Скаменет крик

12.12.2013 10:05
Скаменет крик

Скопје - 26 јули 1963 / 2003

Над ГРАДОТ РОДЕН
СОНЦЕТО не изгреа -
АПОКАЛИПСА...

Сè се урива -
во миговна прокоба
молкна славејот...

СТАНИЦАТА и
пет и седумнаесет -
вековно простум...

СМРТТА за сите
е еднаква... и исти
црнила носи...

Мајко ле! Само
темели останале
од нашиот дом...

Ме гуши врескот -
ама во болот нема
ни глас ни одглас!

Генерацијо -
има ли друго место
што ќе нè збере?

Низ болот верба:
од камен ГРАДУ НАШ
ќе блеснеш - Феникс!


Бдение или сновидение

Ако Вардар нè
разделил на два брега -
има мостови!

На Мостот: пудла
в раце на една дама;
... и дете - питач!

Минаре - вишнеж...
Кале - камен врз камен...
Свети Спас - копнеж...

САРКОФАГ - мермер -
девствена белина и
ЗАВЕТЕН пламен...

Не се знае кој
редум ги скршил сите
канделабри... Мрак.

Фенеров да го
запалам - на ден пладне -
човек да најдам!

Чаршијата и
занаетите стари
си пропаѓаат...

Кувенџија и
лимар и казанџија -
Чук-чук! На врата...

Папуџија и
ќурчија и опинчар -
дуќан до дуќан...

Дуќаните без
ќепенци и катанци -
зинале празни...

Низ калдрмата
тропкаат наланчиња -
моминска песна?

Небаре - в црква
коленичејќи - молкум
калдрмисале...

Веќе ја нема
ни старата калдрма -
сал сиве плочи...


Камносан Феникс

Со скаменет крик
од камен се извиши
камносан Феникс!

Багреми бели
и липи расцутени -
украс на ГРАДОТ!

Јас остарена
спроти Твојот лик стојам -
а ТИ - вечно млад!

(Македонското радио, 26 јули 2003, гласот на Симон Беличанец)

ОБДЕНИЦА -
пет и седумнаесет -
утринско кафе...

Бистрица Миркуловска (1930) е поетеса, македонистка, раскажувачка, писателка за деца и преведувачка. Завршила Филозофски факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје и постдипломски студии од областа на македонистиката. Работела како професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Била лектор по македонски јазик и литература на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка Република. Член на ДПМ од 1971 година. Автор е на книгите: Цвеќенца (поезија за деца, 1960), Градинче (раскази за деца, 1962), Првачиња (поезија за деца, 1972), Празнични виделини (поезија за деца, 1979), Виножито (раскази, 1979), Сите деца мили (поезија, за деца, 1982), Ѕвездена (бајки, 1986), Виделина (бајка, 1989), Клучарчиња (роман за деца и млади, 1992), Прекршен лет (поезија, 1996), "Kdyz kvetly kastany" (Кога цутеа костени) (поезија, Брно, 1997). Добитник е на „Потокарова повелба“ на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија за преводи од словенечки на македонски јазик.

Извор: Скаменет крик; Дијалог, 2005

ОкоБоли главаВицФото