Украдени последните две чешми од Музејот на Македонија

13.12.2013 10:30
Украдени последните две чешми од Музејот на Македонија

Чешма од македонски музеј, XX век

 

Скопје, 13 декември 2035

Последните две преостанати чешми од тоалетите во Музејот на Македонија пред два дена, доцна навечер, биле украдени заедно со една квака од една од ретките врати во Музејот. Кражбата ја забележал чуварот во Музејот околу пладне, откако добро се наспал.

„Загрижува оваа тенденција на пустошење на македонските културни институции. Преку тоа што повеќе нема експонати во музеите некако може да се премине, но чешмите мора да се зачуваат. Без вода нема живот, а хигиената е половина здравје“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Таа додава дека и покрај тажните случаи на кражба на чешмите, грижата за состојбата во музеите е подигната на повисоко ниво, бидејќи овој пат точно се знае што е украдено.

„Ако порано не се водеше сметка за евиденцијата и точните податоци за бројот и видот на експонатите, сега знаеме дека се украдени точно една квака и последните две преостанати чешми во Музејот на Македонија, што е за поздравување“, вели министерката за култура.

Од полицијата стравуваат дека кражбата во овој музеј не е единствена и дека останатите музеи исто така претрпеле важни загуби.

„Од Етнолошкиот музеј велат дека не можат да најдат две тетратки и три пенкала, од Музејот на град Скопје се пожалија дека им фалат две чергичиња за бришење нозе и три виледа крпи, а во Музејот на современа уметност веќе три недели не можат да ја најдат фиоката во која стоеле две кесички со кафе и една полуизедена кутија локум“, соопшти министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и најави темелна истрага за да се утврди дали и овие предмети се украдени или само затурени некаде.

Неофицијално, од висок функционер од полицијата кој сакаше да остане анонимен, дознаваме дека е украден и чуварот од Музејот на Македонија и никој не знае каде се наоѓа тој. Наводно, МВР ја чува оваа информација во тајност, во интерес на истрагата.

Едно од решенијата за катастрофалната состојба на Музеите во Македонија за кое размислува власта е нивно претворање од музеи во музејски експонати. Во Министерството за култура активно се расправа за градење на нов музеј со име Музеј на музеите, во кој ќе се сместат парчиња од ограбените музеи, како експонати од едно старо време. За оваа цел, старите музеи треба да бидат урнати и демонтирани.

Доколку не бидат пронајдени чешмите и кваките од вратите од ограбените музеи, најверојатно во новиот Музеј на музеите ќе бидат претставени нивни реплики.