен црн фустан, тој во каки блузата на кратки ракави и во панталоните од униформата.
Насмевката ѝ се загуби. Остана руменилото на образите. Кимна еднаш со главата за да го отпоздрави Јон, а потем нежно го оттргна погледот од него, избегнувајќи да му гледа право в очи. Шараше со очите по кичерскиот декор на сетовите за фотографирање, по врамените портрети на уметничките фотографии закачени на ѕидот, по евтините завеси усмрдени од тутун. Јон, пак, избегнуваше да ѝ се доближи и да утврди дека е за глава пониска од него, затоа што се плашеше да не ѝ замириса лошо. Го фрли списанието на масичката и тоа падна помеѓу полниот пепелник и еден скап фотоапарат. „Можно ли е да го слуша музичето од подрумот? Да не ѝ падне нешто чудно“, помисли Јон, затоа што од долу, преку вратата, допираше звук од радио. „Туку, дебелиот само нека остане таму да си се релаксира, да не му текне да се качи“. Доколку Емил навистина го фатеше на дело, тогаш Јон немаше претстава што би сторил. Веројатно ќе му ја летнеше да бега.
Скриената намера на Јон му се издаваше од секое несмасно движење. Беше премногу внимателен и некако постојано се обидуваше да остане тивок. Не делуваше доволно одлучно и отсечно, па сето тоа го правеше сомнителен. Но Сандра не можеше да го увиди тоа, иако веќе како да се премислуваше за намерата.
Јон одлучи да си ја заврши работата како што намери. Да ја намести Сандра пред објективот, да ја фотографира, па на патот до излезот да скрши некој муабет со неа, да ѝ ги запознае мислите и гласот. Што побрзо, толку подобро. Затоа што уште малку време остануваше додека не се качи вистинскиот фотограф и додека не почне вистинското сликање за кастингот.
Телото на Сандра. Фустанот на Сандра. Косата на Сандра. Градите што наѕираат на Сандра. Нозете и колениците на Сандра. Погледот, очите, зениците што танцуваат на Сандра. Несигурна, повлечена и ненаметлива Сандра. Убава Сандра. Која сакаше да танцува и сакаше да биде балерина и не сакаше да биде балерина. Која некогаш ги спушташе ролетните криејќи се од себеси и правејќи нешто што никој не знаеше дека го прави. Сандра од црниот мерцедес. Сандра со босите нозе по асфалтот. Несреќната Сандра што се додеваше. Сандра присутна со сето битие, со здив и топлина по кожата, за првпат со поглед што му го пресекува погледот на Јон.
„Дојдов за огласот“, најпосле рече со стаклен глас и со молбен поглед. Подголтна од што ѝ беше тешко и неугодно да ја образложи причината за своето присуство во фотостудиото, во оваа барака со ламаринен покрив. Ја испружи дланката во која држеше еден од летоците. Јон фрли безначаен поглед врз летокот. Се плашеше да го земе, зашто знаеше дека раката му се тресе. „Секако“, ѝ рече.
Таа го врати летокот назад во чантичката и се почеша за тилот, а Јон, не тргајќи го жедниот поглед од неа, сакаше да ѝ го сети забрзаниот пулс, да ја допре вената што се чинеше оти ќе ѝ излета од вратот. Сандра малку се намурти и нападно му подвикна на Јон, прашувајќи дали може да почнат, каде треба да се смести, што треба да прави. Тој сѐ уште зјапаше во неа. „На право место сум, така?“, го праша вознемирено. А лажниот фотограф потврди со главата и уште еднаш се сврте кон вратата од која се слегуваше до подрумот. Имаше впечаток дека музиката од радиото стана погласна.
Направи гест со раката и ја покани да седне.

Сандра застана пред големото огледало и виде дека шминката ѝ беше во ред. Јон несмасно направи место во декорот што требаше да послужи како заднина. „Треба да фатам некаква поза... или вака нормално само?“, праша таа со нервозна насмевка, а тој ѝ посочи да легне врз лежалката, зад која беше насликана летна веранда од тиково дрво со егзотичен пејзаж на азурно море и палмини листови.
Легна врз лежалката и чекаше упатство од Јон. Ја чудеше што тој премногу невешто ја вршеше работата. Најпрво едвај го стабилизираше апаратот на стативот. Потоа збунето минуваше низ опциите. Откако еднаш сликна, виде дека треба да ја намали експозицијата. Погледна кон легнатата Сандра. Направи неколку фотографии. Најпосле го тргна апаратот од стативот и се наведна кон лежалката, ракувајќи со зумот. Таа се обидуваше да позира, насмевнувајќи се кисело, подвивајќи ја десната страна од устата нагоре, а потоа воозбилувајќи се, со стамен поглед кон објективот.
