Додека сонцето на ЕУ заоѓа, сонцето на Груевски ќе изгрева!

11.12.2013 04:24
Додека сонцето на ЕУ заоѓа, сонцето на Груевски ќе изгрева!

На две недели пред европскиот самит, кој ќе биде вистински тест дали сонцето ќе изгрее и без датум за преговори за Македонија, Груевски се стави во погон за да прошета низ Европа.

Вели, отишол да ја презентира вистинската слика за Македонија, онаа реформската, напредната, полна со успеси и со среќни граѓани. Во меѓувреме, стандардно за услови кога премиерот и режимот не знаат каков ќе биде исходот од прошетките, односно, само знаат дека сонцето сепак ќе изгрее, ситуацијата на терен со Душа(н) се загрева. Албанци рушат споменици врз етничка основа, Македонците, пак, оти спомениците им се предраги и за нив се подготвени да јадат корења, удрија по пластениците и оранжериите, се разбира, на Албанците.

Со други зборови, сликата за Македонија на терен што Груевски им ја продава на Европејците е едно големо Потемкиново село. Можете да замислите како им раскажува на Европејците за проектите и реформите на хартија, додека Македонија на терен се претвори во авторитарен режим и во мизерна европска периферија. Притоа, како и пред секој важен европски датум, тие неколку денови, Груевски глуми Европеец, додека останатите 350 дена во годината си е нагласен евроскептик, заедно со неговите мегафони, квазиексперти и квазиинтелектуалци.

Но, Груевски овој пат не застана само на личните пофалби и реформски успеси, отиде во Европа и за да им одржи лекција по „владеење на правото“, да морализира за двојните аршини на ЕУ и, нормално, да ја критикува Грција како виновник за нашата евроинтеграциона блокада. Груевски, кој стана симбол за рушење на правниот и на уставниот поредок, дели лекции како меѓународното право требало да се почитува?!

Јасно ми е дека оваа дрскост произлегува од толеранцијата на ЕУ, од нејзините погрешни перцепции и политики кон Македонија и веројатно, во голем дел однесувањето на Груевски е охрабрено и од примерот на Орбан, па според Груевски, зошто ЕУ не би интегрирала уште еден диктатор?!

Во целата негова небулозна европска прошетка, Груевски како докажан покераш, уште еднаш понуди блеферско решение за спорот со името. Откако седум години го лаже светот дека ќе најде решение, сега излезе со идејата дека Унијата не требало да чека повеќе за да ги почне пристапните преговори, оти отворањето на преговорите ќе претставува катализатор за решавање на прашањето за името. Туше!

Две работи се повеќе од јасни, никој нема да ги купи овие евтини трикови на Груевски, а Македонија ќе се прости од ЕУ на подолго време. Но, како што вели Груевски, сонцето ќе си изгрее исто како и порано и реформите ќе продолжат, а граѓаните на Македонија ќе си останат со полно споменици и со празни стомаци.

Во целата оваа катастрофа не знам што е потрагично, дали нашата заблуда дека Европа не разбира што се случува со Македонија, како што тврди Фрчкоски или пак свеста на малкумина дека искрено на Европа повеќе и не ѝ гајле. Добро знаат во ЕУ дека ова што Груевски го продава како реформи е всушност градење и цементирање на еден авторитарен режим. Штетата е во нивната процена дека токму Груевски и овој национал-популистички режим мораат да го решат името. Можеби, денешната трагедија на ЕУ е што и свесно би прифатила еден лудак каков што е Груевски сѐ додека се држи до својата режимска ефикасност.

И Груевски е во право за една работа околу почитување на правото, но не во насока дека ние сме жртвите, туку дека како и во случајот со една Унгарија, така и во случајот на Македонија, ЕУ не ја интересираат демократските стандарди. Да беше Европа политичка унија, Унгарија до сега ќе беше исфрлена од ЕУ. Да ѝ беше гајле на Европа за демократските вредности на терен, до сега Македонија ќе беше под интензивен мониторинг и блокада, како што вели Фрчкоски. Што значи, не е дека Европа не сфаќа, едноставно, Европа не ја интересира, а тоа што навистина не сфаќа, е дека незаинтересираноста за демократијата и почитувањето на правото, евентуално ќе отиде и на нејзина штета.

Груевски добро проценил уште еден аспект од Унијата, кога вели дека не треба да се заборави дека суштината на Европската унија не се блокадите, туку мирот, развојот и просперитетот, како водечки идеи на татковците-основачи. „Не треба да се заборави дека ЕУ не постои само за условеност и регулирање, туку дека Унијата е политичка идеја и мировен проект, кој не може да се заврши без интегрирање на сите земји од балканскиот регион, како историско огниште на Европа.“ Тоа што Груевски сака ја изврти работата во своја полза, ништо помалку не ја намалува точноста на декларираните принципи кои Македонија бара да се почитуваат од ЕУ, без самата да ги почитува истите.

И знаете што, Македонија денес е дел од Европа, но е дел од една тажна Европа каде се во пораст национал-популистите или истоимените режими. Фактот што повеќето такви режими сѐ уште се надвор од Унијата и гравитираат околу неа, додека во самата Унија таквите движења сѐ повеќе добиваат на сила, во најмала рака е последен аларм за да се смени сегашниот курс на ЕУ. И кога би се менувал, треба да се почне и од оваа режимска Македонија.

Не е во ред целата состојба со ЕУ, затоа и едно искомплексирано диктаторче си дозволува да си поигрува со Европа, додека нам ни го загорчува животот. Не е во ред Европа која денес се претвори во синоним за некакви економски правила и регулации, наместо да биде синоним за надежи и можности. Додека Унијата не размислува да се надгради политички „од горе“, гледаме како никнуваат разноразни режими кои полека ги еродираат заборавените идеи и вредности на Унијата. Затоа и има инверзија на вредностите и моралот, затоа што кога Европа не ги почитува, токму режимлиите ќе ѝ држат лекции што е според нив демократија и што се европски вредности.

Трагично е што економијата остана единствениот разбирлив јазик во Унијата, додека кршењето на човековите права и демократијата во Унгарија или во Македонија поминуваат тивко и без реакција, се крева врева и веднаш се санкционираат и најмалите нерегуларности во билансите на земјите членки. Ништо не е пострашно од тажната антиевропска реалност, дека политичкиот и демократскиот сон на Европа, се претвори во економско-сметководителски кошмар. Се жалиме на нашите и на европските режимлии и популисти без да сфатиме дека колку што тие треба едно утре да одговараат за сопствената неодговорност, подеднакво се одговорни и некои европски државници кои се претворија во обични нотари, сметководители и калкуланти.

Ете, ако за ваква евроинтеграција зборуваме, ако ваква Европа треба да го оценува или контролира режимот на Груевски, тогаш Груевски можеби и не лаже дека евроинтеграциите се стратегиска определба на неговиот режим. Затоа, уште еднаш да ве потсетам, дека ако чекаме од кого било да ни помогне во соборување на овој режим, опасно сме се зезнале. Сѐ додека сонцето за Европа и понатаму заоѓа, за Груевски и понатаму ќе изгрева.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото