Дупнати (д)уши

10.12.2013 15:58
Дупнати (д)уши

Груевизмот не слуша. Или, не го слуша она што не сака да го чуе. Аутистичен е, но примитивен и насилен во својата игноранција. Занемарувањето на сè што не доаѓа од овластените центри за мислење, велам, е една од најиритирачките особини на тој мрачен политички феномен. А таа особина, неслушањето и непочитувањето на другиот глас, понекогаш го загрозува општеството повеќе дури и од отвореното насилство (од коешто груевизмот исто така не се воздржуваше, како при затворањето на А1 ТВ или на политичкиот противник Љубе Бошковски).

Од тие причини, денешната колумна е посветена на увото и на потребата од меѓусебно слушање и разбирање. Како увод нека послужи една фасцинантна хасидска приказна: „Еден властелин имал грижа на совест поради направено предавство. Своето покајание можел да го заврши дури тогаш кога некој друг човек ќе му ја раскаже неговата сопствена (онаа на властелинот) историја... Но, тој другиот ја заборава историјата што треба да ја раскаже сè додека посочениот властелин не ја преобрази својата душа во доволна мера за да може да ја чуе... Талмудот вели: ’Во секој дијалог учествуваат три личности’. За обата соговорници оној другиот претставува дупка во којашто тој самиот исчезнува и настанува само како привид, одраз во очилата“.

Иако делумно апстрактна и психоаналитичарска во некои од слоевите, хасидскава приказна има и јасни политички импликации; на некој начин може да се сфати и како приказна за лустрацијата, особено нејзиниот прв дел: твоето лично предавство може да се искупи само ако го раскаже некој друг, а ти во меѓувреме треба да ја преобразиш својата душа...

Талмудскиот заклучок инсистира на присуството на третиот меѓу два соговорника: „Во секој дијалог учествуваат три личности“. Ми се чини дека суштината на политичкиот (па и секој друг) дијалог е токму постоењето на невидливото, на „третото“, на она кое двајцата најчесто го занемаруваат или потиснуваат, преокупирани со сопствените себични позиции... Но, тоа „третото“ не е важно само за себе, туку зашто токму таа „дупка“ („привидот“), всушност, ги втемелува и оние двајцата...

Ќе наведам некои примери и од нам поблиската, балканска митологија. Интересни се разликите што некои културолози ги прават помеѓу „визуелните“ стари Грци, повеќе ориентирани кон сликата, и „аудитивните“ Евреи, повеќе ориентирани кон изречениот збор. На Балканот, се чини, најважното сетило долго време било увото, а не окото. Древните Балканци сметале дека целокупниот разум, па дури и изворот на животот, се крие во увото. Хесиод го искажува стариот мит за видарот Мелампо, кој стекнал пророчка дарба откако змиите му ги излижале ушите. Албанските Геги подоцна ја прифаќаат таа приказна, ја сведуваат змијата на големина на црв и тврдат дека тој живототворен црв, сместен во увото, е придвижувачка сила на животот; кога умира човекот, умира и црвот. Во средниот век популарна била приказната дека безгрешното зачнување на Богородица ѝ се случило во увото.

Увото, се разбира, е и значаен општочовечки симбол. Речиси насекаде постои обичајот да се носат обетки како заштита од урокливо око. Сè до почетокот на 20 век многу јужнословенски девојки околу вратот носеле приврзок или ѓердан направен од фалусни симболи на плодноста и моќта, најчесто во форма на школки, крстови, дрва, раце, скали, петли, орудија и оружја, за заштита од урокливи очи.

Да ѝ се вратиме уште еднаш на политиката. Пак ќе ја спомнам Хана Арент, која во славната книга „Ајхман во Ерусалем“ како суштински недостаток на тоталитарната личност ја издвојува токму неспособноста да го слушне другиот, да се стави во туѓа кожа. Кај Адолф Ајхман, монструозниот воен злосторник, Арент издвојува три карактеристични црти на неговата личност: неспособност да се размислува од позицијата на некој друг; неспособност критички да размислува за себе самиот, што го прави во потполност зависен од „гласот на угледното друштво околу него“; и трето, „оддалеченост од реалноста“, посебно од реалноста на сопствените постапки: „тој просто никогаш не разбра што прави навистина“.

Хана Арент се обиде да даде алтернативи за модерното доба во кое „мислењето и стварноста се одвоени“, така што мислењето останало празно, а управувањето плиткоумно. Како лек против неспособноста да се ставиме на местото на некој друг, таа предложи вежбање на имагинацијата „да оди во посета“. Притоа, треба да се има на ум дека имагинацијата само посетува, но не го окупира местото на другиот. Слободното мислење не смее да ја заборави болката на другите луѓе, ниту од неа да биде страсно водено. Ако туѓото мислење успеваме да го „претставиме во својата свест“, тогаш можеме правилно политички да расудуваме, смета Арент. Тоа не значи идентификување со чувствата на другите луѓе, ниту усвојување на нивното моментно мислење, туку размислување „како јас би се чувствувала и размислувала да сум на нивно место“.

Свесен сум дека живееме во „епоха на празни ангели: сите сакаат да бидат гласници, а ретко кој прави напор да ја прими пораката“. Свесен сум и дека политиката е најчесто бескрупулозна борба. Но, дури и во борба е важна вештината на ослушнување: на противникот, на ветрот, на почвата. Со негување на сетилата не само што сме позаштитени туку и подобро го разбираме светот околу нас. А тоа, дури и за тврдокорните и дебелокожните политичари, треба да биде мотив да се прочепкаат ушите.

П.С.
Дали, значи, на дупнатите души треба да им се дупнат уши? За да се донесат тие одлуки, а и за подобро ориентирање низ „звучниот пејзаж“ во кој живееме, добро би било да го развиваме и концептот на Звучна екологија. Р. М. Шефер (ренесансниот уметник кој компонирал, цртал и пишувал издвоен на својата фарма во канадската природа) во седумдесеттите години создаде интересен концепт, Soundscape - звучен или слушен пејзаж, нарекуван уште и звукосфера или акустичка екологија. Soundscape се сфаќа како критичка, кон слушателот ориентирана анализа на целокупното опкружување. Таа анализа оди потаму од техничката акустика и од заштитата од бучава. Soundscape-от подразбира далекусежна педагогија на сетилото за слух, подразбира интерпретација на звучните егзистенцијални светови и грижа за различните општествени гласови. Во својата култна книга „Звучното подесување на светот“ (1977) Шефер светот го гледа како „звучна композиција и звучен пејзаж“. Музичката и звуковна педагогија, медиумите, социологијата на секојдневието, архитектурата и урбанизмот, антрополошката географија, етнологијата и биоакустиката, се областите кои го допирале Soundscape-от и коишто го менувале.