„Тргни го фустанот“, одненадеж ѝ рече Јон. Сандра сакаше да праша дали е тоа потребно, но веќе беше подготвена на ваков чекор уште кога се одлучи да дојде. Го отвори патентот на грбот и го симна црниот едноделен фустан од себе. Ги обви рацете накрсно околу градникот, затскривајќи ја голотијата во недоверба и срам. Беше збунета колку и зачудена, но малку и исплашена од погледот на човекот што ја фотографираше. Јон се движеше на сите страни и одвреме навреме чкрапнуваше, како напразно да слика, несосредоточено и расеано. Сандра лежеше полугола пред него, на дофат, двете лопатки на грбот ѝ се изјаснуваа како две лебедови крила, а градите, малку помали одошто Јон првично мислеше, беа силно прицврстени и поради тоа беа подуени, кожата на свежо издепилираните нозе се ежавеше и беше набрекната со многу точкички, стомакот ѝ беше мазна пустина со папоче испакнато како бунар во средината.
„Не смеам да се задржам премногу“, рече Сандра обидувајќи се да го прекине недоличното и долготрајно ѕверење на Јон. Тој ја наведна главата, па застана пред неа и направи уште една фотографија, повторно без блиц. Сандра посака да праша нешто, но само ги подгризна усните и затрепка силно.
Јон се осуди уште повеќе да ѝ се приближи, божем да ѝ помогне да направи некоја специфична поза. Кратко ја допре, со врвот од прстите, но веднаш го оттргна допирот, како да допира магма, и се откажа од намерата. Отслика уште еднаш. Потоа направи чуден гест со раката, сакајќи да ја поттикне да го слече градникот.
Пред да излезе од дома, на Сандра ѝ се чинеше дека ќе биде похрабра и порешителна доколку мора да дојде до ваков момент, доколку ситуацијата го бараше и тоа од неа. Но, рака на срце, не очекуваше некој како Јон зад фотоапаратот, туку очекуваше некој што ќе биде поприсебен, попрофесионален и посигурен во она што го прави, за и таа да биде сигурна, а не застрашена и колеблива.
Градите ѝ заиграа кога се исправи и седна на работ од лежалката. Изусти нешто како да одбива да го стори она што се чинеше дека Јон го побара од неа. Но тој не можеше да додржи. Не сакаше да биде така, но така испадна. Кога си ја замислуваше оваа сцена, овој свечен момент, Јон ги знаеше своите ограничувања и она што смееше да го стори. Сепак, несекојдневната и омелушувачка близина беше пресилна за прибраниот разум да остане прибран. Одново ѝ се доближи и ја фати за рамото, небаре ја опушта и ја поддржува во намерата, но раката се лизна по рамото, кон стиснатите и подигнати гради, па одеднаш Јон силно ги згрчи прстите под градникот, а фотоапаратот му падна на подот. Ја зграби мекоста на нејзините гради, несмасно пристискајќи ги околу брадавиците.
Сандра скокна од лежалката и поради доживеаниот шок не можеше да испушти никаков звук. Јон брзо се истетерави неколку чекори поназад, дишејќи брзо, со широко отворени очи, небаре беше поисплашен од девојката на која ѝ се нафрли. Уште еднаш се сврте во правец на вратата од која се слегуваше до подрумот, но не начу ништо страшно. Никој не се појави.
Потоа повторно се соочи со гневната, обесчестена и навредена Сандра.
Нејзе наеднаш ѝ поцрвене лицето. Така подразголена, само по гаќите и по градникот што сега си го враќаше на место, изусти низ заби, со стегната вилица: „И ти си ми некој фотограф“, па го крена фустанот. „Ти си манијак, а не фотограф!“ Јон не се мрдна од место. Таа брзо го натна фустанот, го остави патентот на грбот отворен, а чевлите не ги ни облече, туку ги зеде во рацете заедно со чантичката. „Свиња!“, викна и јурна надвор од бараката со ламаринен покрив.
Јон уплашено се врткаше за да види дали Емил случајно чул нешто од подрумот и без да ризикува, во страв дека тој сигурно ќе налета, истрча кон паркингот по Сандра. Таа ги бркна стапалата во чевлите, зашто ја здоболеа од чакалот. Се стресе кога виде дека Јон одново се појави покрај неа.

