Претседателот Цар Душан

13.12.2013 09:55
Претседателот Цар Душан

Општеството во коешто живееме повторно беше доведено до меѓуетнички тензии и непотребни „големи“ полемики. Сето ова неколку месеци пред започнување на предизборната кампања за претседателските избори за коишто е предвидено да се одржат во март 2014 година. Омразата и несогласувањата се рефлектираа на социјалните мрежи, кои меѓу другото кај нас служат за зголемување на омразата и мобилизација на граѓани само за протести и собири коишто имаат националистички мотиви.

Нашето општество не така лесно ги апсорбираше тензиите коишто во минатото ги создаваше дневната политика. Не успеа да изгради одбранбен механизам со којшто ќе ги детектира и ќе ги анулира барем на некое микро ниво проблемите во кои општеството се втурнува. Овој пат Цар Душан си ја заврши работата, тој си ја исполни целта, имено, политичките партии си ги бројат заслугите за добро одиграната претстава. А граѓаните (Албанци и Македонци) пак останаа раскарани, нивната омраза се продлабочи и сега имаат уште по една причина зошто да го мразат другиот (Македонецот или Албанецот) како „член“ на спротивниот табор.

Од оваа „збрка“ профитираа не само партиите коишто се во постизборна коалиција (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) туку и партијата на Иван Стоиљковиќ, односно Демократската партија на Србите во Македонија којашто е во коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Таа на изборите би имала добра причина зошто би го побарала гласот на обичниот граѓанин Србин. Нели, го поставија Царот. Претставникот на Албанците во владата (ДУИ) од друга страна добива со тоа што пред очите на Албанците се појавува како заштитник на етничките интереси на Албанците, сметајќи дека поставувањето на Цар Душан е навреда за Албанците на овие простори. Пратениците на ДУИ наутро ги гласаат законите за поставување споменици, а навечер како „загрижени граѓани“ одат да ги рушат. Истите не се санкционираат од надлежните органи и институции (МВР, Јавен обвинител, суд). Иако оштетен, Царот продолжува да си го држи местото на мостот Око. Без разлика на тоа секој си ја праќа пораката. И Стоиљковиќ пред Србите со споменик и Ахмети пред Албанците во улога на заштитник на албанските интереси.

Во овој случај добива и ВМРО-ДПМНЕ. Тие од овој настан умешно и мудро добиваат поени, рејтинг. Тие си создаваат кредибилитет да побараат глас пред гласачите Македонци глас на следните избори, било тие да се претседателски, било да се парламентарни. Заклучокот следува – ќе им требаат повеќе од 60 пратеници. Со нив ќе го победат внатрешниот непријател кој го разјадува македонското политичко, правно и национално ткиво. Тој внатрешен непријател ги девастира и македонските национални интереси. Користејќи ја оваа реторика, Македонецот се чувствува во ситуација којашто е субординирана, тој бара супериорност.

Така национализмот се истура на еден мошне идиличен начин, тој се разлева низ сите пори и по сите подрачја на општествениот живот во Македонија. Граѓаните во Македонија сѐ уште остануваат робови на дневнополитичките пазари коишто се очигледни, провидни, прости пред сѐ. Никако не се проникнува до коренот и замислата на овој вештачки создаден проблем. А до неа ќе се проникне ако се погледне ефектот. Ефектот е омраза и тепачки по автобуси кое за мнозина (родители и семејства) претставува живот во страв за своите деца.

На крај, што правиме со сиромаштијата? Зошто никој не зборува за неа?

Извор: solidarnostblog.wordpress.com