Размислување на тема: роботи

11.12.2013 05:03
Размислување на тема: роботи

„I’m afraid I can’t let you do that, Dave“ - уште едно страшило од слама. Последиците од грешките од брокер на берза и од мијач на прозорци се исти, независно од тоа дали таму работи човек или робот. Всушност до сега, грешките со катастрофални последици за луѓето беа направени исклучиво од луѓе. Одговорот на тоа е да се „нареди“ работата така, што последиците од Големите Грешки ќе бидат минимални (види Насим Талеб, Антифрагилност).

Вистинскиот и реален ризик е индиректната опасност - губењето на работни места. Технологијата ја менува играта. Веќе не е доволно да имаш „каква-таква“ ама чесна работа. Сѐ помалку има место за работници кои се занимаваат со физички труд, и границата се качува сѐ повисоко и повисоко. Порано машините можеа да заменат многу „попрости“ работници, а сега сѐ посложени и посложени. Прашањето е дали има горна граница на тој тренд. Во меѓувреме, постојано ќе има жртви, кои ќе ги губат своите работни места.

Технологијата не е единствениот причинител на таквиот тренд. Истото го прави и емиграцијата, и евтиниот гастарбајтерски труд.

Затворањето на границите и кршењето на компјутерите не е одговорот.

Малите деца ќе треба да сфатат, дека не е веќе доволно да работиш „што било“ и да очекуваш да имаш достојна заработувачка.

Да речеме дека некое дете во Скопје завршува факултет. Со лош успех. Не го бива. Објективно. Сака да работи на каса во Веро. Но во Веро веќе одамна работат роботи на каса, и не им се исплаќа да вработуваат луѓе (аналогно е и со гастарбајтери, тие работат за помалку). Едно решение е да оди во Велес, да речеме, каде што технологијата не е развиена. И таму вработуваат луѓе на каса во КамМаркет. Животниот стандард е понизок, ама платата е доволна за да се живее - повеќе е од ништо, или од социјално.

Но, после некое време истото ќе се случи и во Велес. И ќе нема повеќе каде да се оди.

Пред многу години луѓето печеле садови од глина. Во тоа време било реално можно, да работиш цел живот како грнчар и да преживееш, па дури и да оставиш наследство. Но, кога денес некој би решил да се занимава со тоа, прво сите ќе му речат дека е ненормален, второ - никој нема да сака да поддржува или издржува економски човек што се занимава со нешто такво. И на никој тоа нема да му биде чудно (што грнчарот не добива поддршка).

Тогаш не треба да нѐ чуди ако после многу години, многу од работите кои сме навикнати да ги работиме денес станат излишни, и нема зошто да го осудуваме идното поколение кое нема да сака да ги издржува тие работи.

Дали ќе завршиме во некое дистописко општество водено од крвожедни капиталисти и роботи?

Па, ајде да видиме. Едно од удобствата кои ни ги донесе технологијата е интернетот. Благодарение на интернетот, денес постојат работни места кои што не би можеле да постојат порано. На пример веб-дизајнери. Уште поважно, персонални компјутери и high-level јазици. Со тоа што компјутерите станаа лесно достапни, а јазиците за програмирање станаа лесно изучливи, денеска во Македонија е силно развиена ИТ индустријата со огромен број на работни места и успешни млади работници и претприемачи. Што е уште поинтересно, ИТ индустријата се развива во земји во кои што другите индустрии со години не можат да се пробијат на некое нормално ниво.

„О, сонце, во што ќе биде твојата среќа, ако ги нема оние за кои светиш?“

Во индустријата на информациските технологии, успехот и развојот на одредена технологија или продукт многу зависат од радоста на луѓето кои ги користат и кои ги создаваат. Чувството дека се создава нешто што ни помага на сите, и работата во заедница со луѓе кои ја чувствуваат истата радост е движечката сила во оваа индустрија. Тоа е и причината, поради која големо внимание се посветува на подобрување на тимската работа, комуникацијата, слободата на изразувањето преку идеи и решенија, и односите кон клиентите во една компанија. Работата над некоја технологија, само заради остварување на профит, во комбинација со игнорирањето на човечкиот фактор во разработката и во користењето на таа технологија е сигурен пат кон неуспех. Притоа, највисоката цел на целиот тој труд би требало да биде: да му се даде на секој човек можност, начин и слобода, да умира во овој живот на тој начин на кој што верува дека е најдобро.

(Пол Кругман - Дали растот заврши?)

Луѓето треба да станат свесни дека креативноста и интелигентните решенија ќе станат основниот личен капитал наместо физичкиот труд, и дека и тие ќе стануваат сѐ потешки и потешки за одржување. Но тоа не значи дека тогаш сите ќе завршиме во депонија од цивилизација... Она што попрво ќе нѐ спопика во јама се некои уназадувачки идеи коишто ја ограничуваат креативноста и индивидуалните слободи во име на некоја изопачена идеја за „општо добро“, која некои ни ја продаваат, и која за жал сите ја примаат...

 

 

Слика: Вил Балас

ОкоБоли главаВицФото