1021 hPa
87 %
7 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 13:59
Велосипедистите во Копенхаген стекнаа репутација на арогантни и непромислени, што ги наведе градските власти да ја преиспитаат политиката која го поддржува велосипедот како превозно средство.
Покрај Амстердам, долго време сметан за главен град на велосипедска Европа, Копенхаген има поголем број велосипеди од жители, а повеќе од една третина од граѓаните секојдневно користат велосипед. Но, со зголемување на бројот на велосипедисти, расте и бројот на прекршоци кои тие ги прават.
„Велосипедистите не ги почитуваат прописите доволно. На пример, возат и таму каде што просторот е резервиран за движење на пешаци“, вели шефот на сообраќајната полиција на Копенхаген, Могенс Кнудсен.
Копенхаген со години ги привлекува политичарите и новинарите од целиот свет кои ја истражуваат престолнината на Данска и нејзиниот проект за „суперпатеки за велосипеди“. Целта е до 2015 година велосипедот да се користи за повеќе од 50% од патувањата до работа или училиште. Но, она што го гледаат во градот ги плаши посетителите - колони велосипедисти со полна брзина јуришаат меѓу пешаците.
Иако во време на пропаганда за можните климатски промени и загадувањето на атмосферата е ерес да се биде против велосипедот, некои веќе почнуваат да крцкаат со забите.
„Велосипедистите мислат дека се над правилата“, констатира новинарот Кјелд Коплев, иако како велосипедист е тешко повреден во судир со автомобил.
Том Јергенсен, ликовен критичар, во 2012 година го нарече велосипедот „сообраќаен проблем број еден на Копенхаген“. Тој во една статија објасни дека велосипедистите со тек на време стануваат егоисти кои едвај обрнуваат внимание на она што се случува околу нив.
„Пешаците сосема исчезнаа од јавната расправа. Се зборува за велосипедистите и моторциклистите, но на никого не му е гајле за оние кои само пешачат“, вели тој.
Микаел Л’Дус, претседател на данското здружение на пешаци, објаснува дека велосипедистите создале атмосфера на страв и закана.
„Деведесет проценти од луѓето кои ни се јавуваат се лути и се плашат од велосипедистите. Тие дури избегнуваат некои места поради нив“, се жали тој.
Пешаците не се единствени кои ги мачи тој проблем. Возачите исто така почнаа да се жалат на градската политика која ги заштитува велосипедистите. За ноемвриските локални избори во Копенхаген, партијата Либерална алијанса (десен центар) водеше кампања со слоган: „Градот за сите - дури и за возачите“.
Сојузот на комунистите и Зелените одговорија со лепење плакати во автобусите со порака: „Автомобилите на крајот“. Шефот на таа листа, Мортен Кабел, го освои местото помошник за технички прашања и животна средина, и има надлежност и за сообраќајот и за урбанизмот.
Иако е противник на автомобилите, Кабел признава дека некои велосипедисти мораат да го променат однесувањето.
„Но, нивното однесување во голема мера произлегува од тоа што нема доволно простор за нив, иако се многубројни. Ако има повеќе велосипедски патеки, и ако тие се пошироки, проблемот лесно би бил решен“.
Здружението на дански возачи (FDM) се побуни против таа идеја.
„Политичарите сакаат Копенхаген уште помалку да привлекува возачи“, се жали портпаролот на групата, Торбен Лунд Кудск. Тој наведува дека е на дело несразмерно ширење на велосипедските патеки, затворање на улиците за автомобили и намалување на бројот на паркинг места.
Од друга страна, новинарот Коплев кој по несреќата повеќе не може да вози велосипед, предложи порадикално решение: „Ако автомобилите сосема се отстранат од градот, велосипедот би можел да се користи како и да се посака“.
Извор: B92