Состојбата со човековите права во Македонија се влошува

10.12.2013 12:48
Состојбата со човековите права во Македонија се влошува

Стравот широко распространет

 

10 декември, Меѓународен ден на човековите права 2013, Република Македонија

 

Состојбата со човековите права во Република Македонија се влошува. Десетици политички затвореници, вклучително и двајца новинари се притворени, им се суди или се на издржување затворски казни.

Дискриминација по политичка припадност, етничка и верска припадност, род, социјален статус и сексуална ориентација се секојдневна рутина и се длабоко вкоренети во институциите на државата и локалните власти, во нивните политики и практики.

Слободата на говорот и медиумите е блиску до непостоечка, имајќи ги предвид различните форми на државна цензура или автоцензура од страна на новинарите со години наназад.

Извештаите за кршење на човековите права се натрупуваат. Граѓаните на Република Македонија се соочуваат со дискриминација и кршење на основните права и слободи практично насекаде – на работа или од политиките на вработување, судството и полицијата, образованието, здравството и дистрибуцијата на социјалната помош.

Припадноста кон политичка партија го определува поголемиот дел од животот на луѓето, а етничкото или верското потекло само се надоврзуваат кон оваа ситуација.

Јазот меѓу сиромашните и богатите се проширува, а механизмите да се сопре сиромаштијата се заменети со механизми кои овозможуваат богатите да станат уште побогати.

Стравот е широко распространет. Луѓето не се осмелуваат да проговорат, се плашат од губење на работното место или дека нема да добијат работа, под закана се дека ќе ги загубат правата на социјални или јавни услуги, а се заплашувани и на многу други начини, вклучувајќи ја и заканата од затвор. Во меѓувреме, владата продолжува со градење на спомениците на поделбите и барокните згради и со склучување бизниси со инвеститори, потполно нетранспарентно и контроверзно.

Политичка култура е недоволно развиена и граѓанската свест сѐ уште е на многу ниско ниво, така што гласот на слободата е речиси непостоечки. Но, долг е патот…

Извор: civil.org.mk