Заробени во ерата на фетусот

13.12.2013 10:57
Заробени во ерата на фетусот

За неколку дена се навршува една година од црниот понеделник, дента кога власта го покажа своето режимско лице пред целата македонска, па и светска јавност.

Многумина имаат тенденција тој ден да го опишуваат како најцрн за македонската демократија, за нашиот Устав и нашите државни институции, пред сѐ за Собранието, но ништо помалку и за институциите на слободната информација, какви што се медиумите.

Јас, пак, обратно, мислам дека тој ден беше најсветол, затоа што на 24 декември дефинитивно паднаа сите маски, се објективизираше режимот и тесната олигархија и барем на кратко, се роди Отпорот како конфликт заедно со надежта за можно ослободување.

Едноставно, настрана што подоцна се покажа сета наша неподготвеност тој процес да го истераме до крај, она што треба да се цени е топичниот момент на чувството, на можноста, за излез од сивилото, на можноста заеднички да надминеме нешто погрешно, па макар и во практична смисла да било само илузија дека режимот е надминлив или е нешто веќе надминато.

Гледате, 24 декември и нашиот процес на апсолутен конфликт со режимот идејно е ненадминат, неоспорлив, токму затоа што во еден момент вроди со свеста дека режимот е надминат, дека неговото време е завршено. Се разбира, во реалноста работите не секогаш одат како што сме замислиле или како што самата реалност налага, но факт е дека на 24 декември, речиси сите сфативме дека режимот е веќе застарен, дека е испразнета рамка без вредна слика и дека е редно некој револуционер да ја симне од ѕидот и да ја искрши.

Ете, по една година ни останува само тажното чувство дека сме поглупави од минатата година, помирни и помирени со застарениот режим, дека живееме нешто надминато, дека мора да живееме со нашите сознанија кои не знаеме или не сакаме да ги претвориме во промена.

Токму затоа, ниту еден неуспех не може да го смени тоа што го знаеме, не може да ја елиминира идејната рецептура како овој режим треба да се сруши, но, и тоа како може да нѐ смени нас, односно, да нѐ направи да си останеме исти или уште полоши од тоа какви што бевме и пред црниот понеделник.

Затоа и велам дека денес, или еве, овие последни 365 дена, ние сме полоши, уште поиздресирани, уште потивки, уште поподготвени да ги прифаќаме компромисите на олигархијата, да ја прегрнеме пацификацијата како догма, да бидеме мирни и да го одржуваме мирот во гробницата наречена Македонија.

Гледате, овој текст не е за егзалтирање на Отпорот или на револуцијата, туку напротив, за потенцирање на нашата вродена македонска карактеристика, да ја убиеме, да ја поништиме секоја можна промена на подобро, да не истраеме, да потклекнеме, да се помириме.

Режимот е како пост мортем дигестија, толку е силна инерцијата на режимот и неговата контрола, толкава е заробената енергија што буричка во неговиот желудник и црева, што иако идејно и вредносно е мртов, тој и понатаму нѐ вари и преварува.

Таков е груевизмот, мртво тело во тивка просторија чие тажно кркорење ќе го слушаме уште многу долго време. И пред некое време предупредив од таа појава, дека доколку не се промениме еднаш за секогаш, груевизмот засекогаш ќе живее со нас и во нас, а единствен начин да се откупиме, е цел живот, засекогаш, да се бориме со него.

Од стомакот на Македонецот сѐ може да се роди, но никогаш да порасне, да се надмине, да прерасне во нешто позитивно и здраво. Затоа и велам, и по груевизмот, од нас може да се изродат уште полоши груевисти.

Притоа, една работа морам да нагласам, затоа што знам да бидам премногу општ во моите судови. Многу луѓе никогаш не се помириле и никогаш не потклекнале, многу други луѓе се освестија токму по 24 декември.

Но, не можам да го надминам чувството дека кај нас не постои вистинска свест дека промените не можат да бидат резултат на некаква спонтаност или народност, како да недостасува свест дека ни треба политички процес и водство или, пак, е пресилна свеста дека во моментов такво политичко водство немаме.

Но, што и да е поточно, пак сме на погрешен пат. Нас свеста и сознанијата за одредени процеси не нѐ водат во насока на нивно остварување, туку како што и објаснувам, нѐ туркаат во натамошно отапување и изведување погрешни заклучоци. Или да бидам појасен, нѐ прават поблиски до тоа против што наводно се бориме, а од нашиот антигруевизам и антирежимизам, зборот „анти“ е безгласен, па сѐ што на крајот ни останува се груевизмот и режимот.

Просто кажано, се доведовме во таа неблагодарна ситуација да сме попаметни од реалноста која ја живееме, но да сме уште поглупави во соочувањето со постојната реалност.

Постои една многу интересна метафора која ја прочитав пред некое време и која одлично ја опишува таа наша историска скараност помеѓу она што мислиме дека е паметно и потребно и она што навистина потоа го правиме. Или, зошто секогаш се враќаме на лудилото и заостанатоста, на лажните вредности и идеи, зошто никогаш не знаме да пораснеме? Во тоа не успеавме ниту по нашето осамостојување, тоа уште помалку ќе успееме денес под режимот.

Тоа е затоа што Македонецот не се раѓа и не расте, тој и неговите идеи остануваат секогаш во состојба на фетус, задавени од сопствената папочна врска. Дури и кога нешто ќе добие зародиш, било позитивно или нешто погрешно, како што е режимот, еве, гледаме дека е само мртво тело. Проблемот е што сите ние ја немаме храброста или знаењето еднаш засекогаш да се родиме, да излеземе од таа лажна заштита на недораснатоста, благодарение на која си се тешиме со стабилноста што полека но сигурно нѐ уништува.

Затоа што еднаш кога пак навистина ќе се родиш, тогаш повеќе не можеш да се криеш, не можеш да бегаш од твојата лична или колективна одговорност. А, ние уживаме да бегаме од одговорноста, власта ужива да бега од одговорноста, режимот е мртво тело кое имитира живот преку неодговорност. Впрочем, режимот е нашето најголемо враќање во состојба на фетус, негово мртво и лажно раѓање и потоа реално и тажно кркорење на неговите промашени идеи.

Затоа, 24 декември е за мене светол ден, но сѐ по него е тажно. Имавме шанса да се родиме повторно, да се роди нешто автентично и правилно, но во првата шанса го убивме плодот и се вратиме во стомакот. Режимот е опасен затоа што може вечно да нѐ држи во таа состојба на фетуси, на неродени, да прави кризи и да измислува стравови, да глуми лажни породувања и епифании, само за да бидеме мирни во неговата утроба.

Идејата за вистинското раѓање останува, идејата дека треба да заврши ерата на фетусот. Дека конфликтот треба да се врати, дека нема повеќе помирување со режимот и со неговите интереси. Ете, ако само еднаш одбереме да бидеме целосни, тотални во потрагата и намерата да пораснеме, повеќе нема да гниеме уште во самиот зародиш.

Слики: Свирачиња