„Што сакаш, копиле лажливо?!“, вресна Сандра оддалечувајќи се од него. Јон сакаше да ја смири и да ја натера да сопре. Сандра се упати кон местото на паркингот на кое се симна од автомобилот.
Кога увиде дека човекот оди по неа, таа збесна и уште толку се наморничави, забрзувајќи ги чекорите. Но вистински загрозена се почувствува дури кога виде дека црниот мерцедес на мајка ѝ не беше тука. Кога го сфати тоа, се виде себеси заробена, измамена и напуштена. Такво нешто дотогаш ѝ се немаше случено. Мајка ѝ требаше да ја чека на паркингот. Не ѝ спомна ништо за тоа дека ќе замине некаде.
Нагло се заврте кон Јон. Изгледаше толку беспомошно и безизлезно, што ѝ се причини дека никогаш повеќе нема да изгледа така во животот. Настраниот и налудничав странец стоеше непосредно покрај неа, а таа зависеше од неговата милост или немилост. Збунета од целата ситуација, изненадена што мајка ѝ тукутака се осмелила да ја остави и ненајавено да си замине, Сандра се избезуми и тивко, во неверување, му се обрати на Јон, како што малечко дете би ѝ се обратило на својата кукличка. „Требаше да чека“, изусти и тажно го погледна празното место на и онака испразнетиот паркинг.
И тогаш, како да се свести, секавично додаде: „Ама има да дојде! Тука негде е“, и заканувачки погледна во Јоновите засенчени очи.
Беше празно. И тивко.
До нив двајца допираа единствено далечните звуци на возот, кои потоа, како и сѐ друго, се изгубија.
Јон бавно ѝ се приближи на Сандра, но сепак чуваше определено растојание од неа, за да не ја предизвика да вреска по помош. Ниту на крај памет немаше намера да ја избезуми, да ја вознемири и сосила да ја придобие. Сакаше сѐ да се случи без присила и без насилство.
„Остај ме!“, молбено довикна Сандра. Околните улички ѝ беа непознати, исто како што ѝ беше непознат исходот од средбата со лажниот фотограф на паркингот, во тивката ноќ низ чиј воздух се чувствуваше пристигањето на летото.
„Бегај, ќе пискам!“
„Почекај!“, се обиде да ја успокои. „Минутка само! Ислушај ме за само една минутка, те молам!“
„Со летоци? Така ловиш недолжни девојки?!“, праша Сандра како да не слушаше што ѝ зборува Јон. „Огласи спакувани во смрдлива лага, а?“, ја крена тупаницата во воздухот.
„Слушни ме, може ли да се смириш?“, упорно ја молеше Јон.
Сандра се врткаше влево и вдесно, во обид да здогледа некого во близина. Се тргаше настрана, сакаше да си замине и да го остави Јон во далечина, но се сомневаше дали беше способна да стори такво нешто.
Јон се загледа кон уличката. „Ене, таму“, ѝ рече посочувајќи со прстот кон осветлената бандера. „Да одиме таму. На светло, за да не се плашиш. Секој може да нѐ види таму“. Сандра сѐ уште не го помести прашалниот поглед од Јон. Дишеше забрзано, во неверување. „Таму ќе ја почекаме мајка ти“, додаде Јон.
Сандра ја навали главата и го затвори едното око, чудејќи се како бесрамникот знаеше дека токму мајка ѝ требаше да ја чека. „Да не му спомнав?“, се запраша и се обиде да се сети, што не ѝ одеше добро поради возбудата и стравот. „Никогаш не заборавила да те собере на време, сигурен сум дека ќе дојде и сега“, иако неповикан, смирено и утешително продолжи Јон. „Можеби отишла да ти купи нови чорапи со подвески“, додаде со ситна насмевка.
Сандра се затресе од ужаснетост. „Од каде ги знае овие работи?“, се зачуди.
Слики: Дру Јанг
Давор Стојановски (1987) е добитник на наградата „Ана Франк“ за најдобра студентска книга, како и на откупната награда за краток расказ на „Нова Македонија“ во 2011 г. за расказот „Соба со тенки ѕидови (Сонувајќи го Цејлон)“. Објавуван е во повеќе македонски поетски и прозни списанија, како и во српскиот зборник „Рукописи“. „Ненасловена месечева соната“ е негов прв роман.