50 години обнова и изградба на Скопје (2)

14.12.2013 14:31
50 години обнова и изградба на Скопје (2)

Кензо Танге: Конкурсното урбанистичко решение за центарот на Скопје (1967); макета на делот со Железничката станица и Градската порта

Во конкурсните планови на југословенските архитекти од 1965 година за централното градско подрачје на Скопје (1965) многу подобро се разработени проблемите поврзани со содржините на центарот, социјалните и техничките прашања, како и со реализацијата. Сепак, за победник е прогласен афирмираниот јапонски архитект Кензо Танге (1913-2005), чија основна идеја нуди компактна изградба и релативна изолираност на градскиот центар. По периметарот на центарот е предвидено создавање на Градски ѕид оформен со повеќекатни блокови. На влезот се предлага висински акцент создаден од група кули, кои би требало да ја оформат портата на центарот. До неа се доаѓа од железничката станица, која денес, според проектот на Кензо Танге, веќе е изградена како дел од првата фаза на идниот Транспортен центар.

Конкурсната идеја на Кензо Танге за централното градско подрачје е разработена и доведена до фаза на реализација од страна на група македонски архитекти. Тие ја создаваат т.н. деветта варијанта на планот, во која се вградени повеќе квалитетни елементи и од останатите конкурсни решенија, а најмногу од Кензо Танге и од Едвард Равникар.


Урбанистичкото решение за центарот на Скопје (1968): шематски приказ на синтезната верзија

 

Во рамките на центарот подоцна се изградени нови општествени објекти со разновидна намена, големина и облик, а особено со различни архитектонски изрази. Поради тоа, може да се каже дека и покрај релативно големата дисциплина, во реализацијата на планот е испуштена можноста за интегрално обликување на центарот на Скопје.

Во тој период, надвор од градскиот центар, на ридот Гази Баба се подига првата фаза од Природно- математичкиот факултет (1965), според проектот на Едвард Равникар (1907-1993), реномиран словенечки архитект, урбанист и професор. Овој објект со своето решение, во чија симетрала се наоѓа влезната партија и амфитеатарот, наликува на огромна птица вгнездена на врвот од ридот.


Едвард Равникар. Природно-математичкиот факултет, Скопје (1965). Основа и изглед.

 

Славко Брезоски (1922-) го продолжува своето мајсторско творештво, започнато во претходниот период, при што се зафаќа со решавање и на позначајни урбанистички зафати. Тој е еден од осумтемина повикани автори заедно со проектантскиот тим на Македонијапроект да учествуваат на конкурсот за Урбанистички план за централното градско подрачје на Скопје (1965). Во концепцијата на овој план e направена една своевидна интерпретација на композицијата од Капитолот во Бразилија.

АРХИТЕКТОНСКИ РЕАЛИЗАЦИИ

Во следната година, Брезоски се зафаќа со проектирање на Соборниот храм Св. Климент Охридски (1966, осветен 1990 г.), сместен на една несоодветна локација меѓу два булевари. Со долгогодишната изградба на храмот се направени голем број отстапувања од првобитниот проект, така што до израз доаѓа некомпатибилниот спој на релативно модерниот архитектонски концепт со оној на традиционалната црковна иконографија.


Славко Брезоски: Соборниот храм Св. Климент Охридски, Скопје (1966, осветен 1990)

 

Трајко Димитров (1930-), кој своето творештво го има отпочнато со примерното функционално и обликувано решение на Домот на културата Кочо Рацин (1959, урнат 1963 г.) создаден под влијанието на интернационалниот стил, во овој период употребува комбинација од геометриски расчленет натур-бетон и фугирана тула. Тоа најнапред е видливо кај раздвижените волумени на Природонаучниот музеј (1968), а потоа кај покриениот пливачки базен Младост (1978). Во исто време Трајко Димитров создава и неколку значајни училишни и спортски објекти, што постепено станува негова потесна стручна специјалност.


Трајко Димитров: Базенот Младост, Скопје (1978).

 

Слично комбинирање на натур-бетон и тула употребува и Никола Богачев (1933-1969) при обликувањето на училишните објекти во Скоје, како што се Осумгодишното училиште во населбата Карпош IV (1968) и гимназијата Орце Николов (1969), подигната во соработка со Александар Смилевски. Таквата постапка ја применува и Слободан Здравков (1931-) кај гимназијата Раде Јовчевски-Корчагин (1968). Комбинацијата на натур-бетон со тула, но во една подинамична просторна композиција, пред тоа веќе е применета кај гимназијата Јосип Броз Тито (1966) од В. Ладинска, Ж. Гелевски и С. Ѓуриќ.

Кон првиот дел

Извор: ПОРТА 3

ОкоБоли главаВицФото